Достапни линкови

Датумот за избори и натаму неизвесен, партиите преговараат


Претседателот на ДИК Оливер Дерковски за РСЕ вели дека за организирање избори се потребни 35 до 50 дена. Во меѓувреме ниту од СДСМ ниту од ВМРО- ДПМНЕ не одговараат на новинарски прашања како течат преговорите за датум за избори. В сабота истекува вонредната состојба во државата, а дотогаш партиите треба да се договорат кога би се одржале изборите.

Политичките партии очигледно продолжија со преговорите за датумот за избори во пресрет на истекувањето на важноста на вонредната состојба в сабота. Ова го потврди вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи кој на денешната прес конференција истакна дека треба да се почекаат неколку денови за да се види како ќе се одвиваат партиските консулатации и епидемиолошки трендови. Тој истакна дека здравјето на граѓаните е пред било кој општествен процес, но дека темата избори се наметнува.

„Затоа што ние сме уникатен пример во светот, кој во тек на пандемија нема функционален парламент по ничија вина. Затоа што се распушти Собранието со намера да имаме избори на 12 април. Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања во смисла на собири и средби со граѓани не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги обавуваат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има во предвид при донесувањето на конечната одлука. Датумот треба формално да го потврди претседателот на Собранието изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите на 12 април“, одговори на новинарско прашање Османи, на денешната прес конференција.

Во меѓувреме ниту од СДСМ ниту од ВМРО- ДПМНЕ официјално не одговараат на новинарски прашања како течат преговорите за датум за избори.

Ова следува откако вчера еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на својот официјален твитер профил напиша дека разговарал со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на кои им ја нагласил „важноста за слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување“.


Според Османи телефонскиот разговор на Вархеји со Мицкоски и Заев за изборите смета дека не е надворешна медијација туку дека станува збор за внатрешно посредување бидејќи земјава веќе е внатрешно прашање на ЕУ.

Османи: Вархеји посредува бидејќи сме внатрешно прашање на ЕУ

„Како некој внатре во државата да посредува помеѓу партии или институции така ја разбирам улогата на комесарот Вархеји. Добрдојдена е тој вид на медијација и се надевам дека партиите ќе смогнат сили да постигнеме консензус“, изјави Османи.

Деркоски: За организирање избори се потребни 35 до 50 дена

Со последната владина одлука за продолжување со изборните активности не се согласува претседателот на државната изборна комисија Оливер Деркоски. Владата вчера одлучи МВР да започне со ажурирање на податоците и во рок еден ден до Државната изборна комисија да достави листа на граѓани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта во периодот по распишувањето на изборите. МВР дополнително треба до ДИК да достави и листа на граѓани кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите односно како што се вели во владината уредба до 22-от ден од престанокот на траењето на вонредната состојба.

Со ова одлука на Владата, Државната изборна комисија и државниот завод за статистика се должни да го стартуваат ажурирањето на избирачкиот список, процес кој беше стопиран на 21 март годинава со воведувањето на вонредната состојба.

Деркоски вели дека како претседател на ДИК не може да ја коментира уредбата затоа што таа сè уште не е објавена во службен весник и не стигнала до ДИК. Но, тој додава дека и натаму не го менува неговиот личен став.

„Јас се уште стојам на мојот став дека треба изборниот законик да се почитува и дека треба да се испочитуваат роковите кои се однесуваат и на избирачкиот список и сите други дејствија,тоа значи дека најмалку 35 дена а најмногу 50 дена се потребни за да се организира еден изборен процес почитувајќи ги законските одредби од изборниот законик, “ вели Деркоски за РСЕ.


Власта со новата уредба подготвува терен за веднаш по прекинувањето на вонредната состојба да се овозможат услови за продолжување на започнатиот изборен процес, односно изборите да се одржат 22 дена по прекинот на вонредната состојба. Но, во меѓувреме неизвесно е дали претседателот Стево Пендаровски ќе прогласи нова вонредна состојба со оглед на фактот дека во изминативе денови бројот на новозаразени од коронавирусот дневно се движи околу 100.

Нема најава за нова лидерска средба кај Пендаровски

Сè уште нема никаква најава за можна лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски околу можни преговори за одредување на датумот на изборите, велат од неговиот Кабинет за Радио Слободна Европа.

Кај претседателот Стево Пендаровски во изминатиот период се одржаа две лидерски средби, но не беше постигнат договор за датум за избори.

Датумот за избори – причина за кавга меѓу партиите

Растот на бројот на заболени од ковид-19 беше една од причините за досегашниот прекин на комуникацијата меѓу власта и опозицијата околу можниот договор за датум за избори. Опозицијата инсистира тие да се одложат поради ситуацијата со пандемијата, а владејачката партија инсистира на брзи избори со образложение дека на земјата и се потребни институции со полн капацитет.

За владејачката СДСМ – прашањето кога ќе се одржат изборите е решен проблем, на 22 дена по прекинувањето на вонредната состојба. Од опозицијата пак, до сега велеа дека ставовите за датумот за избори не се доближени и дека и натаму остануваа на своите ставови оти здравјето на граѓаните е најважно и декана преферираат евентуалните избори да биде гарантирано присуството на меѓународната мониторинг мисија на ОБСЕ/ОДИХР и други меѓународни претставници.

Во вчерашното владино соопштение беше наведено дека техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев кој доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласал против уредбата со која се активира продолжување на изборните активности.

Министерот без ресор задолжен за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во име на Владата изјави дека на денот на изборите кога и да се случи, здравјето на гласачите ќе биде максимално заштитено со протокол кој ќе биде изработен ќе ги има предвидено сите превентивни мерки за одбегнување на ризиците.

Изборите првично беа закажани за 12 април, а парламентот се распушти на 16 февруари, но поради пандемијата на коронавирус изборите беа одложени, а на 18 март беше прогласена вонредна состојба од 30 дена, која од тогаш се продолжува.

Во текот на утрешниот ден или задутре владата ќе донесе одлука дали ќе предложи продолжување на вонредната состојба, изјави денеска Османи. Како што посочи тој, денеска и утре ќе се следи состојбата со вирусот, по што ќе биде донесена одлука дали да се предложи нова вонредна состојба до претседателот Пендаровски во пресрет на истекувањето на рокот на последно прогласената, в сабота.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG