Одложувањето на домашната платежна картичка, како помош за граѓаните за справување со корона-кризата, за дел од аналитичарите е знак дека ќе биде продолжена вонредната состојба и изборите ќе бидат одложени, додека други воопшто не ја поврзуваат со изборите. Вонредната состојба завршува в сабота и ако не биде продолжена, изборите треба да се одржат на 5 јули.
Владините претставници инсистираат на изборите на 5 јули, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи, со образложение дека нема услови поради пандемијата на коронавирус.
Платежните картички за купување на домашни производи требаше да им се достават на невработените и на граѓаните со ниски примања до 3 јули, а ако нема продолжување на вонредната состојба, предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 5 јули. Владата соопшти дека издавањето на картичките ќе доцни две недели и граѓаните ќе ги добијат најдоцна до 18 јули. Тоа кај критичарите на власта создаде сомнежи дека изборите ќе се одложат за 19 јули и оти се калкулира со издавањето на картичките.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека рокот се продолжува за банките да може да ги изработат сите 325 илјади картички. Беше предвидено банките да ги добијат списоците со граѓаните за кои треба да се изработат картичките порано, но проверката на обемните податоци за граѓаните од институциите се продолжи за неколку дена, рече таа. Ангеловска најави дека првите изработени картички ќе почнат да се делат од другата недела, а процесот ќе заврши до 18 јули. Парите ќе може да се потрошат до 15 август.
Социјалните случаи и активните баратели на работа кои лани оствариле ниски приходи ќе добијат картичка со 9 илјади денари, вработените кои од јануари до април заработиле под 60 илјади денари, ќе добијат картичка со 3 илјади денари, исто како и учениците и студентите кои имаат меѓу 16 и 29 години. Здравствените работници ангажирани во борбата против коронавирусот ќе добијат 40 отсто од платата. Граѓаните со оваа мерка ќе добијат вкупно 28 милиони евра.
Политичкиот аналитичар Александар Даштевски вели дека се работи за предизборен поткуп.
„Неспорно е дека се темпира со датумот за изборите. Гледате дека сега има 125 заболени и 7 мртви, значи состојбата оди на полошо и најверојатно на седницата в петок ќе се продолжи таа вонредна состојба. Најверојатно изборите ќе бидат на 19 јули, значи картичките ќе се поделат точно до денот пред гласање“, вели Даштевски.
Од друга страна, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека се работи за коинциденција.
„Прво, не верувам дека калкулира зашто картичките беа најавени во период кога владата инсистираше за избори на 21 јуни, а картичките беа најавени за јули. Така што не би ги поврзувал тие прашања. Можеби има коинциденција“, вели тој.
Во меѓувреме, владата продолжува со плановите за избори на 5 јули и вчера донесе уредба за ажурирање на избирачкиот список согласно тој датум.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера соопшти дека разговарал со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на кои им ја нагласил „важноста за слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување“.
Кај претседателот Стево Пендаровски во изминатиот период се одржаа две лидерски средби, но не беше постигнат договор за датум за избори.
Изборите првично беа закажани за 12 април, а парламентот се распушти на 16 февруари, но поради пандемијата на коронавирус изборите беа одложени, а на 18 март беше прогласена вонредна состојба од 30 дена, која од тогаш се продолжува.
Платежната картичка за купување на домашни производи за граѓаните погодени од кризата предизвикана од пандемијата е дел од третиот сет економски мерки за помош на фирмите и граѓаните за справување со кризата. Вкупно се предвидени над 550 милиони евра за економска помош за справување со кризата.