Достапни линкови

Јанушев - И бојкот е во игра, но верувам дека ќе се договориме за избори


Јанушев – Заев оди со глава во ѕид
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:56 0:00

Јанушев – Заев оди со глава во ѕид

Сите можности нормално е дека се разгледуваат, но јас искрено верувам дека тоа нема да се случи, дека сепак ќе се најде начин со консензус да се договори датумот на кој ќе се одржат изборите, вели Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Јанушев, велите СДСМ сака избори сега надевајќи се на помал изборен пораз поради помалата излезност, бидејќи луѓето би биле во страв од коронавирусот. Може ли да ја објасните оваа теза. Сметате дека вашите потенцијални гласачи ќе се исплашат и нема да излезат на гласање, а тие на СДСМ не?

По дефиниција во политичката наука изборите секогаш ги добива политичката партија која што ќе ја има наклонетоста на неопределените гласачи во едно општество. Исто така во политичката теорија, па и од искуството што сме го имале во сите изборни процеси, па и во Република Македонија е дека најголем дел или добар дел од неопределените гласачи ја поддржуваат опозицијата, а ако на тоа го додадеме и сè она што се случуваше изминатите повеќе од три години од страна на оваа влада предводена од СДСМ и Заев, тогаш можеме да додадеме и некој процент повеќе во однос на ова што го кажувам. Многу е комплексна ситуацијата. Избори во јуни не може да има и тоа не заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го кажува тоа или водење на инает, едноставно законот и роковите што се пропишани во Изборниот закон не го дозволуваат тоа и затоа напоменувам неколку пати – Ова што сега го прават Заев и СДСМ е одење со глава во ѕид. За каков консензус правиме муабет кога тој поставува ултиматум и се заканува и тоа со датуми кои согласно со закон не се возможни да имаме избори, напротив се обидува тоа да го правда по завршувањето на вонредната состојба ќе постапувале согласно закон, па ако постапува согласно закон и Устав е невозможно да се одржат избори на 21 или на 28 јуни.

Да ве вратам на објаснувањето на тезата со неопределените гласачи коишто ја поддржуваат опозицијата, тоа значи дека вие сметате дека ставот од евентуално ширење од заразата на гласачкото место ќе влијае врз неопределените гласачи, а не врз партиските членови?

Влијае врз сите, но она што сите го знаеме во државата, особено оние што се занимаваат со политики и правеле анализа на изборите е дека ВМРО-ДПМНЕ за разлика од која било друга партија, вклучително и СДСМ, има многу постабилно гласачко тело. Но, она што е најбитно од сè – не можеме ние да одиме на избори кога сè уште имаме вонредна состојба, имаме многу рестриктивни мерки. Од друга страна имаме ситуација кога првата вонредна состојба во март се прогласи кога имаме во просек шест заболени на ден, втората месец дека подоцна се прогласи со некаде 36-37 заболени на ден, третата се прогласува со речиси 30, значи ние немаме намалување на заразените, немаме намалување на починатите, имаме во најдобар случај континуитет на број на заболени.

Ако велите дека сега не е време за избори поради бројот на заболени од коронавирусот, а предлагате тие да се одржат во август или септември, врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ го темели мислењето дека тогаш бројот на заболени ќе биде помал?

Мислам дека не треба да се експерт за да видите што кажува Светската здравствена организација или студиите што се појавуваат изминатиот период од страна на релевантни научници, тукаè пред се реферирам на она што беше студија на британските лекари. И едните и другите кажуваат дека се очекува драстично намалување на бројот на заболените во овој период во август и во септември, односно онаа првична прогноза, а вториот пик го поместуваат за почетокот на зимскиот период, односно намалувањето на температурите, што реално се очекува некаде да биде ноември, декември.

Ако СДСМ одлучи да оди на избори во јуни, нека му е со среќа, рече вашиот лидер Христијан Мицкоски. Ве молам конкретно, најава ли е ова за бојкот? Како вие гледате на оваа изјава?

Јас се согласувам стопроцентно со изјавата, бидејќи, како што имам веќе кажано во јавноста, невозможно е да има избори во јуни.

Најава ли е за бојкот?

Ако некој е спремен со прекршување на Изборниот законик да си организира избори за да си ја зачува пред сè партиската фотелја, слободно нека го прави тоа. Зошто го велам ова? Вонредната состојба изминува на 30 мај. Следствено на она што е пропишано во Изборниот законик истиот или ден после тоа треба да продолжат согласно уредбата дејствијата. За тоа да се случи де факто, па и де јуре треба претседателот на Собранието да направи ново решение и измена и дополна на постоечкото решение и да го определи датумот кога ќе се одржат новите избори. Врз основа на тој датум треба да се извести Државната изборна комисија, за таа да изготви нов роковник со сите дејствија кои не се завршени кога е донесена таа уредба со законска сила за да продолжи кампањата за до денот на избори. Тој рок со новиот роковник не може да биде пократок од 35 дена. Како ќе се организираат избори на 21 или на 28? Не само контрадикторни, туку се и надвор од памет да се даваат такви несериозни и незрели изјави, значи невозможно е, затоа што во законот буквално секој рок е пропишан.

Најава ли е ова за бојот?

Не гледам зошто би најавувал бојкот, кога...

Ако има избори во јуни.

Нема да има избори во јуни од ова што ви го кажувам. Како ќе го направат тоа? Мислите дека Талат Џафери ќе потпише решение коешто е спротивно на закон за датум за избори. Кој ќе им го утврди датумот за избори? Како ќе го направат тоа? Невозможно е, тоа ви го кажувам. Значи депласирано е воопшто да разговарам за такво нешто, кога нема како да се случи. Сами ќе си го пропишат со уредба со сила на закон датумот за избори? Кога член 12 став 1 од Изборниот законик јасно кажува дека претседателот на Собранието го определува датумот за избори. Ако одиме по таа логика, тогаш нема потреба да одиме на избори. Тогаш нека си донесат уредба со закон на сила каде што ќе се прогласат за доживотни владетели на Република Македонија и нека си тераат така.

Ако одлучат за друг датум кој ќе ги исполнува овие законски обврски, а тоа не е во консултација и со консензус со ВМРО-ДПМНЕ, дали се разгледува опцијата за бојкот на изборите?

Сите можности нормално е дека се разгледуваат, но јас искрено верувам дека тоа нема да се случи, дека сепак ќе се најде начин со консензус да се договори датумот на кој ќе се одржат изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG