Неколку месеци откако претседателот Доналд Трамп беше инаугуриран во јануари 2017 година, SMW Partners беше ангажирана да лобира во Белата куќа за двајца клиенти од висок профил од поранешниот Советски сојуз: еден од најбогатите украински тајкуни и компанија контролирана од Кремљ, која гради контроверзен гасовод за извоз на гас кон Европа.
SMW Partners беше основана во почетокот на 2017 година од членот на извршниот комитет на Трамп, Џон Свини, но договорите што ги склучи во август за застапување на Ихор Коломојски и на гасоводот Северен тек 2 беа меѓу деветте што малата фирма ќе ги склучи таа година, добивајќи приход од 1,2 милиони долари.
Свини, поранешен републикански конгресмен од државата Њујорк, е само еден од неколкуте поранешни членови на изборниот штаб на Трамп или на тимот за транзицијата кои како платени лобисти ги искористија своите врски со администрацијата.
Но, со претседателот на заминување во јануари, набљудувачите велат дека нивната работа може да пресуши.
„После избори, без разлика дали се за Конгресот или за нов претседател, секогаш има некои промени што се случуваат“, изјави за РСЕ Ден Обл, постар истражувач во Центарот за одговорна политика, кој ја води веб-страницата Отворени тајни која следи активности за лобирање.
„Она што ќе биде фасцинантно овој пат е да видиме што се случува со оние фирми што се појавија од никаде, бидејќи тие имаа врски со претседателот Трамп на еден или друг начин“, рече тој.
Трамп рече дека ќе ја напушти функцијата кога победата на Бајден ќе биде официјална
Кога Трамп, бизнисмен со недвижнини и водител на ТВ реалити шоу, без претходно политичко искуство, го освои претседателското место во 2016 година, малку од фирмите кои доминираа на оваа сцена во Вашингтон имаа какви било врски со неговата администрација што доаѓа.
Тоа им ја отвори вратата на членовите на неговата кампања и на преодниот тим кои не завршија со работни места во администрацијата потенцијално да ја искористат својата близина до Трамп, лобирајќи за компании или за странски субјекти.
Лобистите бараат обликување на законодавството, регулативата или надворешната политика во име на клиентот генерално преку контакт или средба со владини претставници од законодавната и извршната власт, процес што може да биде полесен со лични врски.
Честопати, поранешни законодавци, законодавни асистенти и членови на извршната власт стануваат лобисти, бидејќи тие се запознати со сложеноста на креирањето политики во Вашингтон и имаат врски со луѓето на власт.
На поранешните членови на Претставничкиот дом и Сенатот сега им е забрането да лобираат кај своите поранешни колеги за период од една, односно две години. Слично ограничување важи и за високи претставници на Белата куќа.
Делумно како резултат на разните скандали, терминот лобирање доби негативна конотација во Соединетите Држави, а некои од индустријата претпочитаа да ја опишуваат својата работа како владини консултанти.
Трамп го помилува екс советникот Флин
Во 1995 година, поради зголемената загриженост во врска со транспарентноста во индустријата, Конгресот го донесе Законот за обелоденување на лобирање според кој лобистите треба да се регистрираат во Конгресот, да известуваат за кого работат, со кои во владата се состанале и за кои прашања разговарале.
Лобистите мораа да се регистрираат уште од 1930-тите, кога работеа за странски влади. Неколку лобисти поврзани со Трамп имаа мало или никакво претходно искуство со лобирање во Вашингтон, но уживаа во успехот, пријавувајќи многу клиенти и заработувајќи милиони.
Гасовод
Бидејќи Белата куќа има тенденција да има поголемо влијание врз надворешната политика отколку врз внатрешната политика, новите лоби продавници основани од лојалисти на Трамп добија дел од договорите за застапување на странски субјекти, како што се компании, партии, политички поврзани поединци и влади.
Свини, кој беше дел од комисијата за транзиција на Трамп лобираше во Извршната канцеларија на Претседателот одделно во име на Коломојски и на рускиот државно контролиран гигант Гаспром за планираниот гасовод „Северен тек 2“.
Во двата случаи, ефектите од лобирањето изгледаат нејасни. Администрацијата на Трамп во декември 2019 година го потпиша предлог-законот со кој се воведуваат санкции за пловни објекти кои го поставуваат рускиот гасовод, одложувајќи го неговото завршување за догледна иднина.
Што се однесува до Коломојски, Министерството за правда покрена граѓанска тужба против влијателниот украински тајкун во август 2020 година, обвинувајќи го за перење стотици милиони долари и за украдени пари користени во САД.
Кремљ: да не се поврзува случајот Навални со гасоводот Северен тек 2
Друга лоби-фирма основана по изборите во 2016 година е „Авенија стратеџис“, која беше регистрирана од поранешниот менаџер на кампањата на Трамп Кори Левандовски и високиот советник во кампањата Бери Бенет во декември 2016 година.
Наскоро, тие се залагаа за владите во Источна Европа, вклучително и Косово и Албанија, објави медиумот Политико на почетокот на 2017 година. Левандовски ја напушти компанијата неколку месеци подоцна по полемиките околу неговото нерегистрирање како лобист, Авенија Стратеџис не доби договори со Албанија и Косово - тие отидоа во други стартапи поврзани со Трамп - но беше навремено ангажирана на почетокот на 2018 година за да лобира во интересите на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко.
„Не бев јас“
Документот за регистрација за лобирање, поднесен од Авенија Стратеџис до американската влада, наведува дека може да комуницира со членови на Конгресот и персоналот на Конгресот, претставници на извршната власт, медиуми и други организации во име на Тимошенко.
Кога на крајот на март излегоа вести за профитабилен договор, Тимошенко веднаш негираше каква било поврзаност со напорите за лобирање. Договорот беше предвреме завршен во мај истата година.
Типичните договори за лобирање траат од неколку месеци до една година, со можност за продолжување, а услугите обично чинат од 20.000 до 75.000 долари месечно, но може да достигнат и до шест цифрени суми.
Азербејџанскиот американски институт ја ангажираше Авенија стратеџис во јуни 2019 година за да лобира во Стејт департментот со цел „зајакнување на… врските“ помеѓу Соединетите држави и Азербејџан. На фирмата и беа исплатени 40.000 долари за работа што траеше неколку месеци.
Трамп го отпушти разузнавачот што го иницираше неговиот импичмент
Институтот, кој нема веб-страница, беше регистриран два месеца порано во Охајо од Мајкл Фланаган, поранешен американски конгресмен од Илиноис. Ниту Авенија Стратеџис ниту Фланаган одговорија на барањата на РСЕ за тоа кој го финансирал институтот.
Од нула до милиони
Дејвид Тамаси, од Фондот за победа на Трамп, ја регистрираше својата лоби фирма Chartwell Strategy Group на крајот на 2017 година и наскоро започна да ги застапува интересите на Грузија и Косово.
Документите за регистрација велат дека неговата работа за Министерството за надворешни работи на Косово и за Грузија може да вклучува комуникации со Конгресот и извршната власт - Белата куќа.
Во меѓувреме, Групата Соноран која немаше приходи од федерално лобирање во текот на четирите години пред Трамп да ја преземе функцијата, заработи милиони, за претставување на околу 20 странски клиенти, вклучувајќи ги Амбасадата на Авганистан, Демократската партија на Албанија и Слободан Тешиќ, српски дилер на оружје кој е под американски санкции.
Соноран, основан од 45-годишниот Роберт Стрик, производител на вина на американскиот западен брег и поранешен соработник на Републиканците, најми поранешни соработници на кампањата на Трамп, непосредно по изборите во 2016 година.
Лобист од Вашингтон, кој претставува клиенти од Источна Европа, го опиша зголемувањето на фирмите со врски со Трамп како „ненормален“ феномен и рече дека очекува многумина да бидат затворени непосредно по напуштањето на функцијата претседател.
„Тие немаат други односи - тие се персона нон грата кај демократите, но исто така немаат вистински односи со традиционалните републиканци“, изјави лобистот, зборувајќи под услов на анонимност.
„Нивните односи и нивното влијание се навистина поврзани со Трамп. И така, некои од тие фирми ќе испарат. Тие знаеја дека ќе слават за време на ерата на Трамп и дека после тоа ќе завршат“, рече тој.
Формиран за да трае?
Во Вашингтон во минатото згаснува лоби фирми со голема зависност од една партија или една врска.
Групата Подеста, која беше рангирана како трета по големина федерална фирма за лобирање според приходите во 2016 година, беше затворена една година подоцна, поттикната од скандалот и ненадејниот пораз на Хилари Клинтонод Трамп.
Тони Подеста, сопственик на фирмата, е брат на Џон Подеста, претседател на кампањата на Клинтон за 2016 година. Упатените во индустријата велат дека Балард Партнерс, најуспешната од лоби-фирмите поврзани со Трамп, е една од оние што може да го преживеат заминувањето на претседателот.
Основана од Брајан Балард, лобист од Флорида, кој служеше во 2016 година како шеф за финансии на кампањата на Трамп во круцијалната држава, фирмата отвори канцеларија во Вашингтон во февруари 2017 година, но оттогаш се занимава со големи активности.
Амбасадата на Азербејџан, клиент во Подеста пет години, го ангажираше Балард во 2018 година за шестмесечна работа. Балард ангажираше лобисти со силни врски со Демократската партија, правејќи ја фирмата да личи на традиционалните двопартиски фирми што доминираат во Вашингтон, без оглед на тоа која партија е на власт, велат набљудувачите.
На својата веб-страница - на која има фотографија од куполата на катедралата Свети Павле во Лондон, а не на зградата на Капитол - компанијата се чини дека ќе се обиде да ги смири сите загрижености што клиентите можат да ги имаат во врска со нејзината иднина.
„Додека фирмите можат да доаѓаат и да си одат, Ballard Partners DC е изграден да трае затоа што соработуваме со нашите клиенти, планираме и вршиме влијание на секој чекор“, се наведува во извештајот.