Достапни линкови

Дали гувернерот Рон ДеСантис е новиот Трамп?


Гувернерот Рон ДеСантис
Гувернерот Рон ДеСантис

За разлика од повеќето среднорочни трки во САД, кои беа неизвесни, 44 годишниот гувернер на Флорида, Рон ДеСантис победи најубедливо со разлика од 19 отсто од гласовите. Автор Драган Штављанин.

Иако останува да се види кој ќе ги контролира двата дома на Конгресот, бидејќи сè уште не се преброени сите гласови, јасно е дека гувернерот Рон ДеСантис не само што е најголемата ѕвезда на овие избори, туку може да биде и еден од клучните играчи во претседателските избори во 2024 година.

Особено што до неодамна најголемиот фаворит за републиканската номинација, поранешниот претседател Доналд Трамп доживеа фијаско на овие избори.

Додуша, неговото име го немаше на гласачкото ливче, но од над 300 кандидати кои ги поддржал, досега се избрани 124, јавува Би-би-си. Воедно, тој тврди дека е постигнат голем успех „со 219 победи и 16 порази“.

„Иако изборите беа разочарувачки на одредени начини, од моја лична перспектива тие беа голем триумф. Кој некогаш постигнал подобар резултат?“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Републиканците го обвинуваат Трамп

Сепак, како што пишува „Гардијан“, републиканците го обвинуваат Трамп здека не се случи „црвен бран“ што ќе им овозможеше удобно мнозинство во Претставничкиот дом и контрола на Сенатот. Наместо тоа, тие можат да се надеваат на тесно мнозинство во Долниот дом на Конгресот, додека резултатот е крајно неизвесен во Горниот дом.

Додека владееше еуфорична атмосфера на победничкиот митинг на ДеСантис, со учество на неколку илјади негови поддржувачи, на имотот на Трамп-Мар-а-Лаг се собраа 100 негови пријатели и политички консултанти, кои беа мрачно расположени кога видоа дека нема да има „црвен бран“, според извори од Републиканската партија цитирани од Си-Би-Ес Њуз.

„Ова е брод што тоне“, рече еден извор за недостатокот на ентузијазам за кампањата на Трамп во 2024 година.

Си-Би-Ес Њуз разговарал и со претставници на Републиканската партија кои директно го обвинија „квалитетот на кандидатот“ , односно Трамп за недостигот на убедлива победа.

Во знак на променливата плима, Њујорк пост, традиционално про-Трамп весник, го прогласи гувернерот на Флорида за „DeFUTURE“ на својата насловна страница.

Фокс њуз, друг медиум близок до Трамп, изјави дека тој е „најголемиот губитник“ на овие избори.

Трамп да почека со одлуката за кандидатура

Во меѓувреме, поранешен помошник во тимот на Трамп додека тој беше во Белата куќа за оваа американска телевизија изјави дека тој „треба да почека со одлука додека не завршат овие избори, што нема да се случи пред вториот круг во Џорџија“.

Бидејќи досега ниту еден кандидат во оваа сојузна држава не освоил 50 отсто од гласовите, вториот изборен круг се очекува на 6 декември. Исходот од таа трка ќе одреди кој ќе го контролира Горниот дом на Конгресот.

Во случај Трамп да се изјасни на 15 ноември, како што најави, тоа, според овој извор, лошо ќе се одрази на изборните шанси на републиканците.

„Ако Трамп ја објави својата одлука пред вториот круг од Џорџија, тие избори би можеле да станат референдум за Трамп - слично како вториот круг од 2020 година во таа држава, кога републиканците ги загубија двете места“, изјави овој извор за Си-Би-Ес Њуз.

До изборите во вторник, Трамп беше познат како несомнениот претседателски кандидат на републиканците, кого речиси никој од оваа партија не би се осмелил да затсане против него.
Имено, Трамп и по поразот на претседателските избори во 2020 година задржа големо влијание во партијата бидејќи околу две третини од нејзините членови и симпатизери веруваат дека гласовите биле украдени, покажуваат резултатите од истражувањето на АП од јули 2021 година.

Во понеделникот Трамп навести „голема најава“ на 15 ноември, што беше протолкувано дека тогаш може и официјално да ја објави својата кандидатура. Сепак, ненадејниот успех на ДеСантис може да ги попречи неговите планови.

Трамп го предупредува ДеСантис да не се кандидира

Популарноста на ДеСантис постојано се зголемува, особено од избувнувањето на пандемијата на коронавирус, па Трамп пред неговиот триумф во вторникот почувствува дека тој може да му претставува закана.

„Мислам дека може многу да му наштети ако се кандидира (на претседателските избори). Тоа не би ја задоволило базата и не би било добро за партијата“, изјави Трамп во понеделникот за Фокс њуз.

Во спротивно, тој се закани дека ќе објави „не многу ласкави работи“ за ДеСантис.

Рон ДеСантис ја прославува победата на изборите
Рон ДеСантис ја прославува победата на изборите

„Би ви кажал работи за него кои нема да бидат многу ласкави. Знам за него повеќе од кој било. Освен можеби неговата сопруга“, додаде поранешниот американски претседател.
А правниот советник на Трамп, Алина Хаба, му рече на ДеСантис „да остане на Флорида“.

„Ми се допаѓа она што ДеСантис го прави на Флорида. Но, тој мора да остане на Флорида“, рече Хаба.

Трамп во вторникот рече дека гласал за ДеСантис и го поддржал во неговата прва трка за гувернер во 2018 година. Тој негираше дека се карал со ДеСантис и на неодамнешниот митинг во Пенсилванија му го даде двосмислениот прекар „DeSanctimonious“ (поголем светец од светците, односно праведен, морално супериорен во однос на другите).

Во победничкиот говор во вторникот, ДеСантис не кажа ништо за неговите политички планови и не го спомна Трамп.

Потекло од работничко семејство

ДеСантис вели дека е роден во Флорида во работничко семејство. Дипломирал историја на Универзитетот Јеил, а потоа студирал право на Харвард. Додека студирал на Харвард, тој станал офицер во американската морнарица и бил во нејзиниот правен оддел. Неговата служба како офицер вклучувала работа со затвореници во заливот Гвантанамо и работа како правен советник за елитните американски морнарички фоки распоредени во Ирак, јавува Би-Би-Си.

Почесно е разрешен од службата во 2010 година. Тој стана федерален обвинител пред да биде избран во Претставничкиот дом во 2012 година. Кампањата на ДеСантис главно се фокусираше на прашања како „мала влада“ и пониски даноци. Тој исто така беше гласен противник на политиката на поранешниот претседател Барак Обама.

Рон ДеСантис
Рон ДеСантис

Неговата кандидатура за гувернер во 2018 година беше поддржана од неколку истакнати републикански лидери, вклучително и тогашниот претседател Доналд Трамп, чие влијание беше очигледно.

Во една од рекламите за неговата кампања, ДеСантис им кажува на своите деца да „изградат ѕид“ (на границата со Мексико) додека си играат со коцки и им покажува како да читаат знак „Направи ја Америка одлична“, пренесува Фокс њуз.

Критика за „Биомедицинската безбедносна држава“ на Бајден

Пред четири години, ДеСантис беше избран со само половина процент разлика во однос на неговиот демократски предизвикувач. Оттогаш, неговата популарност само расте, бидејќи води политика што го направила омилен меѓу тврдокорната републиканска десница.

На почетокот на пандемијата Ковид-19, тој нареди целосен карантин, воспостави неколку стотици центри за тестирање и повика да се носат маски за лице во јавноста. Но, тој наскоро почна да ги укинува ограничувањата и повторно да ги отвора училиштата, и покрај порастот на инфекции и смртни случаи.

Тој се спротивстави и на задолжителното носење маски и вакцинација. Тој го обвини американскиот претседател Џо Бајден за воспоставување „биомедицинска безбедносна држава“, пренесува Политико.

„Ги избравме фактите наместо стравот, образованието наместо индоктринацијата, законот наместо нередот“, рече ДеСантис.
Во Флорида досега од Ковид-19 починале околу 82 илјади граѓани, што ја прави трета сојузна држава во САД по бројот на починати. Затоа го нарекоа „DeathSantis“ (смртоносен), пишува Њујоркер.

„WOKE културата ќе умре на Флорида“

Во изминатите две години, ДеСантис ја претвори Флорида во центар на културните војни. Тој го потпиша контроверзниот закон „Не кажувај геј“, со кој на наставниците им се забранува да ја спомнуваат сексуалната ориентација во основните училишта.

Тој потпиша закон со кој се забранува абортус по 15 недели и се противи на операција за промена на полот за трансродовите деца. Тој неодамна го суспендираше избраниот јавен обвинител кој рече дека нема да го криминализира абортусот, пишува Венити фер.

Со лежерен тон, ДеСантис најави борба против „WOKE културата“ (чувствителност на расни, социјални и родови прашања, како и еднаквост на различни видови малцинства).

„Левичарска закана за Америка“

ДеСантис има цврст став кон демократите.

„(Демократите) нè гледаат како поданици со кои треба да се владее. Тие не гледаат како рамноправни граѓани. Тие мислат дека треба да ја слушаме нивната идеологија“, рече тој во Питсбург.

Во февруари оваа година, Де Сантис се појави на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците во хотелот Розен Шингл Крик, во близина на Орландо.

Во дваесетминутниот говор тој изјави дека Америка е нападната од левичарските елити, кои „сакаат да ги делегитимираат нашите основачки институции“.

ДеСантис ја дели агендата на Трамп

ДеСантис има ист став со Трамп кога станува збор за миграцијата, тој сака да ја огради јужната граница и да ги депортира имигрантите без документи. Тој ја обвинува администрацијата на Бајден дека не прави доволно за да го запре протокот на мигранти.

Во септември организираше лет со кој беа превезени 50 мигранти од Тексас до Масачусетс. Демократите и групите за права на имигрантите го осудија потегот како политички трик за користење на луѓето како пиони. Со ваквите потези стекнува признание кај конзервативните републиканци, поради што е чест гостин на телевизијата Фокс.

Кога станува збор за надворешната политика, тој се залага за цврст пристап кон Кина и Иран, додека има помек однос кон руската инвазија на Украина, според Венити фер.

Победата на ДеСантис е уште еден знак дека Флорида, сега е цврсто под контрола на републиканците, бидејќи поминаа 28 години откако демократ беше избран за гувернер на државата.

Популарен во базата и меѓу донаторите

Политичката моќ на ДеСантис произлегува од фактот што тој е подеднакво популарен меѓу донаторите и републиканските гласачи, кои вообичаено покажуваат најголема лојалност кон Трамп.

Тој е Трамп „без лудост и твитови во 3 часот по полноќ“, изјави еден од главните републикански донатори за Венити фер.

Темпераментот како пречка

Поранешните вработени во тимот на ДеСантис велат дека неговиот премногу борбен темперамент претставува сериозна опасност доколку се најде во вжештена атмосфера на претседателската кампања.

Тие ја опишуваат неговата личност како мешавина од екстремна ароганција и несмасност, според Венити фер, додавајќи дека само неговата сопруга Кејси, поранешна новинарка, може да влијае на промената на неговиот имиџ.

„Тоа значи дека политичката иднина на ДеСантис зависи од следното прашање: Дали тој може да го следи култот на личноста на Трамп“, пишува Венити фер.

Рон ДеСантис со неговата сопруга
Рон ДеСантис со неговата сопруга

Недостаток на харизма

ДеСантис не е харизматичен говорник, но е упорен и прецизен, што ја привлекува публиката. Тој е веројатно неговата најголема пречка. Тешко е да се замисли како би се снашол во државите како Ајова и Њу Хемпшир, каде што директната интеракција со гласачите е високо ценета.

„Може ли момче што нема време за ритуали како тапкање по грбот, ракување, прашување како се децата, да успее? прашува долгогодишен советник на Трамп, пишува Њујоркер.

Дали ДеСантис ќе се кандидира?

Славата на ДеСантис може да згасне. Ризиците се значителни. Според еден извор, ДеСантис им рекол на помошниците дека е загрижен дека „прерано ќе го достигне врвот“.

Неодамнешните претседателски циклуси се полни со примери на гувернери кои излегоа на националната сцена и собраа милиони долари,као Скот Вокер од Висконсин, Мајк Хакаби од Арканзас, Џон Касик од Охајо, само за да видат како нивните ѕвезди бледнеат пред или за време на прелиминарни избори.

„Не сум сигурна дали ДеСантис е способен да се соочи со Трамп еден на еден“, изјави за Би-Би-Си Сара Лонгвел, републикански стратег и основач на групата Републикански гласачи против Трамп.

„Многу луѓе зборуваат за него како за иднината на Републиканската партија. Но, рано е да се предвиди тоа - никогаш не сме го виделе овој човек да глуми на националната сцена“, додаде Лонгвел.

Атлантик истакнува дека следното големо прашање во американската политика е: „дали реизбраниот гувернер на Флорида, Рон ДеСантис, е лидер или следбеник?

Американските медиуми пишуваат дека пред изборите во вторникот, ДеСантис им навестил на донаторите дека можеби ќе се обиде да избегне соочување со Трамп и да ја чека следната трка во 2028 година.

Но, неговиот успех во вторникот можеби ја промени таа равенка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG