Достапни линкови

Граѓаните од новата влада бараат услови за подобар живот


Скопје, Центар
Скопје, Центар

Економијата и животната средина се најважните точки на кои треба да се фокусира новата Влада, велат граѓаните кои ги анкетираше РСЕ. Дел од владината програма е токму посветена на овие области. Опозиција пак критикува дека Владата нема план за справување со економската криза.

Премиерот Зоран Заев ја презема функцијата, а во новата Влада го очекуваат старите предизвици кои тој заедно со новите 19 министри ќе треба да ги совлада во овој 4 годишен мандат за да им овозможи подобар живот на граѓаните. Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и ДПА ја доби довербата од 62 пратеника во Собранието. Имено, на предвремените парламентарни избори на 15 јули, СДСМ освои најмногу гласови и 46 мандати. ДУИ беше победник кај албанскиот дел од електоратот со освоени 15 пратенички мандати. ДПА доби еден мандат и тие заедно имаат 62 пратеници што е тесно парламентарно мнозининсто за подршка на новата Влада.

Денеска, на 1 септември, се одржува првата конститутивна седница на владата а таа , според граѓаните, треба да се фокусира врз економијата, која и беше најпогодена од пандемијата на коронавирус.

Граѓански приоритети: економски развој и екологија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

„Според мене економијата и се што е поврзано со подобрување на животот на луѓето“, Софија Јакимовска.

„Нешто поконкретно за кризата со пандемијата да преземат и да се надминуваат сите овие проблеми. Потоа на економски план нешто повеќе да се придонесе. Прво да почнат економски да се забрзаат работите, па после ќе си тече само. Платите ќе одат нагоре и вработувања ќе има“, анкетиран граѓанин.

Околу 20 илјади луѓе останаа без работа, а јавниот долг на крајот на јуни надмина 6,5 милијарди евра. Токму на економијата најмногу време посвети и Заев во неговото експозе пред Парламентот, презентирајќи ја владината програма.

„Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој. Во таква економија, платите ќе продолжат да растат“, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека не слушнал ниту збор за тоа како ќе се надмине економската криза.

„Во економијата, имаме зголемување на долгот на една милијарда евра за 6 месеци, буџетски дефицит од 520 милиони евра за само 7 месеци. Во сериозна опасност ќе се доведе и редовната исплата на платите и тековните обврски. Следуваат потешки времиња“, вели Мицкоски.

За некои од граѓаните подеднакво важна е и животната средина.

„Конечно треба да се даде приоритет на екологијата. Јас како млад не слушав за депонии, ама тогаш немаше многу амбалажа и отпадоци. Прво што треба две, три фабрики за комплетна преработка на отпад, распоредени низ Македонија и пристапни патишта до нив. Водните токови низ Македонија да се задржат што подолго, а тоа значи изградба на брани на сите водотоци“, вели Благој Димитров.

Енормното загадување на воздухот, особено во зимскиот период е проблем со кој државата се соочува со години, а Заев се обврза на силна, бескомпромисна борба против загадувањето.

„Чистиот воздух и здравата животна средина се тема за која не смее и нема да има никаков компромис. Наша обврска е да обезбедиме чист воздух, чисти води и чиста почва и на тоа ќе сме силно посветени“, порача тој.

Владината програма предвидува и ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование, внатрешна кохезија, справување со пандемијата на ковид-19, активно членство во НАТО, преговори со Европската унија, и добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

„Многу работи има. Сега не сум концентриран да ви кажам нешто подобро“, порача анкетиран граѓанин.

Малата и ефикасна Влада, како што ја најави премиерот Заев, во наредните 4 години треба да биде сконцентирирана на програмата за да покаже дали „Може“, повеќе и подобро за исполнување на дадените ветувања.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG