Достапни линкови

Предлог владата и програмата во фокусот на медиумите


Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи и Радмила Шекеринска
Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи и Радмила Шекеринска

Повторно во фокусот на вниманието на електронските и пишаните медиуми политиката (а кога не била кај нас?), и се разбира, корона пандемијата.

Од следната недела Северна Македонија со нова Влада, откако претседателот на Собранието Талат Џафери за сабота ја закажа седницата на која треба да биде избрана Владата на мандатарот Зоран Заев. Најдоцна до недела на полноќ. Оваа вест ја објавија Независен весник, Нова Македонија, а повеќе портали информираат за програмата на коалициските партнери, СДСМ, ДУИ и ДПА, додека проопозициските електронски медиуми главно се занимаваат со критики на работењето на претходната Влада на СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев.

Нова Македонија со наслов „Куп приоритети за новата Влада“ информира за претставувањето на новиот Кабинет и за изјавата на Заев дека овој пат во фокусот на работата на Владата ќе биде решавањето на домашните прашања и проблеми, при што како најважни ги посочи ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, екологијата, но и борбата против корупцијата, реформи во правосудството, проверка на имотот и парите на функционерите, интеграцијата кон ЕУ...

Неделникот Фокус во рубриката „7 дена... од друг агол“ забележува: „Тамам ќе се израдуваш дека „фајнали“ ќе нема веќе министри без ресор, кога мандатарот Заев ќе лансира чичка нов ресор – за борба ПРОТИВ корупцијата. Патем, а кој ќе се бори против криминалот? Небаре сите останати министри ќе се борат ЗА корупцијата! Да не биде – „сам против сите“? Чукни од дрво да не е!“ – пишува Фокус.

Порталот СДК.МК со овој наслов ја презентира информацијата за пресот на мандатарот Заев: „СДСМ и ДУИ во програмата за новата Влада велат дека ќе ја испитуваат отпорноста на судиите заедно со Антикорупциската комисија“. Вечер, меѓутоа, во наслов го цитира генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев од гостувањето на ТВ Сител „Има 40.000 нови невработени, пропадната банка и неуспех во справувањето со Ковид“, а порталот Курир.мк го објавува соопштението на опозициската партија: „Кримитендерашката влада на Заев доживува крах, 40 илјади нови невработени за 5 месеци“.

Главната тема во неделникот Капитал е насловена: „Нова Влада – стари предизвици – Заев со нова шанса во тешки времиња“, па како предизвици на Заев, но и на новите министри, ги наведува преговорите со ЕУ и кризата со вирусот, како приказна сама по себе, којашто има толку многу и скриени и откриени опасности.

„Сѐ на сѐ – сериозни предизвици што се шанси за дебакли ама и за големи успеси“, заклучува Капитал.

Освен веќе стандардните информации од дома и од светот за бројот на новозаболени и починати од корона вирусот, за тоа што нѐ очекува наесен кога короната и грипот ќе се искомбинираат, внимание заслужува информацијата за видео конференцијата на ресорните министри од Западен Балкан, Бугарија и Грција, по иницијатива на министерот за здравство, Венко Филипче, на која е договорена изработка на заеднички координиран протокол за отворање на границите и олеснување на преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола на ситуацијата со корона вирусот. Веста ја објавија Нова Македонија и Слободен печат.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG