Што ќе работат 19 министри и премиерот Зоран Заев ако биде изгласана владата викендов е сублимирано на 54 страници кои како предлог владина програма веќе се во рацете на пратениците.
Владината коалиција ја сочинуваат три субјекти кои постизборно се договорија за мнозинство- коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА. Сите тие одделно во предизборието им даваа ветувања на гласачите, но некои од нив сега ги нема во официјалната владина програма.
ДУИ, кои добија 15 пратеници, а главното предизборно ветување им беше премиер Албанец, сега во владината програма имаат вградено дел од своите ветувања. Некои од нив се 13 август да биде прогласен за Ден на Охридскиот рамковен договор и истиот да се одбележи под покровителство на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, закон за забрана на отворање казина и игри на среќа во близина на училишта, градинки и верски објекти, флексибилно работно време во петок, тетовска слободна економска зона, систематизација на вработените според Рамковниот договор во првите шест месеци од формирањето на владата.
Од ДУИ за Радио Слободна Европа на прашањето што од нивната програма е вградено од владината, набројуваат и Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа, добрососедските односи, еднаквоста, субвенции за земјоделците, зголемување на платите за медицинските лица и наставниците, социјални пензии, неколку автопати, гасификација. Овие работи кои ги споменуваат ги има во владината програма, но се речиси сосема идентично наведени и во предизборната програма на СДСМ.
„Полно работи од ДУИ има во владината програма, цела наша програма е дел“, велат од ДУИ.
Ги нема ветувањата за задолжителен албански, за укинување на патните трошоци
Пред изборите, пак, нивниот кандидат за прв премиер Албанец Насер Зибери како приоритети на владината програма на ДУИ ги споменуваше и консензуално законодавство, задолжително учење албански јазик од петто одделение, мултиетничка химна, нула данок на добивка за три години за секој вработен за првпат под 35-годишна возраст, нешто што во предложената владина програма го нема.
Во однос на учењето на јазици ова го нема во владината програма, туку се наведува: „ќе ги финансираме сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски јазик“.
СДСМ, пак, која ја предводи коалицијата „Можеме“ има пресликано голем дел од својата изборна програма во владината, а во некои делови и цели пасуси се сосема идентични во двете програми, особено во областа економија. Во владината програма се ветува дека за четири години владата ќе ја врати економија на солиден и оддржлив раст од четири отсто, раст на минимална плата до крајот на мандатот ќе биде во висина од 20 до 40 отсто и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто.
Но, има некои ветувања на СДСМ и лични на лидерот Заев кои беа често најавувани во предизборите, а сега во владината програма ги нема. Едно од нив е најавата во предизборната програма дека ќе ги укинат патните трошоци за пратениците во Собранието. Прашањето за сумите кои пратениците ги добиваат под назнака патни трошоци често е причина за негодување во јавноста.
По изборите и Заев и генералниот секретар на СДСМ, а сега предлог за вицепремиер Љупчо Николовски се откажаа јавно од пратеничките патни трошоци и ги повикаа и другите пратеници да го сторат тоа, но во владината програма ова не може да се најде. Од СДСМ велат дека го нема во владината програма затоа што тоа е прашање на Собранието.
„Тоа би значело мешање во надлежноста на Законодавниот дом. Остануваме доследни на изборната програма и тоа ќе биде реализирано“, велат од СДСМ.
Од друга страна во владината програма се наведува дека ќе ги намалат привилегиите на јавните функционери, за да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели.
„Владата ќе предложи законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во законодавна, извршна, локална и судска власт. За што се трошат парите на граѓаните – никој нема право да крие. Дополнително, Владата ќе предложи покрај прочистувањето во правосудството да се создаде ефикасен систем на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој поранешен и актуелен функционер, по пат на систем што кој ќе ги земе предвид најдобрите ЕУ практики“, се наведува во владината програма.
Викенд расправа за новата влада
Инаку ова владино мнозинство го сочинуваат коалицијата „Можеме“ која има 46 пратеници, ДУИ кои имаат 15 и ДПА која освои еден мандат, односно вкупно 62 пратеници. Опозиција во Собранието се 44-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од Алијанса за Албанците и Алтернатива и двајца од Левица.
Лидерите на СДСМ и на ДПА Заев и Тачи скоро по изборите што се одржаа на 15 јули се согласија да бидат заедно во владината коалиција, а преговорите со ДУИ траеја до минатата недела, до кога како што кажаа и лидерите на двете партии се усогласувале партиските програми, цели и се договарале кадровските позиции. Ахмети и Заев се договорија во последните сто дена пред избори премиер да биде по предлог од ДУИ, но ова не е внесено во владината програма.
Претседателот Стево Пендаровски му го даде мандатот за формирање на владино мнозинство на Зоран Заев на 13 август, а тој имаше уставен рок од дваесет дена, кој истекува на втори септември да договори владино мнозинство. СДСМ и ДУИ се договорија пред истекот на тој рок, па Заев вчера придружуван од сите предложени министри, ги достави до Собранието предлог програмата на владата и предлогот за министри.
Седницата за избор на новата влада претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за в сабота. Според собранискиот деловник По програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес кој може да трае најмногу два дена. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24,оо часот.