По речиси два часа средба во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети се договорија- Заев ќе биде премиер, техничката влада која функционираше сто дена пред избори според Договорот од Пржино се укинува, а сто дена премиер ќе биде по предлог на ДУИ и тој нема да биде технички, како досега што беа Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ и Оливер Спасовски од СДСМ.
Министри без ресор, кои во досегашната влада ги имаше седум, во новата нема да има, соопшти Заев, а договорено е и следен претседател на Собранието да остане досегашниот, Талат Џафери.
„Секој граѓанин е еднаков во оваа земја, има исти права и исти обврски, може да биде биран и да биде избран“, рече Заев.
Ахмети, пак, кој своето обраќање го заврши со реченицата „господ нека ни е на помош“, рече дека очекува одлуката за коалиција да биде поздравена од сите, особено од претставниците на меѓународната заедница.
„Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и поздравувам дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада, рече Ахмети.
Заев и Ахмети, иако во предизборието силно се напаѓаа, сега не се воздржаа од заеднички пофални зборови. Покрај Ахмети што му се заблагодари на храброста, Заев нему му се заблагодари на големината, трпението и мудроста.
Лидерот на СДСМ соопшти дека е постигнат коалициски договор за распределба на одговорностите и состав на влада со полн мандат, а неколкупати и тој и Ахмети инсистираа дека оваа влада ќе има четири годишен мандат. Како што кажа Заев главни приоритети на новата влада меѓудругото ќе бидат странските инвестиции, неселективната и длабинската борба со криминалот и корупцијата, прочистување на правосудството и проверката на парите и капиталот на секој функционер, сите вработени според Рамковниот договор во првбите шест месеци да тргнат на работа, животната средина и повисоки казни за загадувачите, а борбата со коронавирусот останува врвен приоритет.
Сепак, за тоа кој ќе ги води клучните ресори Заев не беше прецизен.
„Оваа одлука е конечна кога органите и телата на партиите ќе ја потврдат. Кадровскиот потенцијал е во фаза на решавање и верувам дека ќе биде позитивно приемен од страна на граѓаните“, рече Заев.
Во меѓувреме Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои имаат 12 пратеници, најавија бојкот на работата на Собранието, нешто што Ахмети оцени дека не е добра одлука.
Со ваквиот договор, кој треба да биде потврден во партиските органи на СДСМ и на ДУИ, а имајќи предвид дека ДПА, која има еден пратеник претходно се согласи да биде дел од владината коалиција, владиното мнозинство ќе има 62 пратеници. Тоа треба да биде потврдено со изборот на Владата во Собранието.
Во собранискиот деловник, во членот 111 е наведено дека „седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата“, расправата може да трае најмногу два дена, а гласањето треба да се одржи најдоцна до полноќ. Заев изрази надеж дека Џафери ќе закаже седница скоро откако договорот ќе помине во партиските органи. Според Уставот, пак, неа треба да ја предложи Заев како мандатар, заедно со програмата, а да ја избере Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Инаку Заев го доби мандатот од претседателот на државата Стево Пендаровски на 13 август и има уставен рок до втори септември да состави владино мнозинство.
Веднаш по доделувањето на мандатот од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека тоа е неуставно, оти лидерот на СДСМ немал обезбедено мнозинство од 61 пратеник и најавија иницијатива до Уставниот суд.
Тие освоија 44 пратеници, а покрај нив во Собранието ќе бидат и Левица со двајца пратеници. Овие избори се одржаа на 15 јули, во време на пандемијата од коронавирусот, а беа распишани претходно по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава не доби датум за преговори за зачленување во Европската унија и покрај промената на името во Република Северна Македонија.