Цените во продавниците растат, неизвесно е дали ќе има греење и струја оваа зима, се најавуваат отпуштања на работници, а војна се води на само 1.000 километри од Македонија. И сето тоа откако светот мина 2,5 години во пандемија од ковид 19, со полициски часови и карантини, која и самата остави сериозни последици по менталното здравје на граѓаните. Предвидувањата дека по ковидот ќе следува пандемија на проблеми со менталното здравје полека се остваруваат но овојпат засилени од новите кризи.
Сите овие случувања силно удрија по и онака кревкото ментално здравје кај Снежана Димоска, пензионерка од Скопје. Работите тргнале на лошо по смртта на нејзиниот сопруг пред четири години. Прво ковид пандемијата, а сега и економската криза само ја влошиле нејзината состојба. Помош наоѓа во лековите и прошетките, а секое утро и е нов предизвик.
„Си мислам како ќе биде денеска, како ќе го истерам денот, нешто да не ми се случи, зошто животот стана вака тежок, зошто се се покачува, многу ме измачува тоа. Едно млеко од 69 денари сега 80, скоро 90 (денари) вчера го земав... и секој ден гледам само да се стемни, да легнам, да станам“, со насолзени очи раскажува пензионерката седната на клупа во центарот на Скопје.
И Менка Тодоровска, исто така пензионерка, вели дека кризата си го зема својот данок. Лекови за смирување не пие, ама живее во константен стрес.
„На што и да помислиме се е поврзано со инфлација, со пари, со немаштија, со проблеми. Како и да кажеш, се е лошо, ништо на подобро не оди“, забележува Тодоровска.
Кризата не ги поштеди ниту помладите.
„Мислам дека на сите влијае, дали на постарите, или на помладите, секој различно прифаќа, но сметам дека не треба да се врзуваме за тоа, секогаш може да биде подобро“, се обидува да остане позитивна младата Сара Трифуновска.
Луѓето се исплашени и нетолерантни
Психологот и психотерапевтка, Ана Поп Ризова забелележува дека младите никогаш не биле подепресивни, а повозрасните потрауматизирани.
„Може да се забележи дека луѓето се преплавени со вознемиреност, чувствуваат интензивен страв, напнати се, анксиозни, често се исфрустрирани, лесно влегуваат во конфликти, не се толерантни на фрустрација токму заради тоа што нивните капацитети за справување се истрошени. И таман помислија дека може барем малку да се воспостави таа изгубена стабилност, војната во Украина и целата оваа ситуација одново ги генерира стравовите“, вели Поп Ризова.
Руската воена инвазија во Украина започна пред седум месеци, во период кога почна да се стишува пандемијата од Ковид -19. Уште пред почетокот на војната се наѕираше енергетска криза во регионот, за кај нас уште лани во ноември да има кризна состојба прво поради снабдувањето со струја, а потоа и за парното во Скопје. По почетокот на војната тргна поскапувањето на цените, кои драстично пораснаа кај храната и горивата, за инфлацијата во септември да надмине 18%. Згора на се, расте стравот од интензивирање на војната во Украина, засилен од реториката за употреба на нуклеарно оружје.
Директорот на Клиниката за психијатрија, Стојан Бајрактаров, потврдува дека продолжува трендот на зголемен број посети на оваа Клиника или како што појаснува, се остварија најавите дека по пандемија следи економска криза „а сето тоа ќе предизвика пандемија на ментални болести“.
„Мислам дека како систем во Македонија засега добро се справуваме со очигледно зголемената потреба од грижа за менталното здравје, а исто така на мислење сме дека тековите кои се во светот и кај нас ќе се реплицираат, т.е дека ќе имаме зголемена потреба во наредниот период“, вели Бајрактаров.
Вели дека на Клиниката за психијатрија во моментов нема листи на чекање и уверува дека има доволен број лекари.
Со едноставна проверка на системот Мој термин, термин за психијатрија во повеќето градови, меѓу кои и Скопје може да се најде уште истиот ден. Чекања подолги од 15 дена има во Гостивар и Битола, а термините за октомври се пополнети во Радовиш, Прилеп и Куманово. И разговор со психолог на државно може да се закаже релативно брзо, освен во Куманово каде мора да се чека најмалку 15 дена.
Лекарите под константен стрес, пациенти не можат да си купат лекови
Закажувањето оди преку матичните лекари, кои имаат полни раце работа.
„Дури и да си нормален човек без никакви тегоби, оваа криза мислам дека секој ќе го погоди“, искрен е доктор Бојан Трајковски.
Тргнува од самиот себе, како матичен лекар кој е под огромен стрес поради растечките трошоци за работа во ординација, пред се за струјата, но и преобемната администрација. Смета дека допрва ќе растат проблемите со менталното и психолошко здравје. Исто така го забележува и дека се почесто му доаѓаат пациенти кои не ги пијат лековите, од причина што има стануваат скапи.
„Дури и онаа терапија која треба да ја земаат редовно, на терет на Фонд (ФЗО), затоа што тие пациенти пијат повеќе лекови кои кога ќе се собере, и без разлика што се на фонд излегуваат 1500, 2000 денари, што за некој кој зема 10.00 денари месечно, е екстремно голем трошок“, укажува Трајковски.
Периодов не забележал големи поместувања во однос на потребата од лекови за смирување, но затоа вели дека често мора да ги убедува пациентите да прифатат помош бидејќи одбиваат да одат на психолог или психијатар.
Ама затоа лекови се пијат како бонбони. Само за диазепами лани биле издадени 1,4 милиони рецепти што е најголема бројка во изминатите пет години. За нив од буџетот се потрошени над 450 илјади евра. Ако на тоа се додадат и лековите што се купуваат „на приватно“, состојбата станува алармантна. Паралелно со нив расте и употребата на антидепресивите, лекови за депресија, која e едно од водечките ментални нарушувања.
Како да се врати контролата над сопствениот живот?
Психијатарот Бајрактаров е свесен дека мора многу да се работи на себе за да се остане смирен во ваква криза. Смета дека не е лесно да му се помогне на човек кој е под наплив на пандемија, економска криза, закани за нуклеарни војни.. па советите се луѓето да се насочат кон она на кое може да делуваат.
„Да не трошиме многу време на тоа на што не можеме да влијаеме како што се генералните светски проблеми што влијаат и на нас. Меѓутоа можеме да влијаеме на нашето секојдневие, како да го поминеме денот, какви релации да имаме , да не дозволиме тоа да се пренесе негативно на нашето однесување“, вели Бајрактаров.
Поп Ризова во целост се согласува со ова, но оди и чекор понапред.
Советува да не се влезе во замката на претерано размислување и застрашување, да се биде повеќе надвор во комуникација со блиските, да се прифатат чувствата на страв и лутина, но и да се потсетиме на минатите искуства како насока дека „и ова ќе помине“.
„Она што исто така може да ни помогне е да бидеме проактивни во помагање на другите. Навистина специфика на ова време на криза е зголемувањето и на хуманоста и солидарноста на луѓето. Така што тоа може да ни даде чувство на корисност дека ние се мобилизираме некому да помогнеме и да биде многу лекувачко за нас“, укажува Поп Ризова.
Само во првата година од пандемијата порастот на анксиозноста и на депресивните растројства е зголемен за повеќе од 25 проценти, а во исто време, услугите за ментално здравје се сериозно нарушени и јазот во третманите за состојбите со ментално здравје е зголемен, истакнаа од Светската здравствена организација (СЗО) по повод 10 Октомври – Светскиот ден за заштита на менталното здравје. Затоа годинава СЗО организира кампања на темата „Да го направиме менталното здравје глобален приоритет за сите“ порачувајќи дека е потребен свет во кој ќе се цени, промовира и заштитува менталното здравје и каде секој ќе има еднаква можност и пристап до потребната грижа и стручна помош за менталното здравје.
Во светот, околу 12 милијарди работни денови се губат секоја година поради депресија и анксиозност, што чини речиси 1 трилион долари, покажа извештајот на Светската здравствена организација и Меѓународната организација на трудот објавен минатиот месец. Организацијата за економска соработка и развој пресмета дека во европските земји, економските трошоци за ментално лошо здравје може да надминат 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП).
Минатиот месец и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен објави дека Комисијата работи на нова иницијатива за ментално здравје, нагласувајќи ја важноста да се има „соодветна, достапна ... и прифатлива поддршка“.