Деновиве според апликацијата за мерење на воздухот на сајтот akicin.org, Скопје беше меѓу градовите со најзагаден воздух во светот.
Податоците на оваа страница напревена во Кина најчесто се споделуваат кај нас, велат екологистите.
Но, упатените велат дека податоците од сајтовите не се валидирани и оти треба да се проверува какви податоци тие обработуваат.
Професорот Трајче Стафилов од Природно математичкиот факултет во Скопје вели дека треба да им се верува на податоците на нашите мерни станици. Сепак, тој додава дека друг проблем е што тие не се сервисираат и одржуваат редовно, па поради тоа од некои жешки точки во градот како што е Лисиче веќе една година нема податоци.
Стафилов вели дека државата треба да понуди поголемо издвојување на пари во одржувањето на мерните иснтрументи, особено во ситуација кога Скопје урива рекорди во загдување.
„Очигледно не се доволно поддржани финансиски. Од самото Министерство за животна средина и од колегите кои работат на системот слушам дека има и административни проблеми со тендери. Треба повеќе внимание да посветат и да нема застои и во отсуство на податоци, особено во овој период кога е критично да не кажам алармантно загадувањето“, вели професор Стафилов.
Во однос на податоците од сајтовите тој вели дека не треба да се прифаќаат веднаш и оти треба да се види врз што се темелат.
„Во однос на тие сајтови каде се рангираат многу е дискутабилно, во принцип секогаш максимално дозволените концентрации на одредени параметри се регулирани со временски интервали. Најчесто станува збор за средно дневни загадувања, не се тоа пикови во одреден дел од денот кога се постигнала максимална вредност која можеби траела еден час. Секогаш треба да се земаат средно дневните концентрации и би требало да бидат меродавни само оние сајтови кои ги обработуваат податоците од средно дневните концентрации на загадување и тоа само од акредитиран и контролиран систем како што е автоматскиот мониторинг систем на Министерството за животна средина", вели Стафилов.
Екологистите пак, сметаат дека податоците од сајтовите не се валидизирани и споменуваат и други проблеми со нив.
„Тие страници од кои се споделуваат податоци сите имаат различен концепт, некои од нив ги земаат податоците само од мерните станици, други комбинираат. Таа што најчесто се споделува кај нас е направена во Кина од организација која се обидела да ги обедини сите податоци од официјалните мерни станици на едно место. Тоа се официјални податоци, но не валидирани. Тие ги пренесуваат податоците во живо. Друг проблем со таа станица е дека може да не ги опфаќа сите градови, може да има позагадени градови кои не се опфатени во таа станица“, изјави Давор Пехчевски од еклошката организација „Еко свест“.
Скопје има неколку критични точки и расипани мерни станици
Во државата и во Скопје има неколку критични точки во кои воздухот е постојано оценет како презагаден. Но, ако се земе предвид дека мерните станици се расипуваат многу често тогаш може да се дојде и до заклучок дека во некои од понаселените општини луѓето повторно не знаат каков воздух дишат, наведуваат екологистите.
Давор Пехчевски објаснува дека ПМ честичките кои се најголема причина за загадување веќе една година не се мерат во Лисиче каде што најчесто се пречекоруваат неговите емисии. Тој дополнува дека податоците кои ги добиваме од нашите мерни станици се веродостојни, но оти очигледен е проблемот во парите кои треба да се обезбедат за контринуирано одржување и сервисирање или обнова на инструментите со нови оти секој инструмент има рок на траење.
„Мерните станици кои ги има кај нас користат стандардизиран метод за мерење на квалитет на воздухот и ги исполнуваат условите за мерење. Проблемот настанува во делот со одржување на мерните станици и калибрирање. На страницата на Министерството за животна средина нема информација колку често се калибрираат станиците. Во делот на одржување многу често се случува мерни инструменти да се расипат и да не се заменуваат на време зашто Министерството нема резервни делови и се создаваа дупка во мониторингот. Имаме ситуација како што е со мерната станица во Лисиче која не работи цела година и не може да добиеме валидирани податоци од таа станица“, вели Пехчевски.
Населбата Лисиче традицоинално беше мерна станица која покажуваше највисоко загадување од кога е поставена, а една од причините е затоа што тоа е ниска точка во Скопје и таму се таложи загадувањето. Меѓутоа, екологистите посочуваат дека овоj дел од градот се наоѓа меѓу фабриките Усје и Железара и оти со струењето на воздухот тука се се слева. Друг проблем е што Лисиче има и индивидуални домаќинства кои користат цврсти горива, вели Пехчевски.
Тој дополнува дека има и населби во кои нема мерни станици.
„Мобилна мерна станица имаше во Радишани, но преместена е во Ѓорче Петров. Мерна станица нема и во скопски Чаир. До оваа населба најблиска е мерната станица поставенa кај Ректоратот, кај факултетите. Таа е повеќе наменета да мери загадување од сообраќај затоа што таа е раскрсница каде има 80 илјади возила дневно.... а тука има и индивидуални куќи кои користат дрва за греење“, објаснува Пехчевски.
Мобилната станица кај Ректоратот е само уште една од повеќето критични точки во градот.
Екологистите велат дека за загрижувачката состојба на воздухот во Скопје најмногу придонесуваат големите загадувачи во индустријата, потоа сообраќајот, но и депониите, а сериозен проблем е и градежната експанзија особно што често таа е непланска која го пречи струењето на воздхот во скопската котлина.
На оваа тема познато е и дека Дрисла и во минатата година продолжи со истиот тренд на согорување медицински отпад и покрај забраната за ограничување на работата на депонијата. Бројките на согорениот медицински отпад во Дрисла во ниту една година не се совпаѓаат со пријавените.
Инаку, во државава првиот автоматски мониторинг систем за воздухот е поставен во 1998 година како донација на јапонската агенција за меѓународна соработка Џајка, а со подршка на ЕУ од 2000 година се поставија 16 автоматски станици и тие се во функција и денес.
Пред тоа Републичкиот хидромеролошки завод имаше систем за следење на неколку параметри на воздухот.