Достапни линкови

Вархеји - Работиме во ЕУ преговорите да започнат набргу


Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи.

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји за првпат е во посета на Македонија. Неговата посета доаѓа во време кога ЕУ работи на новата методологија за проширување, која ќе биде позната за неколку недели. Целта на посетата, како што јави нашиот дописник од Брисел, е еврокомесарот да ја потврди посветеноста на Унијата на перспективите за членство на Скопје и Тирана.

Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји денеска е во посета на Македонија, а утре ќе ја посети Тирана. Ова е негова прва официјална посета на земјите од регионот од кога ја презеде новата европска должност. Тој на функцијата стапи во ноември минатата година, еден месец откако на самитот на ЕУ во Брисел, Македонија не го доби долгоочекуваниот датум за почеток на преговори.

Оваа посета Вархеји ќе ја искористи уште еднаш да ја нагласи целосната посветеност на Европската Комисија на перспективите за членство на Албанија и на Северна Македонија, се наведува во соопштението на ЕК.

„Ќе престојувам во Северна Македонија и во Албанија во прва посета на Западен Балкан во својство на комесар. Сакам да испратам силен сигнал дека европската перспектива на регионот е приоритет за мене лично, како и за целата Европска Комисија“, изјави во пресрет на посетата европскиот комесар Оливер Вархеји.

„Стоиме на нашиот предлог да ги отвориме пристапните преговори со двете земји и работиме на тоа ова да се случи многу брзо“, додава еврокомесарот.

Во Скопје еврокомесарот се среќава во претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Парламентот Талат Џафери, со новиот премиер Оливер Спасовски, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

В четврток, Вархеји ќе ја посети Албанија. Тој ќе оди во посета на Драч, градот што беше погоден од силниот земјотрес кон крајот на ноември. И во Албанија, еврокомесарот ќе се сретне со тамошниот државен врв и со претставници на главните опозициски партии.

Наскоро нова методологија за проширување на ЕУ

Посетата на Вархеји доаѓа во време кога ЕУ интензивно работи на новата методологија за пристапување во Унијата. ЕК кон крајот на јануари треба да го објави документот за новата методологија, која е потребна за да се одблокира процесот за почеток на преговорите со Скопје и Тирана. Новата методологија би требало да добие поддршка од земјите членки, вклучително и од Франција која, отворањето на преговорите за членство го услови со промена на пристапот во процесот на преговори. На самиот во октомври минатата година, Европскиот Совет заклучи дека ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.

Датумот за Скопје и Тирана - приоритет за хрватското претседателство

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во вторникот изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Во текот на претставувањето на хрватското претседателство со Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен ја повика ЕУ да го одржи моментумот кога станува збор за Западен Балкан.

„Доколку сакаме успешен самит ЕУ- Западен Балкан во Загреб тогаш мораме сега да ја направиме нашата домашна задача. Затоа за неколку недели ќе ја претставиме нашата нова методологија за проширување за да разговараме за неопходната модернизација, а првенствено на нашите пријатели од Западен Балкан – Северна Македонија и Албанија, да им дадеме перспектива за почеток на пристапните преговори“ , порача Фон дер Лајен.

Хрватска го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на први јануари 2020 година. Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ зборувајќи за приоритетите на хрватското претседателство со Европската унија во следниве шест месеци рече дека отворањето на преговорите со С. Македонија и со Албанија ќе биде еден од приоритетите на Хрватска.

„Тие ја извршија домашната задача што ја побаравме од нив. Време е да им се даде реална перспектива за придвижување“, рече Пленковиќ.

Хрватскиот премиер наведе и дека идниот извештај на Европската комисија и предлозите за подобрување на методологијата за процесот на преговорите ќе бидат важни, додавајќи дека секоја земја кандидат треба да се оценува врз нејзините резултати, при што крајната цел на преговорите останува членството во ЕУ.

Пленковиќ на 8 јануари во Париз се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон. На средбата Макрон изјавил дека сака Самитот во Загреб да биде успешен и повторил дека промената на методологијата на преговарачкиот процес е предуслов за започнување преговори со земјите кандидати за членство во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG