Украинските сили одбија бројни руски напади во Бахмут во изминатите 24 часа, соопшти официјален Киев на 4 март, и покрај тврдењата на московските платеници дека источниот град е целосно опколен.
Сепак, западните воени експерти велат дека ситуацијата во Бахмут и натаму е критична и дека украинските бранители се под „сè поголем притисок“.
Во источниот регион на Донецк, Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен соопшти дека украинската војска одбила повеќе од 150 напади на руските војници во последниот ден околу Бахмут, Лиман, Авдијивка и Шахтарск.
„Непријателот непрестајно се обидува да го опколи Бахмут“, соопшти Генералштабот, додавајќи дека бројни напади биле одбиени од украински борци во соседните области Васјукивка, Дубово-Василивка и Иванивске.
Украинските власти сугерираат дека нивните трупи можеби ќе треба целосно да се повлечат од Бахмут откако одбраната на градот ќе стане премногу ризична да се изгубат многу животи. Доколку дојде до тоа, тие ќе треба да се повлечат на нови позиции на запад и северозапад, каде, како што се наведува, Украинците имаат далеку посилни одбранбени позиции.
„Сите единици вклучени во одбраната на Бахмут јасно ги извршуваат своите задачи. Нашите војници постојано дејствуваат во екстремно тешки услови и прават сè за да се осигураат дека бројот на непријателските сили се намалува секој ден“, изјави генерал Виктор Хоренко, командант на специјалните операции.
На 3 март, Евгениј Пригожин, бизнисмен поврзан со Кремљ и основач на озлогласената руска платеничка група Вагнер, во видео порака, тврдеше дека Бахмут, кој Москва неуспешно се обидува да го освои во последните седум месеци, е речиси опколен, и е оставен само со еден излез.
Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање соопшти дека украинската одбрана на Бахмут е „под сè посилен притисок, со интензивни борби кои се водат во и околу градот“.
Британските разузнавачи соопштија дека руски сили и платениците на Вагнер направиле напредок во северните предградија на градот, кој сега е ранлив на руските напади од три страни.
„Украина ја зајакнува областа со елитни единици, а во последните 36 часа се уништени два клучни моста во Бахмут, вклучително и виталниот мост што го поврзува градот со последната главна рута за снабдување од Бахмут до градот Часив Јар“, се наведува во извештајот.
Во североисточниот регион Харкив, украинските власти, пак, наредија делумна евакуација на ослободениот град Купјанск поради постојаното и интензивно руско гранатирање.
Шојгу на првата борбена линија
И додека траат борбите, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу направи инспекција на првата линијата на фронтот во источна Украина, соопшти Министерството за одбрана на 4 март.
Министерството објави дека Шојгу „го посетил командниот пункт на фронтот“, во областа на јужниот регион Донецк, без да прецизира точно место или време.
Исто така, објавија и видео на кое се гледа како Шојгу патува со хеликоптер, по што разговара со војник пред оштетени згради. Во продолжение е прикажано како одликува руски војници.
Во Хаг меѓународен центар за истрага на злосторствата во Украина
Во меѓувреме во земјата погодена од војна, се разговара да се формира меѓународен центар за истраги на криминалната агресија на Русија во Украина, најави генералниот обвинител на Украина, Андриј Костин. Договор за формирање на таков центар е склучен на конференцијата „Обединети за правда“ посветена на обновувањето на правдата за Украина, што се одржа на 3 март во Лвив.
Гостин на конференцијата беше и американскиот државен обвинител Мерик Гарланд. Тој ја повтори посветеноста на Вашингтон „Русија да одговара“ за злосторствата извршени за време на целосната воена инвазија на Москва.
„Главниот обвинител одржа неколку состаноци и ја потврди нашата решеност да побараме одговорност од Русија за злосторствата извршени во неправедната и неиспровоцирана инвазија врз нејзиниот суверен сосед“, рече претставник на Министерството за правда на 3 март.
Центарот што ќе собира докази за кривичното дело агресија, веќе летово ќе започне со работа во Хаг.
„Пред една година светот дебатираше дали Украина ќе преживее. Денеска, овде во Лвив, разговараме за форматот на трибуналот за Путин. Сметам дека ова е непобитен напредок и наше заедничко достигнување“, рече украинскиот обвинител Костин.
На конференцијата присуствуваа претставници на земјите од ЕУ и европските институции, а беше и европскиот комесар за правда, првиот човек на Европравда, Дидие Рејндерс.
На почетокот на јануари оваа година, Министерството за надворешни работи на Украина ја повика светската заедница да го поддржи создавањето на специјален трибунал во врска со злосторството на руската агресија врз Украина.
Американските и другите западни функционери продолжуваат да ја притискаат Украина да продолжи со чекорите за искоренување на корупцијата и стабилизирање на владеењето на правото во земјата, иако таа се бори против руска инвазија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати на конференцијата, преку видео обраќање. Тој им порача на учесниците дека правдата ќе се врати кога руските воени власти ќе бидат повикани на одговорност за злосторствата извршени за време на војната.
Вашингтон, Европската унија и групите за човекови права ја обвинија Русија за кршење на човековите права на територијата на Украина, вклучувајќи тортура, злоупотреба, силување и други форми на насилство, како и напади врз цивилна инфраструктура и објекти во енергетскиот сектор.
Но и покрај доказите, Москва ги отфрли обвинувањата, и ги повика меѓународните тела да ги истражат злосторствата за кои вели дека биле извршени против руските воени заробеници во Украина.