Лиценците и одземената документација на превозникот Беса Транс од македонското обвинителство се предадени на бугарското обвинителство, кое ги истражува причините за големата сообраќајна несреќа која минатата недела се случи на бугарската магистрала Струма, при што во опожарен автобус загинаа 45 луѓе.
По прес конференцијата на македонските министри во петокот, се отворија неколку прашања за тоа како некои фирми под радарот на институциите со години вршат злоупотреби и не ги почитуваат правилата.
Автобусот кој се запали во Бугарија, а е во сопственост на компанијата БЕСА Транс БТБ, од почетокот на годинава 113 пати ја преминал македонската граница со злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, при што го прекршувал Законот. Според излагањето на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, компанијата поседувала две лиценци за работа за внатрешен и надворешен транспорт на патници и двете сега се неважечки- првата е одземена, а втората истечена.
Фирмата Беса Транс поседувала и лиценца за втора дејност - Б лиценца за вршење на туристичка дејност, која ја добила во декември 2020 година од министерството за економија.
Тоа значи дека со оваа лиценца компанијата имала обврска да има само еден вработен и договор со туристичка агенција од каде што ќе смее да ги препродава аранжманите. Но, според објавените понуди на официјалната страница на компанијата, очигледно е дека тоа се нивни организирани аранжмани.
Според критериумите на министерството за економија, за да може една компанија да добие А лиценца за туристичка дејност, односно да организира туристички аранжмани, потребно е да има најмалку 4 вработени лица и банкарска гаранција од 100 илјади евра.
Според законот, туристичките агенции не може сами да вршат превоз на патници до дестинации, туку за тоа треба да склучат договор со фирма која се занимава со примарна дејноста транспорт на патници. И обратно, превозник не може да се занимава со туристичка дејност, односно не може сам да организира туристички тури.
Дел од сопствениците на туристичките агенции со кои разговараше Радио Слободна Европа предупредуваат дека токму во овој сегмент многу често забележуваат злоупотреби, односно фирми како Беса, кои се занимаваат со транспорт и организирааат тури исто како да се Агенција, само без обврските за банкарска гаранција од 100 илјади евра, вработување на 4 лица и без А лиценца.
Но, според објавените туристички понуди на веб страницата на Беса Транс, се гледа дека таа организирала тури уште во 2019 година, кога, според податоците од министерството за економија, немала лиценца за такво нешто.
Во мај 2019-та, Беса Транс нудела аранжман од три дена во Истанбул со туристички водич, нешто за кое е потребна најмалку лиценца од Б категорија која ја издава министерството за економија. Потоа во јануари 2020 година е понудена истата тура со посета на Капали чаршија и неколку џамии во Истанбул.
Но, сето ова е спорно затоа што во регистарот на министерството за економија за лиценцирани туристички агенции до 2020 година не е евидентирана фирмата Беса Транс. Од министерството за економија ни одговорија дека лиценца Б за туристички дејности на оваа фирма и е издадена во декември 2020 година за туристичка агенција која ќе го носи името Беса Травел.
Превозници на патници кои нудат екскурзии или шопинг тури без лиценца за туристички дејности не се ретка појава, велат луѓето од оваа фела. Мирче Пешевски, сопственик и управител на туристичка агенција, која 30 години работи на македонскиот пазар, вели дека клучен проблем е несоодветно спроведување на контролата за почитување на законите.
„Туристичките агенции исклучиво според законот за туристичко работење може да се бават само со примарната дејност, и во истата конотација, превозниците според законот за транспорт може исклучиво да вршат превоз на патници ако основна дејност им е превоз на патници. За жал, двата закона се во колизија со самиот факт дека законот за туризам не ја има издвоено во своите членови оваа потреба, па тоа е оставено на самосвеста на самите субјекти кои се регистрираат. Па така има чести појави во туристичкото работење, односно во туристичките аранжмани да учествуваат фирми на кои не им е основна дејност туристичко работење, што не е дозволено“, вели Пешевски.
И тоа е само еден од пропустите во системот кои излегоа на површина за тоа како функционираат работите во туристичкиот сектор.
Според податоците на министерството за економија, во земјава се регистрирани вкупно 728 туристички агенции со А или Б лиценца. Државниот инспекторат за транспорт неодамна соопшти дека во транспортот на патници се регистрирани над 2 илјади компании.
„Ако ги согледаме овие бројки, точно е дека не е можно да се има континуирана контрола врз сите нив, меѓутоа не може да постојат толку многу субјекти на пазарот со оглед што од економски апсект тоа е неодржлива бројка. Јас немам нешто против бројките, но имам против доколку сите не работат на соодветен начин и не ги почитуваат законите во нивното работење“, вели Пешевски.
Дел од членовите на стопанската комора за туризам велат дека не секогаш е добра соработката меѓу транспортните компании и туристичките агенции и се случува решението за нивните проблеми да се бара во судница.
„Не постои компанија која вози исклучиво за туристички цели, за екскурзии или аранжмански патувања. Оној што вози секојдневно до Кавадарци и превезува работници, вози и на пат до Истанбул, е не може така“, вели поранешна вработена во туристичка агенција.
Превозниците, пак, предупредуваат на поинакви системски пропусти со кои тие се соочуваат. Претседателот на здружението за транспорт на патници „Легис“, Јован Матичарски вели дека клучен проблем во нивното делување се дивите превозници.
„Системски пропуст се дивите превозници кои народски кажано ни го земаат лебот, а не се санкционираат. Со години имаме проблеми со дивите превозници. Сме правеле состаноци на оваа тема и со МВР, и со министерството за транспорт и со инспекторати, меѓутоа недоволно се ангажираат за да ги сопрат дивите превозници. Тоа се превозници кои возат и прават транспорт на патници, а немаат ниту регистрирана фирма, ниту имаат регистрирана дејност“, вели Матичарски.
Дел од сопствениците на туристичките агенции со кои разговараше Радио Слободна Европа велат дека закони во државата има, само што „лакомите“ си дозволуваат да не ги почитуваат загрозувајќи ја безбедноста на патниците и валкајќи го образот на туристичките агенции во земјава.
„Нека престанат да ни го валкаат образот на сите кои мака мачиме да опстане оваа дејност во која сме ја вложиле сета енергија. Купете камиони наместо автобуси и превезувајте стока наместо луѓе. Отворете фирма за трговија, а не за туризам. Па бујрум на пазарот рамни со сите“, се вели во коментар објавен на фејсбук страница на една туристичката агенција.
Поголемиот дел од нив не сакаат јавно да коментираат за несреќата и за проблемите во туристичката фела, стравувајќи за тоа како ќе бидат сфатени на само неколку дена по несреќата која однесе многу животи.
Според луѓето кои се инволвирани во овој сектор, дел од проблемите лежат во државниот надзор кој за некои е мајка а за други маќеа, како и во испреплетените надлежности на институциите. Туристичките агенции се под надлежност на министерството за економија, додека компаниите кои вршат транспорт на патници се во надлежност на министерството за транспорт и врски.