Достапни линкови

Кој има вакво Бентлиии? Како се гасиии?


Илустрација: Автомобил Бентли
Илустрација: Автомобил Бентли

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера се пофали дека возачот на Бентлито кое со голема брзина возеше по скопскиот плоштад и ги вознемири пешаците бил експресно казнет со 45 евра. Немојте толку строго, иронично коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Човек со мотор брмчи околу зградите во четири часот наутро и се дере: Кој има ваков мотоооор? Еднаш, двапати, трипати... По некое време на балкон излегува еден од соседите и вели: Јас имам, па не се дерам во четири наутро.

- Како се гасииии, прашува моторџијата, вртејќи уште еден круг околу зградата.

Можеби и возачот на Бентлито, што синоќа со голема брзина возеше по скопскиот плоштад, слично како моторџијата од вицот, не знаел како се гаси.

Откако видео снимката од вознемирени пешаци кои се тргаат пред забрзаниот автомобил се појави на социјалните мрежи, скопскиот градоначалник веднаш се пофали дека возачот е најден и експресно е казнет.

Казната е ни помалку ни повеќе, туку цели 45 евра. Аман, немојте толку строго, веќе нема да му текне, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Среќа што Бентлито било исправно, да не му работела сијаличка на фарот, казната ќе била три пати повисока.

Ако возачот и совозачот не носеле маски, казната можела да биде и двојно повисока.

Други, пак, велат дека и полицајците треба да внимаваат да не се удрат во некој пајак, алудирајќи на случајот од 2018 година, кога прво беше објавено дека функционерот на ДУИ Беќир Асани нападнал полицајка која се обидувала да го крене неговиот непрописно паркиран џип од пред трговскиот центар Мавровка, но Министерството за внатрешни работи потоа соопшти дека полицајката сама се удрила во пајакот.

Трети цинично посочуваат дека ваквото возење може да влезе и во туристичката понуда на градот.

Битолчани се загрижени дека вакви возачи може да се појават и кај нив.

Некои архитекти, пак, иронизираат дека каков плоштад, такво однесување на луѓето.

Казната, според законот е таа, дали се работи за Бентли или за Југо сеедно. Сепак, се чини дека граѓаните сметаат дека тие што возат Бентли се малку „поеднакви од другите“.

Дел од луѓето посочуваат дека се работи за автомобил кој чини над 150 илјади евра и се прашуваат од каде пари за такво нешто.

Вакви случаи во Скопје се случуваат од време на време. Кејот зад ГТЦ постојано е полн со паркирани возила, а пред неколку години имаше и дрифтање околу споменикот на Александар Македонски на плоштад.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG