Афери од контоверзниот обид за набавки на кинески вакцини преку приватни фирми од Хонгког и Пекинг, преку тендер за снимање на зелени површни од фирма која се поврзува со министерката за образование Мила Царовска и нејзиниот партнер, и контроверзната набавка на софтвер од поранешниот генерален секретар на Владата, а сега советник на премиерот Зоран Заев, Драги Рашковски. За дел од нив Обвинителството по извесно време „ги слушна медиумите“ па отвори постапка, за дел Антикорупциската комисија отвори предмети за можен конфликт на интереси и корупција.
Обвинителството отвори предистражна постапка за софтверот на Рашковски
Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори предистражна постапка и за аферата која пред три недели ја објави емисијата „360 степени“ за софтверот кој што го набавил поранешниот генерален секратар на Владата Драги Рашковски за МВР, а министерството веќе осум месеци не го користи. Станува збор за набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Откако беа издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството достави известување во врска со нивното постапување во случајот.
Обвинителството за Рашковски ја „префрла топката“ на МВР и Финансиска полиција
Претходно Претседателската на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска соопшти дека комисијата отворила предмет и дека чекаат од надлежните институции да им достават документи за целата постапка.
„Поднесовме барања до Генералниот секретаријат на Владата, до државниот завод за индустриска сопственост каде што бил патентирана идејата на Рашковски, потоа до МВР, УЈП, Централниот регистар каде што е регистрирана фирмата, и ќе видиме понатаму зависи од потребите можеби ќе испратиме до некоја друга инститиција“ вели Ивановска за радио Слободна Европа.
Станува збор за софтвер за кој поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока груп“. Ја платил 81 илјада евра со цел да се употребува во рамките на проектот „ Безбеден град“ на МВР.
Но, оттаму велат дека таквиот софтвер нити го користат, ниту планираат да го користат затоа што работат на нов проект за таа цел. Дополнително Рашковски ја патентирал идејата за софтвер кој подоцна со јавна набавка го нарачал и платил на „Инвока Гроуп“ од државниот буџет пред да биде извршено негово тестирање за функционалноста.
Рашковски уште во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“. Во тој период софтверот не бил изработен во целост од фирмата „Инвока Гроуп“ затоа што ,според известувањето за склучен договор на Бирото за јавни набавки, набавката во целост била реализирана во 2020 година.
Во меѓувреме, Рашковски за дел од медиумите потврди дека сега ( во периодот откако беше отворена оваа афера во земјава) е на одмор во Мексико.
Кинеските вакцини „интересни“ за Антикорупциска но не и за Обвинителството
Веднаш по аферата со Рашковски преку италијанскиот весник „Ла верита“ се отвори и нова афера за сомнителна постапка при набавка на кинеските вакцини во кои е инволвиран министерот за здравство Венко Филипче.
Антикорупциската комисија соопшти дека побарала од министерот Филипче и од Владата да им ги достави сите документи поврзани со набавка на вакцини и потоа ќе одлучува дали има надлежност за да постапува за овој предмет.
„Ла Верита“, имено, објави дека комуникацијата меѓу македонската влада со „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Во јавноста останаа неодговорени прашањата за тоа која е фирмата „Старби Интернешнл“ преку кој бил остварен контакт уште на 25 декември 2020 година и за колкава цена за набавка на вакцините се преговарало.
Авансот за вакцините од „Синофарм“ беше вратен, а италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причината е затоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонгконг, а која била наведена во две писма од Филипче до кинескиот производител. Филипче и премиерот Зоран Заев изјавија дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.
За разлика од Антикорупциска, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Финансиската полиција се уште само со интерес ги следат случувањата и информациите во јавноста.
Антикорупциска денеска ја побара документацијата за „кинеските вакцини“
Филипче на прес конференција говорејќи за набавката изјави дека откако не успеале по регуларен пат да добијат одговори од кинескиот производител, пробале преку алтернативен начин да дојдат до вакцини против ковид-19. Тој ја потврди автентичноста на документите објавени во „Ла верита“ и дека помош побарале и од активни кинески компании кои работат во земјава како „Пауер Чајна“ и „Синохидро“.
Партнерот на Царовска меѓу обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ неделава го обвини градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дека со јавна набавка предизвикал конфликт на интереси и „ расфрлање со државни пари“ во време на пандемија. Станува збор за набавка која ја добила фирмата „Фајм Кам“ во сопственост на Горан Георгиевски со вредност од еден милион денари односно 16 илјади евра за снимање на зелени површини за рана детекција на растителни болести.
Глумицата и советник во Советот на Град Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Јелена Жугиќ изјави дека Шилегов се крие и молчи откако му доделил тендер на партнерот на министерката Мила Царовска.
„Во време кога секој ден десетици луѓе починуваат од компликации од вирусот, на Шилегов најголема грижа му се болестите на зелените површини. Истите оние зелени површини кои како градоначалник ги запостави и девастираше изминативе три и пол години. Градоначалникот, „таткото” на скопјани Шилегов наместо да распише тендер, да набави заштитни средства и да ги подели бесплатно на ранливите категории граѓани, тој почитувани скопјани, дава еден милион денари на партнерот на Царовска за снимање на зеленилото од дрон“, вели таа.
Градоначалникот Шилегов во гостувањето на Канал 5 изјави дека таква набавка била потпишана и од неговиот претходник.
„Ова е документ потпишан од Коце Трајановски со „Флај кем, сопственот на господинот Горан Ѓоргиевски, сопругот на Мила Царовска во 2016 година“, изјави Шилегов.
Според документите во Бирото за јавни набавки, последен договор со фирмата Флај Кам е склучен со градот Скопје на 4 март годинава во вредност од 16 илјади евра. Претходно таков договор во вредност од 15 илјади евра бил склучен во 2019 година. Набавката од таа фирма се однесувала на изнајмување на опрема за висинско набљудување на терен, диви депонии и останати зони во градот.
Во 2016 година кога татко на градот беше Трајановски, била склучена набавка со оваа фирма во вредност од речиси 9 илјади евра за изработка на видео документација за тековни инвестициски инфраструктурни проекти на територија на Скопје.
Трајановски по изјавата на Шилегов, на својот Фејсбук профил напиша дека наместо да се вади на потписи од него и на флоскулата „и тие така правеа” Петре Шилегов мора да даде релевантен одговор дали во ова време на економска рецесија и време на здравствен траор за граѓаните, тој мораше да отвори тендер за да во изборна година се најде ангажман за животниот партнер на Мила Царовска, актуелен министер во владата, и сопартиец на Петре Шилегов.
„Во декември 2015 година кога беше распишан тендерот, и 2016 година кога беше потпишан договорот, во тоа време Мила Царовска беше непозната во политиката, односно работеше во невладиниот сектор“ пишува тој.
Од оваа фирма минатиот месец дрон купило Јавното претпријатие Стрежево во вредност од 2 илјади евра. Претходно во 2018 година според податоците на Бирото за јавни набавки, Флај Кам склучила договор за набавка на дронови за вонредни преглед на ДВ со државното претпријатие МЕПСО во вредност од 12 илјади евра, а општината Куманово купила дрон во вредност од 2 илјади евра.
Просветниот инспекторат го истражува скандалот со професорски плагијати на Универзитетот во Тетово
Скопје не е единствениот епицентар на скандали деновиве. Просветниот инспекторат пред два дена започнал со вонредни контроли на медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Ваквата контрола доаѓа по објавените информации дека на 7 професори научните трудови им се плагијат. Оттаму најавија дека во следниве денови детално ќе ги разгледаат сите досиеја на професорите како и научните трудови. Од Тетовскиот универзитет за дел од медиумите велат дека по извршената контрола и откако ќе излезе инспекторатот со заклучок, тогаш ќе се произнесат. Оваа афера изби публикацијата „Веритас“ објави дека дека професори на овој државен универзитет направиле плагијат, односно искористиле туѓо дело прикажувајќи го како свое.
„Со ова, членовите на академската заедница не само што постапиле нечесно, туку и постапиле спротивно на духот на начелата на Законот за високото образование. Истражувачкиот труд на Интелектуалната иницијатива за зголемување на квалитетот во универзитетското образование посочува дека Медицинскиот факултет при ДУТ е еден од упориштата за непотизам, плагијат, купопродажба на оценки, антиакадемска заедница и „интелектуална“ мафија “ реагираа со писмено соопштение од Младинскиот образовен форум.
Во меѓувреме во емисијата на Алсат „200 “ поранешниот ректор на Тетовскиот универзитет, Неџбедин Беадини и поранешниот декан, Кастриот Хаџиреџа се судрија со обвинувања и контра-обвинувања за плагијати на Медицинскиот факултет во оваа високонаучна установа.
„Нема како да поверувам дека еден биолог работи научен труд за адемокарцином на простата, значи биологија, што јас самиот не се осмелувам да го правам како лекар, затоа што не е во моја чест, тоа е многу редок карцином на простата и треба да сте оперирале стотици и илјадници пациенти за да пронајдете таков карцином на простата,“ изјави поранешниот Хаџиреџа во емисијата на Алсат.
Од друга страна, пак, Беадини истакна дека ниту како поранешен декан, ниту списанието „Веритас“, ниту кој било приватен софтвер не е надлежен за проценка на автентичноста на научните трудови, туку авторот на делото за кое се тврди дека е украдено.
„Извини, те почитувам многу, но да кажеш дека професорот Беадини само затоа што е биолог не може да работи научен труд во медицината, тоа не е во ред. Ние сме професионалци, работиме 30 години, даваме дијагнози, даваме резултати и професор да каже дека професор не е компетентен да работи научен труд, тоа е голем апсурд. Од неискуство, од посветеноста што ја има како лекар затоа што е хирург, јас го разбирам хирургот, влегува во сала 5 часа и кога излегува не знае каде е, “ изјави Беадини.
Контроверзниот црногорски бизнисмен Дака „влезе “ во ШИК „Јелак“ Тетово
Аферата која пред една година избир од „новите бомби“ за контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ повторно се актуелизира деновиве. Причина затоа беа објавите во македонски медиуми дека Давидовиќ преку компанијата „Нексан“ станал сопственик на Шумскиот индустриски комбинат „Јелак“ Тетово.
За оваа афера минатата година обвинуваше опозицијата која тврдеше дека вреди 200 милиони евра. Опозицијата обвинуваше за криминал,во кој Давидовиќ ветувал пари и земјиште за да го добие местото,и тука да гради огромен станбено-деловен комплекс. Тогаш власта тоа го негираше.
На Јутјуб каналот „Раце лепливи“ минатата година се појави бомба во која , како што се пишува, се слуша гласот на Зоран Милески и Давидовиќ Дака. Во аудио материјалот кој трае околу 12 минути двајцата, Дака и Милески ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев.
Дака се слуша како во расправија и незадоволство од нереализираните бизниси со Милески, споменува работа Тетово со тутун, референдумот и средба со тогашниот премиер Зоран Заев, а се споменува дека работата под контрола ја држел генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Дака во разговорот споменува дека му исплатил на Милевски 300 илјади евра и 2000 квадрати и го прашува, што сакате сега? Спомнувајќи го и Шумско индустрискиот комбинат „Јелак“ од Тетово.
Тогаш Радио Слободна Европа пишуваше дека од архивата на седниците на Владата пак, може да се види дека на 15 јануари 2019 година Владата донела предлог-одлука за давање согласност да се понуди дел од деловен простор на другите сосопственици на деловниот простор на „ШИК Јелак“. Како и дека на друга седница, одржана на седми февруари, владата, како што стои во записникот, ги усвоила заклучоците, а меѓу другото, усвоила и предлог во кој се наведува дека „доколку сосопствениците не ја прифатат понудата во рок од 30 дена од соопштението од подавката, продажбата на идеалниот дел да продолжи согласно член 23 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост“.
Парцелата од 71 илјади метри квадратни минатата година доби нова намена- Општина Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.
Опозицијата по минатогодишните парламентарни избори реагираше дека Дака, чија компанија „Нексан“ е позната по тоа што превзема компании под стечај во Црна Гора и Србија, во центарот на Тетово ќе изгради 2.000 стана и трговски центар на местото на поранешниот шумарско-индустриски комбинат Јелак.
„Со ДУПот целосно се нарушува балансот и урбаното живеење во градот. Со овој ДУП се предвидува градба од 230 000 метри квадрати од кои станови дури 140 000 метри квадратни, а околу 80 000 метри квадратни деловни објекти. Поедноставено ова значи околу 2 000 нови станови во Тетово со некаде околу 8 000 нови жители, како и деловни објекти кои дополнително ќе го оптоварат градот. План за кој нема никакви нити урбанистички нити сообраќајни услови а најмалку хумани услови за живот. План во кој потенцијалната заработка на инвеститорот надминува незамисливи 200 милиони евра!“ напиша на својот фејсбук профил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на 31 август лани.
Тогаш опозицијата бараше од Обвинителство да отвори случај, по објавениот аудио-разговор, кој опозицијата го толкуваше како обид за милионски поткуп за премиерот Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Дака потоа се огласи дека финансирал единствено консултантски услуги преку посредници
До сега од Обвинителството не излегле со информација дали е покрената постапка за овој случај.