„Трпај багра у ќорка“ – Македонски Пуѓаа Владимир на чиј ФБ профил пишува дека живее во Пјонгјанг, Кореја;
„Така за Соросови ........... само ќорка“ – Анастас Савески;
Ова се само некои од негативно настроените посетители на ФБ страницата на РСЕ по информациите на нашата веб страница за масовните апсења во Москва и во други руски градови од страна полицијата за време на неделните масовни демонстрации против апсењето на опозицискиот политичар и критичар на претседателот Путин, Алексеј Навални.
Џемал Џафероски реагира против постапките на руската полиција: „Неправилно работи полицијата, не е правда“.
Ѓорѓи Ристески се префрла на случувањата во Вашингтон кога приврзаници на веќе поранешниот претседател Трамп насилно упаднаа во зградата на американскиот Конгрес и пишува дека таму била присутна и војска и се однесувале „многу посурово“, а во Москва имало само полиција. Ја критикува РСЕ на македонски дека требало да биде „пообјективна во известувањето, ни се смачи од едностраноста“, - како што напишал.
Кирил Биџоски со забелешка кон Ѓорѓи Ристески: „Дежураш со антиамериканска кампања овде секој ден, како да ти е работно место“.
И Јане Атанасовски со слична реакција како Ристески: „РСЕ на македонски многу сте провидни во објавите, објавете дека Трамп е блокиран на сите медиуми“. Јане Атанасовски веројатно ги превидел информациите дека македонската редакција објави вести и за тоа дека во меѓувреме Твитер и Фејсбук ги деблокираа профилите на Трамп.
Протестот на незадоволните роднини на обвинетите во случајот „Монструм“ за кои Јавното обвинителство на последното судско рочиште побара највисоки казни повторно ги разбранува меѓуетничките нетрпеливости на нашата ФБ страница. Навреди, пцовки, говор на омраза... Таквите постови, вообичаено, не ги објавуваме.
Ванчо Коде прашува: „Специјалците уште да не седат во Вевчани?“, очигледно превидувајќи ја информацијата дека пред ЈО имаше полиција врз која демонстрантите фрлаа петарди и камења и вербални навреди кон полицајците, но организаторот на протестот ја смири ситуацијата.
За волја на вистината, многу од Македонците коишто постирале се согласуваат со протестот. Миле Јовчески напишал: „Е затоа се јаки Албанците, сите за еден, еден за сите, независно дали се во право или не, треба да им се завиди, а ние Македонците сме први очи еден на друг да си вадиме“. Јовчески му одговара и на Омер Бислими, па додава: „Овие излегле на протести зашто во Мк нема правда, Заев треба да одговара зашто тој викаше дека знае сѐ за овој случај и дека лежат луѓе во затвор невини“. И Целе Неделковски со одобрување: „Бравос за протестот, да се докажи оти уште е гнасно судството, ништо точно нема објавено, точно треба да кажат кој беше организаторот на убиството“.
Последниве неколку дена има нов бран изјави од Софија за македонизмот, потеклото, јазикот, политиката, а јавноста повторно се разбранува по изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Захариева дека не била изненадена од изјавата на премиерот Заев за враќање на српскиот јазик во македонските училишта. Тони Пешевски прашува „зошто Заев не упати протестна нота за мешање во внатрешните работи на земјава?“, а Анастас Жилески-Наце констатира: „Многу уба изјава во духот на добрососедски односи“. Иљо Китанов ѝ се обраќа: „Е ти изгледа не знаеш што коментари даваш. Еднаш викаш дека Македонците се Бугари, сега дека сме креација на некој. Па ти стварно си ʼвонкаʻ од сѐ“. Сашо Карамешиноски постирал само еден збор: „Ignore!!!“