Со ѓаволеста насмевка Ланфранко Чирило, одговараше на прашање за неговата врска со човекот во чија канцеларија на трети спрат во централна Москва се закачени два потрети од рускиот претседател Владимир Путин.
„Како и сите Руси, и јас знам дека Русија има претседател“, изјави за Радио Слободна Европа, Чирило на правилен, тука и таму со граматички грешки руски јазик.
„Тој е многу добар човек. Ние како граѓани сите многу го почитуваме.“
Чирило, сепак, не е само обичен руски граѓанин.
Педесет и шестгодишниот Италијанец доби руски пасош благодарение на Путин. Тој се пресели во реткиот свет на позлатената класа, односно во кругот на Путин - таинствено место познато по мрежите на клиенти - покровители и длабоко сомнителни странци. И тој е дизајнер на дворец, наводно изграден од рускиот претседател, работа за која го заслужи називот „Путинов“.
Тој сега сонува да добие права за дизајнирање на голема зграда на парламентот во Москва, приклучувајќи се на пантеонот на италијански архитекти кои дизајнирале важни знаменитосни објекти низ вековите - вклучително и иконскиот Кремаљ и Зимскиот дворец во Санкт Петербург.
Чирило беше буквално непознат, дури и во архитектонската заедница во Русија, сè до моментот кога пред скоро пет години го прогласија како дизајнер на она што беше наречено „Палата на Путин“, раскошен имот изграден во најголема тајност во градот Геленџик.
За руската политичка опозиција, имотот стана безобразен симбол на неконтролирана државна корупција. A, кој е клучот кој го има овој странец и што доведе до договор за дизајнирање на можеби најконтроверзниот недвижен имот на Русија - додека работеше со луѓе тесно поврзани со Путин - за многумина останува нејасно.
Чирило, пак, себеси се смета за скромен човек, кој не сака да се експонира, профил кој е производ на пост - советска верзија на Американскиот сон - приказната за напорна работа, заслуги и добра среќа.
Облечен во бела кошула со манжетни и жолта вратоврска, изгледаше опуштено на интервјуто во неговата канцеларија во Москва. Но, не одговори на прашањата во врска со „Палатата на Путин“, за кои Кремаљ категорично негира дека има каква било врска со рускиот претседател, но потврдува дека тој ја дизајнирал палатата.
Чирило вели дека нема ништо лошо во неговиот извонреден успех и подем во Русија. „Овде нема ништо чудно“, рече тој за РСЕ.
„Дојдов да заработам пари и создадов добра компанија. Што - дали е тоа лошо?“
Чудни времиња
Токму преку Лукоил, сега втора по големина руска нафтена компанија, го започна своето патување низ богатата класа во пост-советска Русија, според изворите на РСЕ.
Роден во Бреша во северниот дел на Италија во Ломбардија, Чирило вели има диплома од Универзитетот Ка Фоскари во Венеција и продолжил да патува пред да работи во „арапските земји“ две или три години. Во 1991 година, вели тој, дека пријател во Милано го замолил за помош со справување со клиент во Русија, кој не се снаоѓа баш најдобро со јазиците, но сакал странски архитект да му изгради викендичка. Чирило ја прифатил ваквата понуда.
Чирило вели дека овој човек, чие име не го откри, го поврзал со Вагит Алекперов, кој е претседател на Лукоил од 1993 година.
„Времињата беа чудни“, вели Чирило.
„Почнав да работам по домови. Потоа го запознав Лукоил, преку овој човек. Работев во Лукоил до 2002-03. Почнав да градам за Алекперов и за замениците на Лукоил. Изградив многу канцеларии, канцеларии и станови на Сретенски Булевар во Москва.“
Чирило вели дека отворил студио во 1995 година во мал стан на Нов Арбат, улица во Москва, опкружена со блокови од советски кули, што лежи на патеката до Кремаљ каде што живеат моќници и богати луѓе како Путин. На крајот, вели Чирило, тој се вработил во државниот енергетски гигант Гаспром и Новатек, втор по големина руски производител на гас, кој во моментов е во ко-сопственост на блискиот сојузник на Путин, Тимченко.
Чирило тврди дека дизајнирал и изградил раскошни домови и канцеларии за 43 руски милијардери кога пристигнал во Русија во очи распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
„Јас секогаш со гордост велам дека, ако има 120 милијардери во Русија, тогаш 43 од нив беа мои клиенти. Горд сум на ова. Тоа е тесен круг. Многу е тешко да се влезе во толку мал круг во Русија“, вели тој.
Неговата компанија нема веб-страница и тој вели дека никогаш не ги рекламирале своите услуги.
Тој се смее, присетувајќи се на некои поексцентрични нарачки што ги добивал од руските богаташи низ текот на годините.
„Сум видел некои чудни и фантастични работи“, вели тој, но додава дека свештеникот не открива што слушал од тој што му се исповедува.
Една извршна директорка за нафта, раскажува тој, од него побарала да изгради базен во нејзината дневна соба опкружена со стаклени ѕидови за да може да ги забавува гостите, но истовремено да плива гола и да не можат да ја видат.
„Работев насекаде - од Бајкал и Урал, на југ, Сочи, Геленџик“, вели тој. „Каде и да добиеме нарачка и сме заинтересирани, работиме. Има многу нарачки и задачи, но не секогаш имаме време да ги сработиме. Бидејќи работиме квалитетно, се разбира дека не можеме да прифатиме каква било задача.“
И покрај работите напишани во неговото портфолио, Чирило е мистерија за многумина во архитектонската заедница во земјата, изјавија неколку истакнати руски архитекти за Радио Слободна Европа.
„Тој е апсолутно непознат во кругот на московските архитекти“, вели Евгениј Ас, ректорот на Архитектонската школа МАРС.
„За неговото постоење дознаваме само од скандалозни политички публикации.
На фактот што живее далеку од очите на јавноста тој вели „Живеам навистина добро кога никој не ме познава, па зошто ми треба луѓето да ме познаваат?
„Сиромашниот италијански архитект“
Можно е името на Чирило да останеше далеку од центарот на вниманието ако бизнисменот Сергеј Колесников, некогашен соработник на Путин, во 2010 година не објави отворено писмо до тогашниот претседател Дмитриј Медведев за огромната палата на величествениот рид на Црното Море во Геленџик за кој тврди дека е изграден специјално за Путин.
Колесников беше претходен ко- сопственик на бизнис наречен Петромед, компанија основана во 90-тите години од Kомитетот за надворешни односи, која Путин ја надгледуваше во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург. Фирмата има добиено бројни договори со владата за обезбедување медицинска опрема на здравствените установи.
Според Колесников, десетици милиони долари од овие договори биле извадени и однесени во фирма регистрирана во Белизе, контролирана од бизнисмените Николај Шамалов и Димитриј Горелов, двајцата соработници на рускиот претседател.
Таа фирма, наречена Ланавал, префрлила најмалку 48 милиони долари на Медеа Инвестмент, компанија со седиште во Вашингтон, контролирана од Џирило, за да обезбеди градежни материјали за „Палатата на Путин“, според тврдењата на Колесников и документите објавени од Ројтерс лани, во тек на истрагата за имотот.
Чирило во изјава за Ројтерс потврди дека руска компанија му ја „доделила работата“ на проектот затоа што тој е „специјализиран и фокусиран на создавање на високи градби во многу земји во светот“, иако не откри други.
За РСЕ изјави дека „тој објект не бил дизајниран за претседател“.
„Го нацртав за клиент кој ме замоли да го нацртам. Го нацртав и добив пари за овој проект .... Мислам дека нема нешто лошо за архитект да заработи пари“, вели Чирило.
Подоцна, палатата Геленџик ја купил рускиот тајкун Александар Пономаренко. Колесников минатата година за РСЕ изјави дека имотот е во сопственост на фирма со седиште во Кипар, која, пак, е во сопственост на компанија регистрирана во друга земја.
„Никој навистина не знае кој е крајниот сопственик на таа палата“, рече тој.
Извор кој го со познава проектот „Геленџик“ за РСЕ изјави дека Џирило го склучил договорот затоа што имал големо искуство при дизајнирање на слични имоти за „Гаспром“ и „Строигазконсалтинг“, која била клучна компанија која се занимавала со дизајнирање на имотот на Геленџик.
Изворот посочил и на сличностите помеѓу портите на палатата Геленџик и портите на Зимската палата, раскошната резиденција на руските цареви во Санкт Петербург.
Љубов кон морето
Додека Чирило одбива да oдговара на прашања за замокот на Црното Море, тој потврдува некои факти од изјавата на изворот вклучително и дека работел со Строигаз консултант пред седум - осум години.
Тој исто така ги потврдува тврдењата, објавени од лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, дека тој сега поседува имот во близина на имотот Геленџик.
„Јас го изградив и го купив. Нема ништо тајно во ова. Имам право. Куќата е добра: 800 квадратни метри на море. Мислам дека човек што работел 23 години во Русија има право да изгради куќа за неговото семејство “, вели Чирило и додава дека му се допаѓа морето.
„Поседувам училиште за млади морнари. Им помагам на младите на целата територија на Краснодар“, додава тој, осврнувајќи се на рускиот регион во кој се наоѓа Геленџик.
Според Навални, сосед на Чирило во Геленџик е Татјана Кузнецова, сопруга на Олег Кузнецов. Истражувањата на руските медиуми објавија документи кои покажуваат дека Кузнецов бил вмешан во изградбата на имотот на „Палатата на Путин“ додека работел како службеник во Федералната служба за заштита на Кремаљ (ФСО).
Руските и западните медиуми објавија делумни транскрипти од аудио запис за наводен разговор за замокот Геленџик помеѓу Чирило, Кузнецов, Горелов, поранешен акционер во Руската Банка, што Министерството за финансии на САД го нарече „лична банка на високи функционери на Руската Федерација“ и Шамалов, кој е ко-основач на дача-задругите со Путин и кој беше погоден од санкциите на ЕУ поради мешањето на Русија во Украина.
На снимката, останатите го нарекуваат човекот за кој се верува дека е Чирило како „Ланфранко“. Во еден момент тој прашува дали плаќањето „со црни пари на американска компанија“ би било тешко, иако е нејасно што се подразбира под „црни пари“, според истрагата на Ројтерс, кои ја прегледале снимката.
Во записникот објавен од опозицискиот руски магазин „Нови тајмс“, Чирило се опишува себеси како „сиромашен“ - придавка што ја користи за прекар кој самиот го смислил.
Италијанската диплома на Чирило не е законски призната во Русија и тој вели дека не се потпишува на свои архитектонски проекти. На почетокот на својата кариера во Русија, Чирило започна да ги потпишува иницијалите БИА по неговото име. Тој вели дека многу луѓе го зеле тоа за да укажат на аристократска лоза, иако подоцна открил - дека тоа е всушност руски кратенка за „сиромашниот италијански архитект“.
Писма до Кремаљ
Чирило е сè останато освен сиромашен. Тој вели дека не треба повеќе да работи, но продолжува да го прави тоа првенствено заради своите вработени. Чирило вели дека во моментов има 200 вработени и уште 600 подизведувачи, како и архитекти кои работат во градежното крило на неговата компанија Строигазомплект. Нема ништо екстравагантно во трикатната зграда во која е сместено студиото на Чирило во престижниот станбен кварт од Кремаљ. Тој има мала лична теретана каде што тренира секој ден. Покажувајќи кон слика со светци на неговиот ѕид, Чирило се опишува себе си како католик, но човек кој има голема љубов кон Руската православна црква.
Ова лето, Строигазомплект стигна до последната фаза на тендерската постапка за договорот за дизајнирање на еден нов парламентарен центар во Москва, во кој би биле сместени двата законодавни домови на Русија, Државната дума и Советот на федерацијата. Прелиминарните трошоци за зградата беа проценети на 1,5 милијарди долари.
„Државната дума е сон“, вели Чирило.
Тендерската постапка беше откажана во јули, а новиот тендер ќе се распише подоцна годинава. Првичниот тендер се најде на мета на критики од архитекти и активисти поради недостаток на транспарентност.
„Ми се чини комплетно затворена и полулегална афера за која се знае само во Државната дума и некои државни структури“, вели Ас, ректорот на архитектонското училиште.
Чирило го гледа проектот за Парламентот како можност да го втисне своето име во историјата на руската архитектура заедно со другите Италијанци.
Тој вели дека решил да се кандидира за проектот откако „прочитал за тоа во едно списание“ и „испратил писмо до претседателската администрација“.
„Тие ми испратија информации за тендерот“, рече тој за РСЕ.
Во декрет од 16.08.2014 година објавен на веб-страницата на руската влада, Путин му даде руско државјанство на Италијанскиот архитект.
Чирило тогаш изјави дека тој одамна се откажал од Федералната миграциска служба и Кремљ барајќи руско државјанство, но скоро се откажал од надежта.
„И пишав на претседателската администрација, и им кажав дека сонувам да живеам овде. Дека имам дом, пари и дека не сакам да живеам како „гастарбајтер“, рече тој, повикувајќи се на „гастарбајтери“ кои се мета на потсмев за некои Руси. „Но, јас ја сакам оваа земја. Сметам дека оваа земја е одлична земја со големи можности за добра иднина.“
Подготви Теодора Цветковска