Околу 150 илјади евра со години и должат на државата неколку фирми поради неплатени давачки за интегрирани еколошки дозволи, откриваат државните ревизори. Но, од Министерството за животна средина не ги откриваат имињата на должниците. Според ревизорскиот извештај дел од долговите се стари и повеќе од три години. Во земјава издавањето на еколошки дозволи започна во 2006-тата година кои според законот треба да се обновуваат редовно.
„На ревизијата не ѝ беа доставени докази за навремено и целосно утужување, односно покренување постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола и со тоа го оштетуваат буџетот на Министерството“, наведува Државниот завод за ревизија. Радио Слободна Европа и од оваа институција побара одговри за кои фирми станува збор, но информации не добивме до објавувањето на текстот.
Големите компании имаат обврска да поседуваат А или Б интегрирани еколошки дозволи за да го спречат и контролираат нивното загадување на животната средина. Тие ги плаќаат овие даноци поради еколошкиот притисок врз животната средина, а парите државата потоа може да ги насочи за финансирање на активности за заштита на животната средина, како мониторинг, инспекција, санација, едукација и истражувања.
Оштетен е буџетот
Но, ревизорите во истиот извештај исто така наведуваат дека со неиздавање и ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместоците за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството за околу три милиони денари, што е околу 50 илјади евра.
Откако ревизорите го доставиле извештајот до Министерството, надлежниот Сектор за индустриско загадување во Министерството од пет фирми наплатил еден милион денари, односно околу 16 илјади евра.
Ревизорите велат дека во 2021 година биле регистрирани вкупно 111 активни корисници на А и Б интегрирани дозволи, од кои 18 не доставиле годишен извештај за поседување на интегрирана дозвола.
За 17 фирми со А-дозволи од 2018 година наваму не биле издадени решенија за годишен надоместок за поседување на еколошките дозволи, велат ревизорите. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ тврдат дека проблемот е надминат и дека сега редовно издаваат решенија за наплата.
Системот за издавање на решенија за наплата на годишниот надоместок не е автоматизиран, туку зависи од човечки фактор. Надлежните во Секторот за индустриско загадување го пресметуваат износот за наплата посебно за секоја инсталација која добила еколошка дозвола според формула дефинирана во законот за животна средина.
Вработените издаваат решенија за наплата, нема автоматизиран систем
Но, еко-активистите сметаат дека токму системот е меѓу причините за пропустите во наплатата кој не е автоматизиран, како што вели Ана Чоловиќ Лешоска – извршна од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“
„Ако зависи од човечки фактор секогаш ќе има пропуст и тоа ќе резултира со штета врз буџетот. Потребно е исто така да се каже дека тие надоместоци се неопходни за да може владата да инвестира во проекти за заштита на животната средина. Ако не се подмируваат навремено, не може ни да се планираат инвестициите соодветно, а со тоа штета се причинува на животната средина и човековото здравје“, вели Чоловиќ Лешоска.
Висината на надоместокот за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола ја пропишува Владата според бројот на местата на инсталацијата од кои се влијае врз животната средина, како на премиер загадувачки емисии, влијание врз води или почва.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за Радио Слободна Европа дека ревизорскиот извештај го опфаќа периодот од 2019 до 2021 година и дека состојбата со пропустите во наплатата на таксите била главно поради значително намален број на вработените во Секторот за индустриско загадување и управување со ризик поради ковид пандемијата, но и поради вработени кои ги напуштиле работните места, со што нивниот број бил преполовен.
А и Б интегрираните еколошки дозволите се издаваат врз принципот најдобри достапни техники (НДТ) за да се спречи или намали загадувањето.
А и Б дозволите се разликуваат според капацитетот и обемот на инсталациите и видот на загадувањето што го предизвикуваат. А дозволите се издаваат за големите инсталации со високо загадување, додека Б дозволите се однесуваат на помали инсталации и тие ги издаваат општините.
Издавањето А и Б интегрирани дозволи е според европските директиви за интегрирано спречување и контрола на загадувањето (ИСКЗ), како дел од процесот на хармонизација на законодавството на Северна Македонија со Европската унија.