Нема поместувања во позициите на власта и опозицијата околу одложеното важење на уставните измени, на кое инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Една недела по лидерската средба, двете страни ја повторуваат својата верзија од исходот на разговорите. Власта постојано тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени. Опозициската партија пак убедува дека не е така и дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат и во вакви услови. Односно, уставни измени да, но со важност откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Разликите околу менувањето на Уставот меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се во начините кога тие да бидат изгласани во Собрание и кога да стапат во сила.
Потсетуваме дека по лидерската средба премиерот предложи заеднички да ги изгласаат уставните измени, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат од Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Мицкоски пак побара уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ и кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, што би можело да трае повеќе години.
И токму таа разлика во ставовите на двете страни, оддалечува од компромисното решение и успешно завршување на процесот на уставни измени.
Владини извори велат дека дијалогот мора да продолжи, ВМРО-ДПМНЕ да се консолидира и да се работи на „измазнување“ на нијансите. Ако нема промена во партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, најавуваат дека битката за уставните измени ќе ја водат во Собранието. Велат дека преку дискусија, со аргументи и факти, ќе ги убедуваат пратениците кои се против, зошто е важно да ги поддржат уставните измени.
Но, дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со кои разговаравме велат дека не се толку наивни и дека нема да прифатат менување на Преамбулата под сегашните околности.
„Никој од пратеничката група на ВМРО-ДПМЕ и коалицијата не е наивен. Навистина станува збор за една замка којашто или невешто или злонамерно и ја приредија на државата. Францускиот предлог е замка и тоа е јасно. Нема наивни луѓе кои би влегле во таа замка. Во овие околности, вака како што се поставени работите, мислам дека е преамбициозно оној кој никогаш не бил на избори, да смета дека ќе го промени мислењето на тие коишто се избрани на избори,“ изјави Миле Лефков за РСЕ.
Неговиот колега Антонијо Милошоски вели декa е невозможно да се повтори сценариото кога се гласаше Преспанскиот договор и кога осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа за уставни измени со кој се промени името на државата.
„СДСМ и ДУИ имаат искуство во делот на киднапирање на пратеници, поткупување, притвори, одредени понуди, закани уцени, тоа се виде во изминатите 6 години. Но, сега се сменети околностите. За разлика од членството во НАТО, членството во ЕУ е движечка мета и цел регион секоја година станува се пофрустриран. Со оваа Влада мислам дека и дел од нивните пратеници не би сакале да разговараат за ризични потези, а камо ли пратениците од опозицијата кои си имаат јасен став. Прво да одиме на избори, а потоа ќе разговараме за се што треба“, вели Милошоски.
Пратениците од владејачкото мнозинство велат дека во интерес на стратешката цел веќе и неформално се обидуваат да ги уверат своите колеги од опозицијата да ги поддржат уставните измени.
„Како досега, така и отсега со поголем интензитет ќе дејствуваме секој поединечно, но и групно како владејачко мнозинство во делот на собраниска дебата, со цел убедување на најголемиот дел од опозициските пратеници, колеги. Тоа и досега сме го правеле, преку комисиите, дебатните емисии, непосредни разговори итн. Во наредниот период ќе бидам еден од најгласните ЕУ поддржувачи и објаснувачи на моите колеги, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат измените, зошто факт е дека ништо не губиме“, ни изјави Мартин Костовски, пратеник од СДСМ.
Неговиот сопартиец и пратеник Миле Талески не е убеден дека сите колеги пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат цврст став против менување на Преамбулата.
„Апсолутно сме подготвени да разговараме буквално со секој пратеник во интерес на европскиот пат на државата. Но, од она што го имам како впечаток од секојдневната комуникација со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не сум убеден дека се против уставните измени после изјавата на Мицкоски и дека нема да ги поддржат измените. Тие само поставуваат дополнителни услови кои ќе треба да се дискутираат во рамки на собраниска дебата“, изјави Талески.
Преспанското сценарио в.с денешната реалност-не е исто!
Професорот по уставно право Александар Спасеновски вели дека во политиката ништо не е сигурно, па во таа насока, нема сигурност дека сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе го послушаат партискиот лидер и дека нема да ги поддржат уставните измени. Професорот и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ вели дека денешните услови се поразлични од периодот кога се гласаа уставни измени за промена на името на државата.
„Првиот аргумент е поврзан со политичкиот рејтинг на ВМРО-ДПМЕ тогаш и сега. Споредено со политичкиот рејтинг на СДСМ, тогаш и сега. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше партија којашто беше поразена на изборите, десеткувана и имаше многу помал рејтинг од тогашниот на СДСМ. Од друга страна тогаш стануваше збор за почеток на мандатот на СДСМ, а сега сме сведоци на „залез“ на овој дел од политичкото владеење, а дали ќе продолжи или не, тоа ќе го дознаеме на следните избори, имајќи го предвид фактот дека наскоро државата влегува во изборна година“, вели професорот Спасеновски.
Во меѓувреме, ако процесот на уставни измени не помине, владини извори брифираат дека преговарачкиот процес запира, а тоа, како што велат, би значело враќање на процесот назад и големо разочарување за домашната и меѓународната јавност. Во тој случај, велат истите извори, изборите ќе се случат во редовниот термин, догодина.
На лидерската средба несогласувања имаше и околу терминот на одржување избори.
Ковачевски е за предвремени избори по изгласувањето на уставните измени и отворањето на едно, две поглавја од преговорите за членство во ЕУ.
Мицкоски тврди дека уставните измени не можат да поминат во овој парламентарен состав и бара предвремени избори веднаш.
ДУИ, пак, инсистира на усвојување на уставните измени сега и со важност веднаш, а за возврат најави дека ќе излезе од владата, а ќе се откаже и од албанец премиер во последните 100 дена пред избори.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.