ДУИ „стражари за јазикот“ пред Уставен, премиерот вели „во среда нема ништо да се случи“. Во вака политички подгреана атмосфера во Северна Македонија се чека седницата на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се разгледуваат иницијативите за оспорување на Законот за употреба на јазиците, кој беше изгласан во 2018 година.
Во 2019, кога всушност стапи на сила, законот беше оспорен со 12 иницијативи пред Уставен. Уставните судии ги споија во еден предмет кој е на дневен ред на утрешната седница.
Она што може да го направи Уставен е да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот или само за делови од него, времено да ја запре примената додека да донесе конечна одлука, но и да го прати во Собрние на доработка.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ден пред седницата повика партиските лидери да се возджат од коментари и да го остават Уставен да работи.
Во пресрет на седницата, во јавноста веќе протече и содржина на реферат за кој се тврди дека е од судијата известител кој наводно утре ќе се најде пред останатите уставни судии. Според него, не се предлага поведување постапка односно оценување на уставноста за целиот Закон за употреба на јазиците. Порталот „360 степени“, тврдејќи дека имал увид во рефератот, објави дека судијата известител предлага да се поведе постапка во која би се разгледувале само општи формулации во неколку члена од законот, во однос на симболите на парите и водењето на судските постапки.
Уставниот суд, пак, се огласи дека нема да ги коментира ниту медиумските објави ниту веродостојноста на документите.
Меѓу подносителите на 12-те иницијативи пред Уставен е и актуелната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, која во тоа време беше опозиција и жестокото се противеше на законот. Нејзиниот поранешен лидер и премиер Никола Груевски на тензична седница во Собранието кога се гласаше законот во март 2018, истураше чаша вода кон тогашниот спикер Талат Џафери и имаше и физички контакти.
Партијата Левица, здружението Светски македонски конгрес, Солза Грчева – национална координаторка за реформи во високото образование во актуелната Влада, универзитетските професори Тања Каракамишева-Јовановска и Јове Кекеновски, и уште десетина други физички лица се меѓу потписниците на одделните иницијативи што беа поднесени до Уставен.
Се оспоруваат сите 25 члена од Законот
Законот за употреба на јазиците, како што и официјално е називот на овој правен акт, се состои од 25 члена. Со иницијативите се оспорува и самиот назив на законот бидејќи бил „непрецизен и создавал правна забуна“.
„Подносителите ја оспоруваат целината на Законот од аспект на Амандманот V од Уставот бидејќи ја проширувал уставната рамка дадена во овој амандман во врска со употребата на јазиците на немнозинските заедници и определувал еднаквост на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Републиката и во нејзините меѓународни односи“, пишува во сумираниот извештај од Уставниот суд за тоа што се е предмет на оспорување во 12-те иницијативи.
Поединечно, се оспорува и секој од 25-те члена. На пример, првиот член се оспорува затоа што во делот каде е наведено „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ во заграда конкретно е посочено „албански јазик“.
Еден од аспектите што понатаму се оспорува, кој своевремено предизвика реакции и од меѓународната заедница и од Венецијанската комисија, е примената на законот во правосудните постапки.
Законот во членот 9 предвидува дека доколку судија, обвинител, странка или друг учесник зборува „јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ треба, покрај на македонски, судските постапки да се водат и на овој јазик. Според Законот за употреба на јазиците, необезбедувањето на превод на сите документи и материјали, како и симултан превод за време на правосудниот процесот „претставува суштинска повреда на постапка“.
Според подносителите, меѓу другото, со ова се повредува Уставот во делот каде е наведено дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е владеењето на правото.
За потсетување, за ова реагираше и Венецијанската комисија која во своето мислење препорача овие одредби од Законот за употреба на јазиците да се укинат бидејќи, меѓу останатото, ќе донесат сериозно повреди на правото на правично судење.
Комисијата во 2019 забележува и дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.
Агенцијата за примена на јазикот и двојазичните банкноти, документи…
Со иницијативите пред Уставен понатаму се оспоруваат и одредбите за воведување на двојазични банкноти, што во пракса досега не се спроведе, двојазичните униформи, издавањето на двојазични лични документи итн.
Исто така, за подносителите спорно е и што Законот налага да се формира Агенција за примена на јазикот која ќе го контролира само применувањето на албанскиот јазик. Подносителите сметаат дека со тоа се крши еднаквоста на граѓаните гарантира со Уставот.
„Оспорени се и членовите што се однесуваат на основање на посебно правно лице – Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката заради примена и заштита само на тој јазик и писмо, а не и на примена и заштита и на другите јазици и писма на немнозинските заедници во Републиката со што се повредува начелото на еднаквост од член 9 од Уставот“, велат од Уставен.
Се спори и начинот на носење на Законот
Покрај содржината, со иницијативите пред Уставен се спори и процедурата во која беше донесен законот.
На пример, се забележува дека пред да се одржи општ претрес на седница на Собранието, законското решение не било разгледувано во парламентарните комисии за финансирање и буџет, за политички систем и за односи меѓу заедниците.
Меѓу аргументите со кои се бара укинување на Законот е и што дел од подносителите сметаат дека овој закон требало да биде донесен со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и со мнозинство од вкупниот број пратеници од помалите етнички заедници.
И за крај, во однос на процедурата, се спори тоа што Указот за прогласување на Законот бил објавен во Службен весник без потпис од тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов односно само со потпис од спикерот Талат Џафери.
Во јануари 2019, откако беше објавен без негов потпис, Иванов реагираше дека тоа е направено незаконски и „претставува основа за кривично гонење“, како и дека е спротивно на членот 75 од Уставот кој вели дека Указите ги потпишува претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.
Од Службен весник, пак, тогаш тврдеа дека тие се должни да го објават законот и оти постапиле според Устав.
Уставен може да посегне и по нова алатка?
За што од сите оспорени аспекти во иницијативите Уставен ќе оцени дека е издржано да поведе постапка официјално ќе биде познато утре, 11 декември.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, зборувајќи на оваа тема во интервју за државната агенција МИА рече дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.
Коментирајќи го Законот, тој оцени дека со него политиката создала своевиден правен хаос кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.
„Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам“, рече Костадиновски.
Уставните судии утре пред да влезат на работа во судската зграда, се очекува да ги пречекаат активисти и членови на ДУИ, кои ноќта на 8 декември излегоа да „стражарат“.
„Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување“, рече Арбер Адеми од ДУИ ноќта која ја започнаа иницијативата „Стража на јазикот“.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, порача дека интегративците многу добро знаат дека на седницата на Уставен нема да се случи ништо, а по опозициската партија ја обвини дека прави поделба по етничка основа.
Инаку, во пресрет на седницата, во јавноста излегоа најави дека судиите од помалите етнички заедници нема да присуствуваат. Од девет судии во Уставен тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин. Останатите шестмина се Македонци.