Во тензична атмосфера со 64 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан и без да се разгледуваат илјадниците амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, Собранието попладнето го изгласа Законот за јазиците во трето читање. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.
Во моментот кога претседателот на Собранието Талат Џафери повикуваше на гласање, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа околу неговото биро. Поранешниот премиер и лидер, а сега пратеник Никола Груевски, најжестоко со бунтуваше, па на моменти ситуацијата меѓу него и Џафери беше тензична и имаше и физички контакти.
Откако претседателот на Собранието стана се создаде недоумица дали законот е изгласан бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои останаа на своите места извикуваа дека законот не бил донесен.
„Точно гласаа 64 за, нула против, нула воздржани. Со тоа констатирам дека законот е изгласан и ја прекинувам седницата“, рече Џафери откако се врати на своето место.
Потоа во изјава за медиумите за инцидентот со поранешниот премиер рече дека не сакал да го коментира.
„По однос на уставноста на Законот, тоа може да го оценува само Уставниот суд на Република Македонија“, рече Џафери.
Претседателот нема да го потпише указот
Претседателот Ѓорге Иванов нема да го потпише указот за прогласување на закон, откако во Собранието беше донесен Законот за јазиците во трето читање. Иванов во видео обраќање вели дека нема да потпише указ за закон, кој е донесен на ваков начин.
Тој вели дека законот на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите.
Тој им се обрати на пратениците и рече дека очекувал од нив да постапат одговорно по неговите забелешки кои ги достави откако одби да го потпише указат за законот во јануари.
„Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата“, вели претседателот Иванов.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го оспори законот пред Уставен
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека неговата партија ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието. Тој на прес-конференција во партиското седиште изјави дека неговата партија нема да го признае законот, а по објавувањето во Службен весник, ќе ја оспорат уставноста на законот.
„Имаме флагрантно кршење на Уставот и законите, ја поништија волјата на граѓаните, ова е само чекор кон дното и вие добро знаете дека од оваa одлука никој нема да живее подобро. Само затоa што две париии меѓусебе се договориле за штетен договор, но тоа не е договор прифатен од граѓаните, не е само погазено правото, туку и удар врз соживотот“, рече Мицкоски.
Сепак, тој не одговри дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во парламентот или ќе ја бојкотира неговата работа.
Седницата на која на дневен ред беше Законот за употреба на јазиците почна по 13 часот и уште од почетокот се навестуваше тензичната атмосфера. Веднаш пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара да заседава мандатно имутитетната комисија, па да има пауза, но Џафери го прескокна законот и премина на други закони. По две паузи законот беше излгласан.
Пред Собранието, пак, уште напладне почнаа да се собираат граѓани на повик на неколку организации, неформални групи и поединци. Со македонски знамиња и песни извикуваа Македонија, Македонија.
Законот за употреба на јазиците првпат беше донесен на 11 јануари, а на 17 јануари претседателот Ѓорге Иванов објави дека не го потпишал указот оти законот бил усвоен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност, без опозицијата и дека не бил усогласен со Уставот.
Потоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 35 000 амандмани за законот со што се отежна неговото повторно гласање. Минатиот вторник беше закажана седница, но по неколку одлагања, претседателот на Собранието Џафери даде една недела шанса за дијалог.