Општина Лозово ќе реконструира партерно уредување кое ќе чини 35 илјади евра, Пехчево пак хортикултурно ќе се уреди со 77 илјади евра, но ќе потроши и во изградба на туристички центар и тоа 100 илјади евра. Ова се само еден мал дел од 288 проекти кои им се одобрени на општините, да ги реализираат со пари од заемот со кој Владата се задолжи кај Унгарија.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански вели дека и покрај тоа што еден од најгорливите проблеми на граѓаните се патиштата до околните села, сепак се одлучиле да градат туристички центар.
„Еден од водечките приоритети е развој на туризмот. Овој приоритет се провлекува неколку години на сите сесии кои се организираат за буџетот. Оттука е донесeна одлуката за проект како капитален инфраструктурен објект кој е во центарот на градот, за реконструкција на стара општинска зграда која сега е во многу лоша кондициска состојба да не речам руинирана“, вели Китански.
Тој најавува дека на следниот владин повик ќе аплицираат со реконструкција на пат и проект за водоснабдување на туристичка населба.
Сепак најголем дел од парите ќе се трошат за изградба или реконструкции на улици. Ако се погледне целосната листа која Владата ја одобри после првиот повик може да се забележи дека од 288 дури 213 се реализираат преку Министерството за транспорт што значи дека речиси сите се за улици и патишта, освен мал дел како што е оној на Општина Велес која ќе гради подземна катна гаража, Кавадарци ќе го реконструира базенот, а во Ѓорче Петров каде ќе се гради детска градинка.
Според објавените резултати на сајтот на Владата, во првата фаза за трошење на вкупно 250 милиони евра за развој на општините, било предвидено да се дадат 100 милиони. Но, вкупната сума на одобрени проекти се 75 милиони евра.
Радио Слободна Европа праша неколку општини зошто се одлучиле токму за проекти кои се за реконструкција на улици, а не за поголеми проекти, но одговор не добивме ниту од една.
Инаку најголема сума која ќе ја добие една општина е Куманово и достигнува речиси 4 милиони евра. Таму најголем дел од парите ќе се потрошат за индустриската зона Куманово, до која ќе се гради водовод, фекална и атмосферска канализација, внатрешни сообраќајници и осветлување. Тоа ќе чини 3,5 милиони евра.
Блиску до Куманово според сумите се и Битола и Тетово со 3,7 милиони евра и Аеродром со 3,4 милиони евра. Аеродром парите ги дели на повеќе помали проекти главно за улици и тротоари, во Тетово најголемата сума ќе отиде на изградба на училишна зграда, додека во Битола ќе се гради центар за спорт и јужна трибина на фудбалскиот стадион, и уште неколку помали проекти.
Екологијата “сместена“ во проекти за фекална канализација
Неколку општини во Северна Македонија важат за едни од најзагадените на светско ниво, но ниту една нема конкретен проект за подобрување на животната средина. Најчесто оние кои се во графата под Министерство за животна средина, сите пари ќе ги потрошат на изградба на фекална канализација.
Така Чаир и Арачиново се две општини на кои сите одобрени проекти им се преку животна средина, но се работи за реконструкции на водоводна, канализациона и фекална мрежа. Чаир има добиено 2,7 милиони евра, додека Арачиново 560 илјади евра.
Во Охрид пак не се предвидени пари за почисто езеро, туку за водоводна мрежа.
„Ќе се заменува постоечката опрема на пумпната станица кај Метропол, што треба да ни донесе поквалитетна водоводно снабдување и услуга и помала потрошувачка на електрична енергија. На конкурсот не конкуриравме со пречистителна станица бидејќи онаа кај Трпејца веќе се обврза да ја гради Министерството за транспорт. И на следниот конкурс ќе учествуваме со катна гаража кај пазарот со 300 слободни места“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Останатите проекти кои се поврзани со екологија се всушност регулација на речното корито на неколку реки или изградба на потпорни ѕидови покрај река.
Општините во „трошки“ почнаа да ги трошат парите
Започната е реализацијата на проектите, информираат од Владата за Радио Слободна Европа.
„За 251 проект е склучен договор или се во завршна фаза од постапката за јавна набавка за избор на изведувач. Од нив 50-тина се реализираат на терен, а за 37 проекти, се очекува почеток на тендерската постапка за избор на изведувач“, велат од Владата.
Според информациите започната е изградба на градинки, улици, водоводи и канализациони мрежи, односно, како што велат, сѐ она што им е потребно на граѓаните.
„Во Општина Ѓорче Петров, е започната изградба на детска градинка. Започна реконструкцијата на коловозот до манастирот Пеленица, во Општина Кисела Вода, а се постави камен-темелник за изградба на спортска сала во вредност од 34 милиони денари во Црешово, Општина Гази Баба“, се вели во одговорот.
Инаку според информациите од Министерството за финансии до сега се повлечени само 1,2 милиони евра од општините кои започнале со реализација на проекти од вкупно 74 милиони.
Од сите 81 општина во државата во кои е и Градот Скопје на 78 општини им беа одобрени проекти. Градот Скопје, Сарај и Струмица извисија поради, како што рече тогаш владата, некомплетна документација за која беше оставен дополнителен рок. Сите се со градоначалници кои доаѓаат од партии кои не се дел од владејачката коалиција.
„Општина Струмица учествуваше со еден проект за новиот градски пазар на првиот повик за финансирање на проекти од унгарскиот кредит, но за жал не само што не доби финансиски средства, туку и воопшто не доби никакво писмено известување зошто е одбиена“, одговорија за РСЕ од Опшптина Струмица.
Сепак од општината најавуваат дека ќе учествуваат на следниот оглас кој веќе е распишан.
Распишан втор повик, предвидени околу 244 милиони евра
Сите општини со кои комуницираше Радио Слободна Европа најавуваат дека ќе учествуваат на вториот повик кој предвидува повеќе пари од првиот. Во огласот од Министерството за локална самоуправа се вели дека се предвидени 15 милиони денари, а сумата зависи и се распределува според бројот на жители кои ги има општината.
„Сите проекти со кои општина Битола ќе конкурира на вториот оглас од Владата се во насока на поквалитетен живот на локалното население, од суштинско значење за нив, избрани според нивните потреби, искажани на средбите со претставници од урбаните и руралните заедници“, велат од Општина Битола за РСЕ.
Огласот е објавен на 7 февруари а општините ќе може да ги достават проектите до 30 април.
Инаку сите пари кои им се доделуваат за реализација на проектите се од кредитот кој Северна Македонија го зема од Унгарија, вкупно се задолжи за милијарда евра, од кои 250 милиони се предвидени за општински проекти.