Достапни линкови

Трошиме исто, а плаќаме повеќе, ЕВН брои жалби од граѓани


ЕВН сметка
ЕВН сметка

Во ЕВН уште пристигнуваат жалби од граѓаните, а во Регулаторна пристигнале 30 поплаки заради високи јануарски сметки за струја. Поскапување нема, велат од Регулаторна, а според ЕВН потрошувачката е зголемена. Граѓаните се жалат дека за исто количество потрошена струја добиле многу повисоки сметки.

Јануарските сметки се со ново покачување, се жалат дел од граѓаните. Потрошувачите со кои разговаравме велат дека во споредба со последните два месеци од минатата година, во јануарските сметки имаат значително повисоки суми, иако тврдат дека потрошувачката речиси не им се зголемила.

Според објаснувањето од Регулаторната комисија (РКЕ), за месец јануари дополнителен трошок во сметките за струја е само новата ставка – „пристап до мрежа“, која изнесува 200 денари, односно 236 денари со вклучен ДДВ.

Јануарска смета за струја
Јануарска смета за струја

Но, некои граѓани за РСЕ се жалат дека во сметките за првиот месец од 2024 покачувањето им е доста поголемо од најавените 200 денари.

„Сметката за јануари ми е повисока за 450 денари. Не ги разбирам многу пресметките, но ако до декември плаќав околу 1200 денари сега сметката ми е речиси 1700. Интересно е што потрошувачката ми е минимално зголемена“, вели Љубинка Атанасовска од Скопје.

И други граѓани кои ги затекнавме додека чекаат ред за наплата во ЕВН, го посочуваат истиот проблем.

„Еве последната сметка ми е повисока за 300 денари, а исто трошиме. Не знам како ја пресметуваат, си додаваат ставки за пристап до мрежа, што е тоа? Сакаат само да удрат на грбот на граѓаните“, вели Раде кој е само уште еден револтиран граѓанин по добивањето на јануарската сметка.

Има и граѓани кои тврдат дека разликата во јануарската сметка во однос на онаа од декември е повеќе од двојно зголемена.

„Во декември платив 495 денари, а за јануари вчера ми стигна сметка од 1245 денари. Потрошувачката не ми е зголемена, 90 отсто од времето се греам на дрва, навистина не ми е јасно. Како што забележав во сметката, најголемо зголемување имаше во делот за пренос на струја“, се жали уште една потрошувачка за РСЕ која побара да остане анонимна.

Во ЕВН уште пристигнуваат жалби, РКЕ примиле 30

И покрај тоа што револтирани граѓани и преку фотографии на социјалните мрежи од своите сметки за јануари се жалат на поскапувањето, во извештајот на ЕВН се уште нема извештај за поплаките на сметките од првиот месец од 2024 година.

Оттаму велат дека кон крајот на минатата година немало значително зголемување на бројот на жалби.

„Нема значителен раст на бројот на барања за корекции на фактурите за електрична енергија во споредба со изминатите месеци. Поради ниските температури има и зголемување на потрошувачката на корисниците. Во ноември, во трет блок влегле околу 1,7% од домаќинствата, а во четвртиот блок влегле 0,40%. Во декември, во трет блок влегле околу 4,3% од домаќинствата, а во четвртиот блок влегле околу 1,3%“, се вели во одговорот од ЕВН.

Кога станува збор пак за поплаки до Регулаторната комисија за енергетика оттаму велат дека досега се пристигнати околу 30 жалби токму во врска со висината на јануарските сметки за електрична енергија.

„Согласно правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, потрошувачите доколку се незадоволни од снабдувачот (висина на сметка, квалитет на услуга), прво треба да се обратат до ЕВН, па потоа со одговорот од ЕВН до РКЕ, по што РКЕ ќе постапува. Практично во овој процес РКЕ е второстепен орган, а против решенијата на РКЕ незадоволните страни може да поведат управен спор“, велат од Регулаторна за РСЕ, не прецизирајќи на што се должи покачувањето во јануарските сметки за струја на кое се пожалиле граѓаните.

Од Регулаторната комисија редовно ги советуваат граѓаните и сами да си ги читаат и да ги контролираат броилата. Состојбата на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки.

Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека има зголемување на цените на струјата во јануари и минатата недела изјави дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика. На граѓаните им порача да се жалат.

„Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ“, наведе Бектеши.

Како се пресметуваат сметките за јануари?

Покрај најавите од Регулаторната комисија дека од јануари се воведува ставката „пристап до мрежа“ со што сметките се зголемуваат за 200 денари, во сметките за струја добиени миатиот месец исто така е зголемена и евтината тарифа.

Па така, од 1 јануари евтината тарифа е покачена од 1,4013 денари за киловат час на 1,7522 денари. Меѓутоа, од друга страна, во јануарските сметки намалена е мрежарината, односно ако во декември изнесувала 2,6230, во јануари за мрежарина се плаќа по 2,3032 денари.

Ова значи дека евтината струја поскапува за 25 проценти, а мрежарината поевтинува за 13 отсто, но во двата случаи разликата е 0,3 денари, па таа разлика треба да се компензира, бидејќи евтината тарифа се зголемува за 0,3 денари, а мрежарината се намалува за исто толку.

Надомест за потрошена електрична енергија во јануарските сметки за струја
Надомест за потрошена електрична енергија во јануарските сметки за струја

Евтина струја од 13 до 15 часот

Од 1 јануари се случува и поевтинување на струјата во прв блок, а дополнително се воведува и евтина струја преку ден, односно од 13 до 15 часот.

Поентата е колку проценти од скапата струја ќе се префрлат во евтина во периодот од 13 до 15 часот, за да може да се случи некаква компензација.

Сепак, заштедата од поевтинувањата на струјата кај потрошувачите во прв блок нема да биде доволна за да го компензира новиот трошок во сметките од 236 денари, така што разликата во новите сметки според Регулаторна треба да биде само во тие 236 денари со вклучен ДДВ.

АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 проценти, но можноста за толкаво поскапување, претседателот на Комисијата Марко Бислимовски ја отфрли кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.

Од 2024 година пресметките за цената на струјата ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената го има Регулаторната комисија за енергетика, која прави надзор на пресметките.

Во мај треба да се знае кој ќе биде новиот универзален снабдувач со струја, а по 1 јули не се знае каква ќе биде цената на струјата. Цената на електричната енергија на регулираниот пазар во овој момент е субвенционирана со 84 отсто и субвенционирањето ќе продолжи до крајот на јуни.

XS
SM
MD
LG