Достапни линкови

Пристапот до мрежа најмногу ќе ги погоди тие што штедат струја


Работници на електричен столб
Работници на електричен столб

Граѓаните на сметките за струја ќе имаат нова ставка „пристап до мрежа“. Се уште не се знае колку ќе изнесува ова ставка, но се оперира со сума од 50 до 250 денари. Од друга страна најавено е намалување на ставката за мрежарина. Ќар од ова би имале тие што се редовни потрошувачи, тие пак што имаат станови или викендици кои се празни ќе имаат повисоки сметки. Но, ставката „пристап до мрежа“ ќе им се одрази и на оние што штедат, односно на оние што малку трошат струја.

Семејствата што штедат струја ќе добијат повисоки сметки за струја ако се воведе ставката „пристап до мрежа“. Тие што трошат повеќе може да испаднат во ќар.

„Пристап до мрежа“ ќе плаќаат сите без разлика дали трошат струја или не. Разликата е во тоа што тие што трошат струја, плаќаат и мрежарина, а има најави за нејзино намалување. Па парите за новата ставка ќе се пребијат со намалувањето на мрежарината и нема многу да се одрази на целата сметка за струја.

Со новата ставка, што ја најави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) повисоки сметки за струја ќе плаќаат сопствениците на викендици, станови и куќи кои се празни и кои ретко се посетуваат. Тие досега ако не трошеле струја, не плаќале ниту за мрежарина, која се плаќа по потрошен киловат. Им останувало да платат само фиксен трошок за улично осветлување што е 184 денари. Сега ќе добијат уште еден фиксен трошок, кој ќе се плаќа без разлика на потрошената струја.

Од РКЕ велат дека ставката „пристап до мрежа“ е со цел да има фер и правична распределба на трошоците, па тие што имаат повеќе станови ќе имаат до 200/300 денари поголема сметка, додека тие што живеат во еден стан или куќа ќе плаќаат само една сметка и ќе им се намали мрежарината

„Ставката „пристап до мрежа“, што е подставка од ставката за електродистрибуција, ќе ги заштити оние кои домаќински се однесуваат и штедат, за разлика од оние кои се во подобра состојба и поседуваат повеќе недвижности, а не ги користат“, велат од РКЕ.

Но граѓаните немаат многу избор, оти во земјата има само еден снабдувач со струја, па ако на граѓаните не им одговараат цените, не може да отидат кај друг оператор и нема да имаат струја.

Засега не се знае колку ќе се плаќа за пристап до мрежа, но се оперира со сума од 50 до 250 денари, најавија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). На тој начин, и воопшто да не се троши струја, граѓанинот досега плаќал само за улично осветлување што е 184 денари, ако на тоа се додаде плус ставката пристап до мрежа, која може да биде од 50 до 250 денари, сметката би била меѓу 223 и 434 денари.

Професор Атанаско Туневски од Машунскиот факултет, кој беше член на РКЕ вели дека новата ставка за струја треба сериозно да се оправда од страна на РКЕ за граѓаните да сфатат што точно се случува.

„Досега граѓаните плаќаа приклучок на мрежа и се очекува со самото плаќање на приклучок на мрежа да не треба да се плаќа дополнително било што. Сега покрај приклучокот, се најавува дека потрошувачите ќе плаќаат и пристап на мрежа. Значи, приклучок на мрежа е едниот термин, пристап на мрежа е вториот термин, некако слични се термините. Треба убаво да се објасни што тоа значи“, вели тој за РСЕ.

На сметка на воведувањето на новата ставка, мрежарината, односно трошокот за пренос и дистрибуција на струја, може да се намали и до 20 отсто, велат од РКЕ.

Надоместот за пренос и дистрибуција на струја, односно таканаречената мрежарина, се плаќа за изградба и одржување на преносната и дистрибутивната мрежа, трошоци за отчитување и одржување на мерните места, за помошни системски услуги и балансирање на мрежата, а со тие пари се покриваат и загубите на електрична енергија во мрежата.

Во дел од сметките се гледа дека за дистрибуција се плаќа повеќе отколку за самата струјата.

Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.

Блоковите беа воведени за тие што трошат помалку да плаќаат поевтино, но со воведувањето на надомест за пристап до мрежа, токму тие што трошат малку ќе плаќаат нешто повисоки сметки во споредба со сега.

Семејствата што трошат помалку од 323 киловат часови месечно ќе плаќаат повисоки сметки

Направивме пресметка како би изгледала сметката за струја во моментов, со сегашните цени без најавените поскапувања, кога би постоела ставка „пристап до мрежа“ од 200 денари, а мрежарината би била поевтина за 20 отсто.

Според сегашните цени, семејствата што трошат вкупно 323 киловатчаса месечно, плаќаат 1000 денари за мрежарина. Ако таа се намали за 20 проценти, ќе плаќаат 800, но ако се додаде фиксен трошок од плус 200 денари за пристап до мрежа, пак се доаѓа до 1000 денари. Значи нивните сметки за струја нема да се променат и покрај додавањето нова ставка.

Во таков случај, сметката на оние кои трошат помалку од 323 киловатчаса би биле повисоки од сегашните. Грубо кажано, семејставата што месечно за струја плаќаа под 2000 денари, со новата давачка ќе имаат нешто повисока сметка за струја.

Најголемите реакции во јавноста беа дека се измислуваат ставки за што повеќе пари да се земат од граѓаните, како и дека не е фер да се плаќа фиксно за нешто што не се троши.

Образложението на надлежните е дека не е фер одржувањето на преносната и дистрибутивната мрежа да паѓа на грбот само на домаќинствата кои трошат струја. Се трошат пари за замена на расипани трансформатори и паднати бандери или далноводи, а тие доаѓаат само од оние кои трошат струја и плаќаат сметки. На сметка на тоа, тие што ја користат викендицата три пати годишно имаат пристап до струја во секое време, иако не платиле ни денар или многу малку.

„Ние во оваа држава сме научени тој што е најредовен, тој што е најчесен, секогаш да оди се на негов грб. Со ова започнуваме еден процес, тоа е работа што постои и во Србија и во Хрватска и во Бугарија и во земји од Европска унија, кои наплаќаат по инсталиран капацитет. Си потрошил не си потрошил ние кабелот сме го донеле до кај тебе и ти си плаќаш исклучиво по капацитет“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, велат дека од Регулаторна ќе го изберат и најбизраниот начин само за да ги зголемат сметките за струја на граѓаните.

„Воведениот нов товар за граѓаните или т.н давачка за пристап до мрежа значи само едно – уште едно поскапување на грбот на граѓаните и компаниите“, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

Според професор Рубин Талевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Северна Македонија има 240 илјади броила кои не трошат струја или трошат само малку. Во земјата има 800 илјади броила за струја, што значи една третина од нив отпаѓа на многу мали потрошувачи.

Професор Талевски вели дека моделот за пристап до мрежа може да се најде и во други гранки.

Банките наплаќаат секому за тоа што имате сметка, без разлика дали имате милион евра или сто евра, вие месечно ќе платите по 20, 30 или 50 денари, дополнително ќе платите надоместок за извршени трансакции, па ќе ви земат пари на шалтер за да ви дадат извод...“, вели професор Талевски.

За забелешките зошто да се плаќа надоместок за пристап до мрежа бидејќи луѓето веќе платите приклучок на струја, професор Талевски вели дека со парите за приклучок, што е некаде од 350 до 500 евра за урбани средини, се покриваат само инвестициите.
Тоа би значело дека со приклучокот граѓаните добиле кабел, но треба и да се плати за одржување на тој кабел, оти и за тоа се трошат пари.

„И кој ќе ги покрие тие пари за одржување на мрежата, а вие не сте таму цела година или 11 месеци. За тоа ќе треба ние останатите да платиме, така е сега, плаќаме повисока мрежарина за некој што има право еднаш во месецот да користи електрична енергија, а ќе потроши 10 киловат часови и по сегашна цена ќе плати 24 денари, а од тие 24 денари не може да се покријат трошоцитe за одржување на мрежата“, вели професор Талевски.

Воведувањето повеќе ставки во сметката за струја не значи нужно зголемена сметката, затоа што во крајна линија сметката не зависи од бројот на ставки, туку од цената на тие ставки.

Различни земји - различни методи

На пример во Србија, не се плаќа пристап до мрежа, но се плаќа фиксен надоместок за одобрена моќност од 54 динари (околу 28 денари) по киловат. Просечно домаќинство кое има одобрена едновремена моќност од 11 киловати, плаќа фиксен надоместок од 600 динари, без разлика на потрошената струја. Тоа значи дека ако истовремено вклучите електрични уреди со моќност поголема од ова „ќе избијат“ осигурувачите.

Оние домаќинства кои сакаат на струја да греат 500 квадратни метри куќа или да затоплуваат базени им е потребна поголема моќност. Тие што сакаат да можат истовремено да вклучат уреди од 44 киловати, ќе мора да платат фиксен надоместок од 2358 српски динари (околу 1235 денари), без разлика дали трошеле струја тој месец.

Во Србија исто така има блок тарифи, односно тие што трошат помалку плаќаат поевтина струја.

Северниот сосед е пример дека повеќе ставки во сметката, не мора да значат и повисока сметка. Кај нив се плаќа и радиодифузна такса, и акциза на струјата, и ДДВ-то е повисоко, па сметките повторно се пониски од кај нас.

Во Црна Гора исто така се плаќа фиксен надоместок за мрежен капацитет, кој зависи од дозволената моќност. Домаќинствата со одобрена моќност до 13,8 киловати плаќаат 1,4 евра месечно, додека оние што сакаат поголема моќност плаќаат по над 3 евра месечно.

Следната недела ќе се знае за колку ќе бидат повисоки сметките за струја

Од следната година сметките за струја ќе бидат повисоки, но се уште се утврдува за колку. Новата цена ќе биде позната следната недела. Енергетските компании побарале таа да се зголеми за 27 отсто.

Изминатата година заради енергетската криза државната ЕСМ беше обврзана 100 отсто да обезбеди струја за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. ЕСМ за следната година понудил повисока цена, наместо 53 евра за мегаватчас како досега понудена е цена од 57 евра и наместо 100 осто ќе обезбеди 95 отсто струја. Тие пет отсто што остануваат ЕВН Хоум ќе си ги набавува на отворен пазар каде цената се движи од 140 до 150 евра за мегават час.

Досега Регулаторната комисија ја кажуваше цената, сега тоа треба да го прави универзалниот снабдувач, но претходно треба да добие амин од РКЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG