Евтината дневна тарифа на електричната енергија од денеска ќе им се пресметува на 170 илјади домаќинства кои според последните официјални податоци поседуваат броила со далечинско отчитување.
Останатите 650 илјади домаќинства кои имаат обични односно стари броила ќе чекаат екипите на ЕВН да им ги подесат за да може и тие да користат струја во евтина дневна тарифа, како и да им се пресмета потрошената електрична тарифа во новата евтина и скапа тарифа.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски очекува до крајот на месецот 90 отсто од домаќинствата да имаат сетирани или заменети стари со нови броила.
„Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување ќе имаат евтина тарифа, за другите група по група ќе се сетираат мерилата”, објасни тој.
По воведувањето на блок-тарифите, броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа. До денеска евтина струја имаше само ноќе во период од 22 часот до 6 наутро.
Приспособувањето на секое поединечно броило е рачно, за што е потребен физички контакт со секое од нив од екипите на ЕВН.
Од ЕВН Хоум објаснуваат дека оние кои имаат броило со далечинско отчитување на екранот на броилото ќе ја видат ознака Т2, што значи дека тие домаќинства струјата што ќе ја потрошат во периодот од 13 до 15 часот во денот ќе им биде пресметана во евтина тарифа. Другите ќе почекаат да им бидат рачно подесени броилата.
Менаџерот на Електродистрибуција Сашо Салтировски неодамна изјави дека темпото на промена на броилата ќе зависи од од потрошувачите и достапноста на броилата.
„Сите оние броила што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, а колку вкупно броила ќе бидат сетирани ќе зависи од достапноста на броилата. Сите броила што се достапни ги читаме еднаш месечно и сите тие ќе бидат сетирани, бидејќи тоа оди оптички со еден уред се оди од броило до броило и при читањето софтверот ги сетира како што треба да се сетира“, појасни Салтировски.
Тој тогаш посочи дека во викенд куќи не може да се сетира броилото, ако куќата е затворена.
Надлежните објаснуваат дека со помош на обновливите избори на енергија се намалува увозот на струја, па затоа е избран и терминот од 13 до 15 часот за воведување на евтина тарифа кога ќе може од нив да се набавува електрична енергија.
„Реално овие часови најмногу ќе ги користат пензионерите - така е и таргетирана и димензионирана затоа што во државата во која се вградиле треба да чувствуваат сигурност и стабилност,“ изјави минатата недела директорот на Агенцијата за енергетика Дарио Николовски.
Во меѓувреме се чека одговор на прашањето дали македонските граѓани ќе плаќаат поскапа струја или не. Следува период за пресметки на цените, по што до јануари ќе се знае и одговорот на прашањето.
Одговорот зависи делумно од тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за набавка на електрична енергија.
Последните информации покажуваат дека на тендерот за потребите на задоволување на потребите од регулираниот пазар за првите шест месеци догодина ЕВН Хоум доби доби само една понуда која е за најмалку 7 проценти поскапа од претходната.
Понудувачот АД ЕСМ понудил купопродажна цена на електрична енергија од 57 евра за мегават час, за покривање на 95 отсто од вкупно планираните количини што е за околу 7,5 отсто повисока од претходната која беше добиена во јуни годинава на последниот тендер на универзалниот снабдувач, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 53 евра за мегават час.
Дополнително, за покривање на останатите 5 отсто од вкупно планираните количини, ЕВН Хоум доби најповолна понуда од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегават час.
За покривање на загубите на електрична енергија, Електродистрибуција доби најповолна понуда од АД ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегават час. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегават час.
Универзалниот снабдувач во наредниот период треба да ја пресмета цената на електричната енергија што ќе важи на регулираниот пазар од 1 јануари.
Контролата на пресметката ќе ја врши Регулаторната комисија за енергетика која ќе ја одреди цената за пренос и дистрибуција на електрична енергија кои заедно со цената на електричната енергија се составен дел од сметките што ги плаќаат граѓаните.
Од 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.