Достапни линкови

ЕВН ќе ја пресметува цената, Регулаторна ќе ја „аминува“


Илустрација, сметки за струја
Илустрација, сметки за струја

Дали догодина ќе има поскапа струја или не ќе се знае по исходот од тендерите за избор на универзален снабдувач и за тоа колку електрична енергија од домашен или од странски пазар ќе добијат граѓаните и малите потрошувачи. Министерот Крешник Бектеши тврди дека нема да поскапи струјата.  

Нема да има поголеми сметки за струја за граѓаните со измените со кои универзален снабдувач на струја ќе си ја одредува сам цената, тврди министерот за енергетика Крешник Бектеши. Тој на 23 ноември изјави дека засега последниот збор во одредувањето на цената ќе го има Регулаторната комисија која ќе ја прави надзор со кој ќе утврди дали начинот на пресметка на австриската компанија ЕВН Хоум е направен правилно со одредување на цената заедно со сите параметри кои влегуваат во вкупната пресметка.

Тоа значи дека Регулаторната комисија ќе има задача да им укаже ако пресметката е поголема од нивната оценка, и да ја намалат.

„Кога се утврдува цена на електрична енергија најважен инпут е цената која ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) ќе ја даде на универзалниот снабдувач. Таа цена на ЕСМ на затворена седница на Владата двапати годишно ја утврдува Владата каде што може да влијае колку ќе биде цената на потрошувачите. Со последните измени универзалниот снабдувач во тендерска постапка конкурира за профитна маржа која ќе ја има за следните пет години. Моментално е 11,5 проценти согласно тендерот што беше распишан пред пет години. Во наредната година ќе видиме каква цена ќе добиеме, јас сум убеден дека ќе биде под 11 проценти,“ изјави Бектеши.

Контрола што ја врши Регулаторната комисија врз цената на електричната енергија е клучна, така што измениве не носат големи промени во крајната цена, вели професор Константин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје.

„Функцијата на Регулаторна е да ги заштити потрошувачите и да оправда цена која што би ја понудиле снабдувачите со струја. Веројатно и сега ќе ја има истата функција и не знам во што ќе се состои разликата кога тие и досега предлагаа одредена цена, а Регулаторна не прифаќаше одредени трошоци што ги вметнуваа во пресметките, или ќе им речеше дека догодина ќе треба да инвестираат за да ги намалат загубите, тоа се можностите на Комисијата“, вели тој.

Рокот на ЕВН Хоум како универзален снабдувач истекува следната година, а Бектеши најави дека постапката за нов снабдувач е започната и кон почетокот на следната година ќе има избор на нов универзален снабдувач.

До тогаш, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вчера изјави дека од 1 јануари ЕВН Хоме ќе ја пресметува и определува, а Регулаторот само ќе проверува дали калкулациите се точни. Со ваквиот начин е предвидено секој да си ја преземе одговорноста и обврската за транспарентност при формирањето на цената.

Според европската пракса, основната задача на Регулаторната комисија е утврдување на тарифите за пренос и дистрибуција на струјата односно за Мепсо и ЕВН Дистрибуција кои се во државната сопственост. Владата ја утврдува цената на ЕСМ. На крај вкупната математика ќе ја направи ЕВН Хоум, по што Регулаторната ќе направи контрола дали во пресметката влегле и непродуктивни трошоци.

Влијание врз цената на струјата што ќе ја плаќаат граѓаните следната година ќе има исходот од тендерските постапки кои ќе се спроведуваат кон крајот на годинава и почетокот на следната за избор на универзален снабдувач и за тоа со колку електрична енергија од од домашен или од странски пазар ќе бидат снабдени крајните потрошувачи.

Но, дали граѓаните наредната година ќе плаќаат повисоки сметки за струја ќе зависи од неколку фактори. Тоа најмногу ќе зависи од тоа колку струја ќе произведе компанијата Електрани на Северна Македонија( ЕСМ), која е во државна сопственост и по која цена ќе ѝ ја продава на ЕВН, која е приватна компанија.

Дополнително ќе зависи и од тендерот кој на крајот на месецот ќе треба да го распише ЕВН за набавка на електрична енергија. Според последните законски измени ЕСМ ќе треба да се пријави со понуда за снабдување до 60 проценти од потребите на универзалниот снабдувач на таков тендер.

Најголем домашен производител на електрична енергија е Електрани на Северна Македонија, а по него следат когенеративниот производител на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО, хидроцентралите на ЕВН Електрани и повеќе други помали производители на електрична енергија.

На ЕВН Хоум ќе и остане да ја направи калкулацијата дали е поевтино да се увезува или ЕСМ да ја произведе. По завршувањето на тендерските постапки и пресметки ќе се знае дали ќе поскапи струјата или не.

Во таа пресметка ќе влезе и влијанието од цените на струјата која ќе треба да се купи од берза, вели професот Димитров.

„ЕВН Хоум треба да обезбеди снабдување со струја, таа е дистрибутер и нешто ќе купи од ЕСМ, а нешто ќе треба да купи од берза, од трговците со електрична енергија. Јасно е дека цената на берзата е повисока од таа на ЕСМ. И ако досега беше 100 проценти производството на ЕСМ поради енергетската криза, и сега ако се 60 проценти, останатите 40 што ќе ги купат од берза ќе бидат поскапи“, вели Димитров.

Дополнително во крајната цена ќе влезе и примената на дневна евтина тарифа за граѓаните од декември, во временска рамка од 13 до 15 часот, период кога се произведува.

Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири тарифи. Тие што трошат повеќе, плаќаат повеќе. Евтина струја има само ноќе, а дневна евтина нема од декември 2021. Но дневната евтина струја се враќа од 1 декември, но не са сите граѓани. Тие што имаат стари броила треба да почекаат рачно да им бидат сменети.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG