Достапни линкови

Струјата не поскапува за првите два блока, но дел од сметките ќе бидат повисоки


Електронско плаќање на сметка за струја
Електронско плаќање на сметка за струја

​​​​​​​Од Нова година сметките за струја ќе изгледаат поинаку. Струјата поскапува, но мрежарината поевтинува, па како епилог на тоа, Регулаторната за енергетика пресметала дека струјата во првиот блок ќе поевтини, во вториот останува иста, а во третиот и четвртот ќе биде повисока. Се воведува и нова ставка „пристап до мрежа“ за сите корисници од 200 денари месечно, што ќе значи поскапување за куќите и становите во кои не живее никој или трошат многу малку струја.

Просечно семејство со просечна потрошувачка на струја и од нова година ќе плата исти сметки за струја како и досега, соопшти претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на 26 декември.

Струјата поевтинува за првиот блок за 5,16 отсто, во вториот блок и евтината струја остануваат исти, а за третиот и за четвртиот блок струјата поскапува. Во третиот за 2,88 отсто, а во четвртиот за 1,86 отсто.

Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.

Околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок на потрошувачи. Но, во зимските месеци, оние кои се греат на струја, лесно може да преминат во следен блок. Така во ноември во споредба со октомври, 10 илјади домаќинства од првиот и вториот блок преминале во повисоките блокови.

Од нешто се крати, нешто се додава за да има фер распределба

Надоместoкот за пренос и дистрибуција на електрична енергија или популарно наречено мрежарина се намалува за 23 проценти, но цената на струјата поскапува, па кога се ќе се собере, евтината струја останува иста како досега, скапата струја во прв блок поевтинува за околу 5 отсто, во вториот останува иста, а во третиот и четвртиот поскапуваат за речиси 3 и за околу 2 отсто.

Инфорграфика - Цена на струјата од 1 јануари 2024, според РКЕ
Инфорграфика - Цена на струјата од 1 јануари 2024, според РКЕ

Пристап до мрежа ќе плаќаат сите

На сметките ќе има нова ставка - пристап до мрежа од 200 денари месечно. Оваа ставка ќе важи за сите.

Од Регулаторна велат дека ова се воведува за да има фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние кои повремено ги користат објектите.

Новата ставка ќе им донесе повисоки сметки на оние кои имаат станови, куќи, викендици во кои не живее никој. Тие што не трошат струја не плаќаат ниту мрежарина, па досега плаќаа само за улично осветлување. Сметките им изнесуваа 184 денари. Од јануари ќе плаќаат плус 200 денари за пристап до мрежа, па минималната сметка за оние што не трошат ништо ќе биде 384 денари.

„Со самиот факт што имаме евтина тарифа од 13 до 15 часот, дополнително голем број на домаќинства ќе ја префрлат потрошувачката во евтината тарифа, така што тука некаде ќе бидат сметките, некаде ќе бидат пониски, некаде исти. Единствено ќе бидат повисоки кај оние коишто имаат потрошувачка нула или имаат потрошувачка од 10,15, 20 киловатчаса во текот на годината, бидејќи тие ќе треба да ги платат тие 200 денари. Инаку, горе-долу ќе биде исто“, вели Бислимоски.

Електрични броила
Електрични броила

Евтина струја преку ден имаат 80 отсто од домаќинствата

На сметката ќе се одрази и тоа што од декември се врати евтината струја преку ден од 13 до 15 часот. Осумдесет отсто од домаќинствата веќе имаат дневна евтина струја, а останатите ќе почекаат до јануари да им се сменат броилата.

АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 проценти, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимовски ја отфрли кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.

Од 2024 година пресметките за цената на струјата ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG