Беспилотно летало се приближува пред колона тенкови кои напредуваат низ полето покриено со снег, покажуваат снимките објавени од Националната гарда на Русија, лоцирани од Радио Слободна Европа.
Нападот се случи југозападно од селото Бердин, во руската област Курск, каде Украина на 5 јануари започна нова офанзива.
Радио Слободна Европа ја потврди и снимката од руски дрон од украински оклопни возила во близина.
Украинските сили започнаа ненадејна офанзива во Курск во август, заземајќи делови од територијата. Оттогаш тие се спротивставија на руските обиди целосно да ги протераат.
Официјални руски извори тврдат дека ја запреле новата украинска офанзива.
На 6 јануари, Министерството за одбрана соопшти дека уништило украински тенкови околу селото Бердин и спречило обид за пробив.
За нападите во областа известуваа и руски провоени блогови.
Рускиот канал на социјалната платформа Телеграм МИГ Роси (MIG Rossyy) соопшти дека украинските сили се движат околу Бердин, но не го напаѓаат. Се наведува и дека украинските сили користат оклопни транспортери за да ја преместат пешадијата во областа.
Сателитските снимки од 5 јануари открија дека областа била покриена со кратери кои ги немало три дена порано.
Друг руски воен блог, објави видео од руски војник во регионот кој вели дека ситуацијата е „комплицирана“.
Судири беа пријавени и на неколку други локации во Курск, вклучувајќи ги селата Тјоткино, Леонидово и Пушкарноје.
Ова поттикна шпекулации дека движењата околу Бердин биле лажен напад, дизајниран да ги привлече руските сили од друго место на фронтот.
Командантот на чеченската единица која работи со руските сили во Курск, генерал-мајор Апти Алаудинов, објави видео во кое пишува „Регистрираме концентрација на непријателска (украинска) опрема во друга насока“.
Во секој случај, обемот на украинската операција досега може да сугерира дека има тактички, наместо стратешки цели.
„Локалната цел е да се заземе градот Болшое Солдацкое... за да се искомплицира руската логистика“, изјави воениот аналитичар Јан Матвеев за Current Time.
Израелскиот воен експерт Дејвид Генделман за РСЕ изјави дека сè уште не е јасно која ќе биде главната цел на нападот. Но, тој рече дека намерата можеби е да се обезбеди упориште на Украина во Русија.
„Ако има политичка наредба да се задржиме на таа основа, тогаш има смисла дополнителен напад. Борбената акција е секогаш начин да се спроведе политичка одлука“, додаде тој.
Додека локацијата на борбите може да се утврди, текот на битката е потешко да се процени.
Различни руски блогови објавија дека руските напади уништуваат колони украински оклопи на друго место во Курск.
Украинскиот генералштаб издаде соопштение на 6 јануари, во кое се вели:
„Во регионот Курск, украинските бранители одбија 17 напади од Русите, продолжуваат уште 45 битки“.
РСЕ не можеше да ги потврди тврдењата на бојното поле.
Украинскиот воен аналитичар Павло Нарожниј за РСЕ изјави дека засега ќе биде многу внимателен во однос на оценувањето на извештаите од Курск.
Главните прашања, рече тој, се однесуваат на капацитетот на Украина за нова офанзива.
„Имаме ли доволен број слободни резерви, доволно артилерија за да ја уништиме противничката одбрана на Русија таму, кои веќе се зацврстија на позициите? Дали имаме доволен број оклопни возила?“, прашува Нарожниј.
Следните денови можеби ќе дадат дел од одговорите на овие прашања.