Достапни линкови

Ралев - Скопје далеку од она што беше модерен град


Ралев - Урбанизмот во Скопје не гарантира безбеден град
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:00 0:00

Ралев - Урбанизмот во Скопје не гарантира безбеден град

Скопје некогаш беше модерен град, но сега е пренаселен и непотребно оди во висина и сега е далеку од таа модерност, вели архитектот Мишко Ралев во неделното интервју на Радио Слободна Европа. 60 години од земјотрсот, тој вели дека легалните објекти кои се градат се безбедни, но не е безбеден од аспект на урбанизмот.

Г-не Ралев, како кусо би го опишале би го опишале Скопје денес, по 60 години градење по катастрофалниот земјотрес?

Што е Скопје денес, по изминати 60 години од еден значаен датум, не само по катастрофичноста на случувањата во тоа време, но од аспект на архитектура и урбанизам - еден голем чекор кој го презеде општеството во тоа време. После 60 години како да се исклучивме од таа патека којашто беше трасирана во тие години, во далечната 1965, после две години кога почнаа да се движат активностите околу реконструкцијата. Скопје денеска можеме да кажеме и дека не го препознаваме. Скопје е населено место, да град е по некоја своја номенклатура, но не можеме да кажеме дека лесно можеме да го читаме. Некои нови катастрофи и потреси му се случија на полето на архитектурата и урбанизмот. Но, сметам дека ќе излеземе, можеби побавно, но со едно сосема друго разбирање на тоа што град, градско општество и градска структура. Така што ќе треба време.

Изјавивте еднаш дека Скопје е модерен град, уште ли сте на тој став?

Па, веќе се проблематизира тој мој став. Тој став е всушност на она пост земјотресно Скопје, кога навистина беше модерен град, кога предничеше во тогашна Југославија каде што модернизмот беше, не само државен стил, туку можеме да кажеме и државна идеологија во однос на архитектура, култура и уметност. Денеска модерноста е можеби само временска одредница дека е современ, дека е денешен, но е далеку од она што беше модерен град.

Што остана од планот на Кензо Танге?

„Една работа е многу важна да каже за планот на Кензо Танге, а тој всушност се однесува на градскиот центар, на централното градско подрачје, каде што тој играше со една традиционална симболика на Градскиот ѕид и на Градската порта. Градска порта е всушност Транспортниот центар којшто е негов проект, на неговото биро, а другото се е во сфера на планови – идеја за тоа како треба да изгледа центарот на градот. Потоа, идеите на ниво урбан план, на урбана матрица, се преточија во архитектонски проекти и тие се дело на македонски автори. Така што голем дел од она што е зацртано од тимот на Танге постои, но добар дел не успеа да се изгради, не успеа да се спроведе во реализација на пониски планови и на ниво на архитектонски проекти.

Во Скопје гледаме градење на облакодери, се повисоки згради. Дали е тоа опасна тенденција?

Оваа тенденција, не знам дали може да се дефинира како опасна, но е чудна. Скопје воопшто не е голем град. Скопје не е ниту Хонгконг, ниту Дубаи или Њујорк. Одење во височина се аргументира дека просторот доле останува, но сведоци сме дека просторот доле не останува, густината расте, растат височините јас би рекол непотребно. Тоа е по еден автоматизам дека ако нешто е веќе направено повисоко, по аналогија би требало и другите објекти да се донесат до таа височина. Но, ниту е аргументирано зошто се тие толкави височини, од друга страна ниту влијае на подобрување на животот во градот. Сметам дека она пост земјотресно Скопје, кое го знаеме во 70-те и 80-те години кога се реализираат всушност реконструктивните планови преку архитектонската продукција, дојде до една максимална кота, којашто денеска и за два пати ја зголемуваме. Таа кота одговараше на овој град.

Колку Скопје сега е заштитен од катастрофи, земјотреси, особено во Детелните урбанистички планови што се носат?

Тоа е сега едно горливо прашање кое се наметнува низа години наназад кога сме сведоци на катастрофични земјотреси во блискиот или во подалечниот регион иполека се разви таа дискусија колку сме ние сигурни. Од една страна имаме сигурност на самиот објект, којашто е неколку пати контролирана и за којашто велам, дека она што е регулирано, она што е легална градба, таа е неколку пати проверувана. И тоа несомнено безбедноста и сигурноста на највисоко можно ниво. Но, зградата сама по себе не нуди 100 проценти сигурност. Треба и просторот, односно урбаното милје да го понуди да ја понуди таа безбедност, бидејќи сите велиме дека првата брана од било каква катастрофа е всушност урбанизмот, кој со своите параметри ќе овозможи растојание на урушување, за пристапност на интервентни возила, за пристапност на помош... Сето тоа е еден комплекс од параметри за да кажеме дека градот е безбеден.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG