Достапни линкови

„Значителни ризици“ од препознавање на лицата во руското метро


Патници во метро станица во Русија (илустрација)
Патници во метро станица во Русија (илустрација)

Во потег за кој бранителите на човекови права предупредуваат дека носи потенцијални ризици за граѓанските права, Русија почна да го проширува својот систем за плаќање со препознавање на лице во метрото во шест градови надвор од Москва.

Метро станицата во Казан, седиште на регионот на реката Волга во Татарстан и една метро станица во Нижни Новгород, друг голем град на Волга, почнаа да го користат системот наречен „Face Pay“, (плаќање преку препознавање на лицето на корисникот) во август, јавуваат руските медиуми и извештаите на владата.

Шефот на Центарот за биометриски технологии (TsBT), државната компанија која го надгледува проектот за биометриски плаќања, тврди дека сите системи на руското метро ќе ја користат оваа технологија до 2025 година.

„За секој учесник, процесот ќе биде апсолутно беспрекорен“, го цитира Tatar-Inform.ru, генералниот директор на TsBT Владислав Поволотски за промоцијата на „Face Pay“ во Казан. Патниците „можат да се движат меѓу градовите на нашата голема земја користејќи ја оваа услуга“, рече Поволотски.

Цитирајќи ги документите на TsBT, деловниот дневен весник Комерсант во јануари објави дека Екатеринбург и Самара исто така ќе го инсталираат овој систем на плаќање во 2024 година, а Санкт Петербург и Новосибирск треба да го пуштат системот до крајот на 2025 година.

Руските власти тврдат дека „Face Pay“ нуди незаменлива безбедност и удобност, бидејќи се потпира само на лицето на патникот кој оди до работа. Но, за критичарите, тоа е проблемот.

Во Москва, која го лансираше првиот руски систем „Face Pay“ во 2021 година, уличните камери за видео надзор беа користени за приведување на наводни учесници во антивладините протести и новинарите кои известуваа за настаните.

Наведувајќи ги таквите притворања и апсења, адвокатот Андреј Федорков, кој работи со забранетата руска организација за човекови права „Меморијал“ за поддршка на политичките затвореници, стравува дека практиката може да се прошири и на рускиот биометриски систем за плаќање во метро. Тој ги нарече ризиците од овој метод на плаќање „значајни“.

„Овој систем е веќе активен и функционира. Не е толку масовно и сеопфатно како во Кина, но трендот е сосема очигледен. Затоа, да, овој систем ќе стане уште еден моќен инструмент во денешна Русија за надзор и контрола на граѓаните“, смета адвокатот Федорков.

Зголемени ризици за човековите права

Корисниците на метрото во Казан за локалниот медиум „Вечерњаја Казан“ изјавија дека на екранот се појавуваат „комплименти“ на екранот кога уредот „Face Pay“ ги скенира нивните лица и притоа „ги забележува (нивниот) стил, вкусот во облекување, насмевката и другите карактеристики.

Почнувајќи од 15 септември, тие ќе добиваат „кешбек“ (поврат на пари) од 15 рубли (16 центи) за секое возење со „Face Pay“, соопштија официјалните лица на казанското метро.

Колку патници во Казан и Нижни Новгород се одлучиле да користат „Face Pay“ се уште не е јасно. Освен Русија, Кина, Казахстан и Јапонија исто така користат метод на препознавање на лица како начин за плаќање во метрото.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите Нации (ОХХР) за Idel.Realities на РСЕ во 2021 година истакна дека е потребно да се воспостават „барања и заштитни мерки“ за употреба на технологија за препознавање лице.

Наведувајќи го недостигот на информации, портпаролката на ОХЦХР Лиз Тросел одби да коментира за користењето на „Face Pay“ од страна на метрото во Казан, но рече дека генерално, „биометриските системи, како што се платежните системи, се технологија со висок ризик што инхерентно носи зголемени ризици за човековите права, вклучувајќи ги и правата на приватност и правото на слободата на изразување“.

Дури и кога употребата на биометрика е доброволна, вели таа во е-пошта, „чувствителноста на биометриските податоци бара особено силна законска и техничка заштита“.

„Целта на собирање, складирање и користење на биометриските податоци, времетраењето на складирањето и кој има пристап до податоците мора да бидат строго ограничени“, вели Тросел.

Рускиот закон од 2022 година за користење биометриски податоци за идентификација на поединци наложува владата и централната банка да мора автоматски да ги уништат биометриските податоци по 10 дена, освен ако лицето на кое му припаѓа не се пожалило на „незаконска обработка“ на тие податоци или пропуст во нивното користење за автентикација. Исто така, законот го забранува преносот на тие податоци на трети страни.

Сепак, Законот наведува дека неговите одредби не се применуваат на „истражната, контраразузнавачката и разузнавачката работа“ или на „националната одбрана, обезбедувањето на државната безбедност и спроведувањето на законот“ и „спроведувањето на надворешната политика“, меѓу другите области.

Онлајн мапите покажуваат дека TsBT, компанија основана во 2022 година од гигантот за дигитални услуги Ростелеком, Министерството за дигитален развој, комуникации и мас-медиуми и централната банка, се наоѓа во зграда во Москва во која е сместен и Rosoboroneksport, агенцијата што се справува со рускиот воен извоз и Федералната служба за воено-техничка соработка при Министерството за одбрана.

Страв од дишење

TsBT го надгледува Обединетиот биометриски систем, кој собира биометриски информации и за плаќањата во метрото и за приватниот сектор.

Во интервју на 27 јуни со веб-страницата за Конференцијата за дигитални технологии TsIPR, Поволотски тврди дека базата на податоци ги чува „биометриските примероци“ на поединците одвоени од нивните „лични податоци“. Тој рече дека базата на податоци не содржи „имиња и презимиња, индивидуални броеви на даночни обврзници, адреси и други лични информации“.

Однадвор може да се пристапи само до „биометриските вектори“ на базата на податоци (координати што го означуваат растојанието помеѓу клучните карактеристики на лицето), додаде тој.

Се чини дека Поволотски јавно не се осврна на загриженоста за ризиците од технологијата за граѓанските права.

Користењето на биометрискиот систем не е задолжително за патниците на метрото. Патниците кои сакаат да платат преку препознавање лице мора да прикачат „селфи“ на мобилната апликација за порталот за владини услуги на Русија и потоа да го поврзат својот профил со друга апликација, SBPay, која се справува со биометриски плаќања.

Говорејќи за севкупните биометриски планови на Русија, Поволотски во јуни изјави дека Русите „секогаш ќе имаат избор - да добиваат услуги на стариот начин или да користат биометрика“.

Тој избор е причината зошто експертот за безбедност Павел Лузин, кој порано го советуваше починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, вели дека вистинската загриженост за „FacePay“ можеби е како луѓето реагираат на него.

Таквите платежни системи можат да го контролираат однесувањето на луѓето само преку стравот дека се надгледувани - без разлика дали навистина се или не, рече тој.

„Луѓето ги гледаат камерите. Нешто им е кажано за вештачката интелигенција и затоа веќе се плашат да не дишат на погрешен начин и да се цензурираат себеси“, вели Лузин, нерезидентен висок соработник во Центарот за анализа на европската политика, тинк-тенк со седиште во САД.

Тој ги нарече инвестициите во „Face Pay“ кои се проценети од Комерсант на вкупно 260 милиони рубљи (2,9 милиони долари) само за инсталации - „бесмислено лажни“ и смета дека не даваат „никакви практични резултати“.

Сепак, за оние Руси кои се одлучуваат да патуваат со „Face Pay“, Федорков тврди дека постојат ризици.

Тој заклучува дека руските безбедносни сили, „доколку имаат можност, нема да се откажат од системот за видео надзор за препознавање лица, бидејќи таквите технологии им овозможуваат да ги идентификуваат во масовните протести дури и оние учесници кои избегале од притвор“.

XS
SM
MD
LG