Достапни линкови

Политиката ги истиснува темите за родово и семејно насилство од медиумите


Марина Тунева, истражувач, авторка на анализата „Етичко известување за родово-базираното насилство во Северна Македонија“
Марина Тунева, истражувач, авторка на анализата „Етичко известување за родово-базираното насилство во Северна Македонија“

Медиуми во трка за кликови известуваат сензационалистички за теми за родово и семејно насилство. Ако медиумите не внимаваат може дополнително да ја стигматизираат и етикетираат жртвата. Свесноста на медиумите за оваа тема се зголемува, но се уште има проблем со навиките и со ограничувачките услови во редакциите, вели Марина Тунева во разговор со Радио Слободна Европа.

Како медиумите информираат за случаи на родово и семејно насилство? Се почитува ли етичкиот кодекс?

Врз основа на неодамна спроведената анализа што ја објави Институтот за комуникациски студии (ИКС), а на неа работевме јас и Наташа Бошкова – адвокатка и истражувач, практично дојдовме до многу важни сознанија во однос на практиките на медиумско информирање. Едно од тие сознанија е дека не постои конзистентност во информирањето, во смисла да постои континуитет, да се третира овој проблем како проблем од широк јавен интерес, кој што заслужува подлабинска разработка и да не се зборува само низ призма на инциденти, туку и низ призма на корените, причините коишто водат до тој проблем, а секако и последиците. Да се анализира дали тука институциите реагираат соодветно, какви мерки нуди системот, дали жртвите се запознаени, итн. Значи има редица на прашања, кои, за жал, не се отвораат на ниво, коешто би било задоволително во однос на медиумското информирање.

Исто така, еден од проблемите, што произлезе од анализата, а на него укажаа интервјуираните учесници - новинари и уредници е дека се информира сензационалистички, односно се нарушува кодексот на новинари, членот 8. Не се заштитува доволно идентитетот, иако тоа полека почна да се менува со оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи во полицискиот билтен веќе не ги наведува иницијалите на жртвите коишто поминале низ родово базирано насилство. Сепак, не постои доволна внимателност во однос на ова, особено што кога не се заштитува идентитетот тоа води до натамошна стигматизација, ревиктемизација, етикетирање итн. Еден од посочуваните проблеми е и несоодветна визуелизација, кога не се екипира новинарскиот текст како што треба, визуелизацијата може и понатаму да води до ревиктемизација.

Како да се стави некаков ред во таа трка за кликови?

Разговаравме и како самите медиуми да помогнат во подигнување на свеста, тоа значи и да се воздигнат малку над она што значи сервисно, секојдневно информирање, особено за информирање за многу други теми од јавен интерес, а не и за оваа тема, и со тоа полека да почнат да ги менуваат не само сопствените навики, туку и јавните перцепции околу овие прашања. Ова не е тема само за некој да се препознае во новинарскиот текст или да се алармираат институциите, ова е тема што треба да ја препознава секој граѓанин со цел да се превенираат случаите на родово базирано насилство. Понекогаш или многу често, за жал, се случува да не се препознае дека станува збор за родово базирано насилство, да се смета дека тоа е нешто нормално и тука, проблем е кога и медиумите недоволно отворено ги дискутираат овие појави и прашања, немаат едукативна улога, да овозможат малку да се променат нештата. Проблем е што и во самите редакции не постои конзистентна уредувачка политика, овие прашања не се ставаат како приоритет во информирањето, и како да се променат нештата кога станува збор за оваа тема. Редакциите треба да вложуваат повеќе во ова, да се менуваат навиките, да се професионализираат новинарите, да се градат нивните капацитет, бидејќи и самите новинари кои учествуваа во нашето истражување укажуваат на тоа дека без разлика на годините искуство, имаат потреба да се професионализираат во тој дел.

Презентација на анализа за медиумско информирање за родово - базирано насилство.
Презентација на анализа за медиумско информирање за родово - базирано насилство.

Стануваат ли медиумите посвесни за битноста на темата и дека треба да дадат свој придонес?

Интервјуираните соговорници потврдија дека постои свесност, но имаме проблем со навиките и со ограничувачките услови во редакциите. Генерално постои свесност дека треба да се менува нешто. Имаме посветени новинари и уредници кои добро ги работат овие теми. Среќа е што има такви медиуми, па овозможуваа и градат доверба, не само што ja информираат јавноста. Тоа им овозможува на тие што чувствуваат закана или тие што поминале низ родово базирано насилство да пријавуваат, да имаат доверба, да сакаат да зборуваат отворено за тој проблем. Тие не мора да излезат пред камера, да зборуваат пред микрофон, или да бидат фотографирани, меѓутоа она што го пријавуваат како проблем што го посведочиле ќе им даде еден подобар увид на медиумите што може понатаму да направат тие како некој што има силна моќ да влијае на општествените промени. А исто така ќе биде и аларм за институциите да ја вршат својата работа поефикасно, посоодветна, да има подобра координација, побрз и навремен одговор. За жал, имаме и инциденти каде недоволно се препознало дека станува збор за појава која влече корени од минатото, жртвата се соочила со проблем што недоволно се истражил, недоволно реагирале институциите, недоволно зборувале новинарите итн.

И во регионот, и кај нас, во последните месеци широко се следеа случаите на фемицид. Како да се известува за фемициди, а да се избегне моментот на сензационализам?

Прво работите да се нарекуваат со вистинско име, доколку е фемицид, да се препознае и да се зборува за таа појава, да се пристапи аналитично, внимателно да се изберат изворите, соговорниците, да се опфатат сите значајни перспективни, недоволно е еден или два извори да кажат нешто. Да се каже за секојдневието на тие луѓе, низ какви сè проблеми поминувале движејќи се можеби низ институциите или повлекувајќи се од нив. Мислам дека сензационализмот ќе се избегне со изборот на вистинските извори на информации, со давање на соодветен контекст, дали тоа ќе биде историја на тие случувања или анализа на законската рамка и дали законот ефективно се спроведува во пракса, дали институциите навремено одговориле или не, во крајна линија и преку презентирањето на фактите ќе и овозможат на јавноста сама да процени за што станува збор. Улогата на новинарот е и да следи во континуитет, недоволно е да се заинтересираме за една тема само денеска и тука се гради експертизата и препознавањето, значи понатаму самите теми многу полесно ќе се препознаваат.

Презентација на анализа за медиумско информирање за родовобазирано насилство.
Презентација на анализа за медиумско информирање за родовобазирано насилство.

Може ли да не се третира родово базираното насилство како второстепена тема во медиумите?

Дневнополитичките случувања се нешто што се посочува како причина, од страна на интервјуираните соговорници, недоволно да се информира за оваа тема и на тој начин се добива впечаток дека оваа тема е и нерелевантна. Дури и кога одредени новинари ќе излезат со предлог да се зборува повеќе, сепак тој внатрередакциски притисок не е мал и се случува проблемот да се игнорира и за се подзаборави.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG