Достапни линкови

 
Двојни аршини за пензионирање - судиите и обвинителите посебна категорија

Двојни аршини за пензионирање - судиите и обвинителите посебна категорија


Илустрација
Илустрација

Од „жестоко“ спротивставување до „експресно“ гласање. Последните измени на законот за работни односи со кои судиите и обвинителите ќе се пензионираат на 67 години, беше предлог кој во 2022 ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше, а сега го усвои. Правните експерти укажуваат на нејаснотија - колку функционери тоа може да го искористат.

Перцепцијата за тоа што е корисно е различна кога се гледа низ призмата на власт и опозиција. За еден ист проблем, недостигот на судии и обвинители, двата најголеми политички ривали, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за две и пол години нудат исто решение- судии и обвинители да заминат во пензија на 67 наместо на 64 години.

Разликата е во исходот. Во 2022 година, законот не го доби потребното мнозинство, додека годинава, на 13 февруари, помина низ собраниските филтри за само седум дена и се чека негова објава во Службен весник за да стапи во сила.

Првиот пат, предлог законските измени на Министерството за труд и социјална политика во 2022 година завршија со инцидент во Комисијата за европски прашања чиј претседател беше пратеникот на ДУИ, Арбен Адеми. Имаше виткање микрофони, пцовки, закани и филџан кој Адеми го фрли кон пратеникот Халил Снопче.

Тогашните опозициски пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците „жестоко“ се спротивставија на носењето на измени на закон за работни односи по скратена постапка со европско знаменце. Со нив се предвидуваше на 60 судии и 13 обвинители да им се продолжи работниот век за три години, додека во меѓувреме се чекаше да излезе од Академијата „нова транша“ на обучени судии и обвинители.

„Законот за работни односи - по скратена постапка, со Европско знаменце. Што предвидува !? Да се дозволи судии и обвинители кои се блиски до власта, да продолжат со работен однос и по навршување на 64/62 години старост, односно до 67 години. И тоа впринтано во закон, со "фоторобот", уште име и презиме да напишеле“, напиша на социјалната платформа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски кој сподели видео од инцидентот.

Пратеникот Стојановски е еден од 15-мината кои на 7 февруари годинава до Собранието поднесоа речиси идентични предлог измени на законот за работни односи со кои им се овозможува на 40 судии кои до крајот на 2026 година треба да заминат во пензија, да продолжат да делат правда до 2027 година.

Стојановски смета дека годинава има една клучна разлика со која нивното предложено решение е подобро од тоа на СДСМ во 2022 година.

„Разликата е во тоа што претходно не мораше, а сега мора тој што ќе сака да го продолжи својот мандат да испрати барање, до институцијата која што е надлежна, за истото или конкретно до институцијата каде што работи. Па за да може да се провери дали тој господин или госпоѓа заслужува да му се продолжи мандатот, бидејќи можевме да видиме пред неколку месеци дека за прв пат имаме уапсени врховен судија за примање на поткуп“, вели за РСЕ Стојановски.

Само лекарите подоцна во пензија - ако дозволи министерот

Такво, но дискреционо право за пензионирање на 67 години е предвидено во здравството, каде што доктор кој сака да продолжи да работи по пензионирањето, треба да поднесе барање до директорот на институцијата во која работи и до министерот за здравство. Министерот по свое уверување одлучува на кого ќе му го одобри барањето. Поради ова дискреционо право, според последните достапни податоци, на околу 180 вработени само на скопските Клиники не им беше да дозволено да работат до 67 години, во периодот 2022-2023 година. Причината беше што тогашниот министер ги одбил барањата.

Пратеничката и поранешна министерска за труд и социјална политика Јована Тренчевска се сомнева дека оваа измена која помина минатата недела во Собранието е специјално направена за некои судии и обвинители од, како што вели, „тефтерчињата од минатото“, да си го продолжат работниот век.

„Многу е симптоматично, зошто во ова време се носи таков закон, кога излегуваат кадри од Академијата, млади чесни, ентузијасти, и верувам дека токму таквите кадри ќе ја вратат довербата во судството, а не стари кадри за кои слушавме во минатото и во „бомбите“ па и секојдневно “, изјави Тренчевска за РСЕ.

Стојановски пак посетува на, како што вели, спорни постапки со софтверот на Академијата на судии и обвинители и на Кривичниот законик со кој се скратени роковоте за застарување на делата.

„Е ние не сакаме да бидат застарени, затоа што секој треба да си одговара за сопствените грешки“, додава тој.

Годинава, за само седум дена по скратена постапка, на 13 февруари, владејачкото мнозинство ги изгласа измените на законот со оправдување дека зголемениот дефицит на судско-обвинителски кадар предизвикува загриженост кај Европската комисија за влијанието врз квалитетот и ефикасност на правдата.

„Република Северна Македонија се соочува со голема недоверба во правосудниот систем. Како една од причините за таквата перцепција од страна на јавноста е и намалената ефикасност на судските постапки... За ваквата состојба најголема улога има дефицитот на судиите и јавните обвинители“, се вели во предложените измени на законот.

Немаат доверба, ама им го продолжија работниот век

Додека владејачката партија подготвува план за смена на судиите во Судскиот Совет и на шефот на јавното обвинителство, во исто време им го продолжува работниот век на тие што секојдневно ги критикува.

„Во овој момент ова беше она што е приоритетно да се реши затоа што се закануваше со извесна блокада на државата во делот на судството, а не сакаме утре или задутре да имаме некои процеси коишто ќе се случуваат, а да нема кој да пресуди,“ вели пратеникот на ЗНАМ Бојан Карапејовски, еден од предлагачите на измените на законот.

За Тренчевска од СДСМ е лицемерно да им се продолжи работниот век на судиите и обвинителите ако власта нема доверба во нив.

„За сето она што зборуваше власта, за како што ги нарекуваше калкуланти кои што работат под директива на други центри, сега на тие „калкуланти “им даваат продолжување на работниот век до 67 години, но и на сите именувани и избрани лица.“, додава таа.

Тренческа : Функционерите не се дефицитарен кадар

Опозицијата, иако во 2022 година ги предложила истите измени од позиција на власт, годинава од опозициско пратеничко столче обвинува дека законот е дискриминаторски, затоа што остава многу други дефицитарни професии без доволно кадар. Тренчевска посочува дека проблемот со дефицитарен кадар е голем и во приватниот и во јавниот сектор.

„Апсурдот да е поголем на основачите на компании кои го имаат капиталот не им дозволувате да работат над 64 години, а дозволувате на функционери кои не се дефицитарен кадар“, додава таа.

Нејзиниот колега од владејачкото мнозинство Карапејовски ја демнатира, посочувајќи дека со ова законско решение е ограничено правото на тоа кој може да побара продолжување на работниот век.

„Само два такви закони постојат каде што се упатува на можност за продолжување на работниот век, два закони каде што се упатува кон законот за работни односи и вели дека само со негова дозвола може да се продолжи работниот век а тоа се закони кои ги третираат судовите и обвинителите. Не постојат закони да речеме за директори и дека одењето во пензија е во согласност со законот за работни односи“, објаснува Карапејовски.

УПОЗ бара продолжување на работен век и на другите вработени

За дискриминација со законските измени предупредуваат синдикатите.

„Сега ќе гледаме како едни исти судии ќе си останат на работа до 67 години, а тоа што фалат записничарки, тоа што фалат стручни соработници, тоа што не сака никој да се вработи судски или обвинителски службеник во државата, пониска плата никој не го гледа, така што мислам дека ова е небулоза и нема да го реши проблемот“, објаснува Претседателот на на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) Трпе Деаноски.

Тој стравува дека од злоупотреба на овој законски член со тоа што ќе се бара примена на секое именувано лице од извршната и законодавната власт.

За експертите се отвораат многу дилеми

Правните експерти, сметаат дека начинот на кој што е срочена одредбата отвара многу дилеми. Професорот по трудово право Александар Ристовски објаснува дека спорно е што изменетиот член се вика „продолжување на работен век на избрани и именувани лица“. Според него таквата формулација е поставена многу широко со што во тој ранг влегуваат и судии во Уставен суд, народен правобранител, министри, носители на јавни функции, раководни позииции, генерален секретаријат, регулаторни тела, директори на јавни претпријатија и здравствени установи.

Според него е спорна правната логика на која се повикуваат предлагачите на измените, за врзувањето на законите за судови и обвинители со законот за работни односи.

Во тој контект пратеникот Карапејовски изјави за РСЕ дека не може да се искористат измените за други функционери.

„ Ако има некаква дилема некогаш, Собранието може да даде автентично толкување“, дециден е Карапејовски.

Според професорот по трудово право Ристовски, со честите измени на законот за работни односи се прави еден вид упад во системот.

„Вчера таква интрузија беше направена во делот на одредбите со кои се регулира прекувремената работа, познати како одредби во прилог на Бехтел и Енка, така, денес тоа се прави за потребите на судиите, обвинителите и така натаму. Законот за работни односи се сведува на една шведска маса, а при тоа веќе 10 години се работи на нов закон за работни односи“, вели Ристовски.

Во изминативе три децении законот за работни односи претрпе над 40 измени. Во изминативе неколку години работна група составува целосно нов закон за работни односи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG