Познат идниот состав на Парламентот
Од обработени 94.5 процент на гласовите Државната изборна комисија (ДИК) го објави распоредот на мандатите по партии и коалиции во идниот состав на македонското собрание. Така коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ освоила вкупно 59 пратенички места и има убедливо водство пред останатите.
Следна е коалицијата на СДСМ и тоа со освоени 19 пратенички места, Европскиот фронт на ДУИ има освоено 18 мандати, коалицијата Вреди има освоено 13 пратенички места, Левица освоила 6 пратенички места и Знам е последна со 5.
За новиот парламентарен состав кликнете тука.
Мицкоски: Ова е победа на Македонија, Владата ќе се формира во најкраток рок
Ова е историска победа на Македонија и на народот во Македонија, оцени Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето по денешните парламентарни и претседателски избори и најави декановата Влада ќе се формира во најкраток можен рок и во транспарентен процес.
„Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, на гордиот народ кој покажа решителност и смиреност. Падна Владата во Македонија. Има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран“, рече Мицкоски. За повеќе информации кликнете тука.
Првата честитка за ВМРО-ДПМНЕ од Виктор Орбан, Вучиќ ѝ честиташе на Сиљановска-Давкова
Унгарскиот премиер Виктор Орбан прв им честиташе на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Силјановска Давкова за „историската победа на двојните избори во Северна Македонија“.
„Честитки до ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова за нивната заслужена и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме заедно на давање нов импулс на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ!“, напиша Орбан на социјалната мрежа Икс.
Унгарија од 1 јули го презема претседавањето на Европската унија до крајот на 2024 година.
Меѓу првите кои испратија честитка беше и српскиот претседател Александар Вучиќ кој вечерва ѝ ја честиташе победата на Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија.
„И честитам на Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претседател на Северна Македонија и и посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион“, напиша Вучиќ на платформата Х.
Фатмир Битиќи си поднесе оставка од потпретседател на СДСМ
Потпретседателот на СДСМ и досегашен потпретседател на Владата за должен за европски прашања си поднесе оставка од партиската функција. Вечерва на социјалната мрежа Фејсбук со стаус објави дека причината е огромниот пораз кој го доживеа неговата партија, но дека очекува и неговите сопартијци да го сторат истото.
„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, напиша Битиќи.
За повеќе информации кликнете тука.