Сиљановска-Давкова: Ќе бидам претседател на сите граѓани
Кандидатката за претседател на државата предложена од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на првата прес конференција после првичните резултати кои се во нејзина полза рече дека македонските граѓани се одважија да излезат стамено, достоинствено и гордо да го дадат гласот на оној кој што го сакаат. Според неа да повикувате на бојкот с е партиски притисок.
Таа според првичните резултати има двојно поголема предност пред нејзиниот противкандидат на претседателските избори Стево Пендаровски кој веќе призна пораз. Посочи дека ќе биде претседател на сите граѓани и дека почнува промена која ќе ја донесе жена претседател.
„Јас тврдам дека од овој момент овде јас ке се однесувам како претседателка на сите грагани, на сите етнички групи, на членови на партии, на оние кои не се во партии бидејќи не може еден претседател особено не ако е жена да обединува, да трага по единство ако држи партиски линии“, рече Сиљановска Давкова. За повеќе детали кликнете тука.
Ковачевски: Резултатот е разочарувачки, повикувам на нови внатрешни избори во СДСМ
Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на парламентарните и втор круг претседателски избори во Северна Македонија.
Тој ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната претседателска кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, кои според првичните резултати се во водство пред СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Ковачевски повика на внатрешни избори сите органи и тела на СДСМ, на централно и локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата. Ќе биде свикан отчетен Конгрес на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и работењето на партијата во последните четири години.
Јакимовски призна пораз и предупреди на „апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ“
Лидерот на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, вечерва го призна поразот на парламентарните избори и ѝ ја честиташе победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде блиску до 60 пратеници што е блиску до апсолутна власт и во делот на парламентарната власт, локалната самоуправа и во делот на претседателот, тоа значи апсолутна власт, а очигледно дека ќе има можност и за двотретинско мнозинство. Очекувам дека ќе има тешки одлуки, но моето политичко искуство покажува дека апсолутната власт не е на арно бидејќи таа апсолутна власт носи девијации и како резултат на тоа доаѓаме до ретроградни процеси на кои не сакаме да бидеме сведоци“, рече Јакимовски на прес-конференција.
Гордана Сиљановска Давкова ќе стане првата жена претседател
Северна Македонија за прв пат од осамостојувањето доби Претседателка на Републиката.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова, поддржана од опозициската десничарска партија ВМРО- ДПМНЕ вечерва прогласи победа.
Според првичните нецелосни резултати освои двојно повеќе гласови од актуелниот претседател и противкандидат Стево Пендаровски. Од 84% обработени гласови, Сиљановска Давкова има 463.724 гласови, а Пендаровски 209.256 освоени гласови.
Во првото обраќање пред јавноста порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани без разлика на етничка или партиска припадност. За повеќе детали кликнете тука.