ДИК: Излезноста до 11 часот - за претседателски 12,87%, за парламентарни 13,69%
Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%).
Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а помала во западните делови.
ОБСЕ/ОДИХР: Заклучоците за изборниот ден ќе ги соопштиме на 9-ти мај
Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија, изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.
„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.
МВР: Гласањето генерално мирно, не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир
Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето кое генерално се одвива мирно и без проблеми, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите“, изјави Ангеловски.
Според официјалните податоци од ДИК, до 13 часот гласале:
- За претседателските избори 22,86% или гласале 403.044 граѓани
- За парламентарните избори 25,77% или гласале 457.619 граѓани