Достапни линкови

МЕПСО со заем од ЕБОР ќе ја зајакнува преносната мрежа


Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и Жуди Кока - генерален Директор на МЕПСО го потпишаа договорот за кредит.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и Жуди Кока - генерален Директор на МЕПСО го потпишаа договорот за кредит.

АД МЕПСО со заем од 26,4 милиони евра од ЕБОР ќе ја зајакнува преносната мрежа, но експерти велат дека треба и самата повеќе да вложува во модернизација. Заемот е за нови далноводи и трафостаници во југоисточниот регион, но засега е нејасно под какви услови е земен.

Мрежите за пренос на електрична енергија во Северна Македонија треба да се модернизираат бидејќи се стари со децении и во моментов го попречуваат приклучувањето на новите обновливи извори на енергија.

Овие прашања беа истакнати на денешното потпишување на договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу АД МЕПСО и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обнова на преносната мрежа во југоисточниот регион на земјата.

Парите, како што беше кажано, се наменети за МЕСПО да го модернизира преносниот капацитет во овој дел на земјата во насока на усогласувањето со планот за декарбонизација на Северна Македонија според Зелената агенда.

Со заемот се предвидува изградба на нова трафостаница и обнова на 110 киловатен далновод којшто ќе овозможи приклучување на нови капацитети од 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени.

„Проектот ќе има сериозно влијание со намалување на загубите за пренос со 14,4 гигавати и намалување на емисиите на CO2 до 8.158 тони годишно. Ова ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија. Клучно е дека ќе овозможи поврзување на дополнителни 1,2 гигават од обновливи извори, коишто во моментов не може да бидат поврзани затоа што имаме застарени потстаници во југоисточниот регион“, рече претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо.

Таа договорот денеска го потпиша со директорот на АД Мепсо Зуди Енуз. Иако беше поставено новинарско прашање под кои услови МЕПСО го зема заемот од ЕБОР, не беше даден јасен одговор.

Рене Басо кажа само дека дел од заемот доаѓа од ЕБОР и дека е на 5 години по комерцијални услови, дополнет со инвестициската рамка за Западен Балкан за да се дојде до севкупниот износ на проектот од 34,7 милиони евра.

Според соопштението на ЕБОР, кредитот ќе се користи за финансирање на изградба на 400/110 киловати под-станица блиску до Милетково и ново 11 киловатно преносено поврзување со далновод. Исто така и за рехабилитација на постоечкиот 10 киловатен далновод и под-станиците во и помеѓу Милетково, Валандово и Струмица.

Северна Македонија има поставено амбициозни цели за енергетска транзиција, но и покрај тоа во изминативе години беа игнорирани меѓународните обврски и домашните стратегии и планови.

Меѓу последните вакви примери беше планот за отворање на нов рудник за јаглен во Пелагонискиот регион, во услови на зависност од јаглен на енергетскиот сектор, додека термоелектраните во државата не ги исполнуваат стандардите за животна средина.

Меѓу меѓународните обврски е и Декларацијата за Зелена Агенда којашто Северна Македонија ја потпиша на Самитот во Софија во ноември 2020 година заедно со земјите од Западен Балкан.

Со тоа земјата се обврза дека ќе спроведува мерки за спречување на климатските промени и загадувањето, развојот на енергија, сообраќајот, циркуларната економија, одржливо земјоделство и производство на храна. Целта е да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент до 2050 година.

Зелената Агенда повеќе е насочена кон производните капацитети на земјата како термоелектраните кои треба да го напуштат јагленот, но модернизацијата на АД МЕПСО ,исто така, е важен дел за мрежата за да може да ги приклучува постојните, но и новите обновливите извори на енергија, како што вели за РСЕ професор Атанаско Тунески.

Тој смета дека ќе биде добро заемот на ЕБОР од 26,4 милиони евра да се искористи за модернизација на мрежата на со оглед на сегашната состојба

„Прашање е кога последен пат било инвестирано во преносната мрежа. Треба да се види до каде е далекуводот за Албанија, бидејќи според моите информации тој не напредува како што треба. Треба да се види дали МЕПСО е во добра финансиска состојба и за самата повеќе да инвестира во модернизација на мрежата“, вели Тунески.

На денешното потпишување на договорот за заем беше кажано дека проектот вклучува и поддршка за развој на мастер план за мрежи во кој ќе бидат идентификувани клучните инвестиции кои се потребни во мрежата за распоредување на нови обновливи извори, но и дека ЕБОР во моментов финансира неколку клучни проекти на МЕСПО, вклучително и поврзувањето со Бугарија и Албанија.

На потпишувањето на договорот меѓу ЕБОР и АД МЕПСО присуствуваа и евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Божиновска рече дека енергетиката е приоритет на оваа влада, вклучително зајакнувањето на електропреносните капацитети преку реконструкција и ревитализација на постојните далеководи. Таа рече дека ќе се потрудат да ги исполнат сите обврски од договорите што ги потпишуваат со ЕБОР за МЕПСО да не плаќа пенали за неисполнување на обврските како што било случај со некои проекти пред неколку години.

„Овој проект е дел од зелената агенда. Проектот ќе биде заокружен со развој на центар за обука на електро-преносни оператори во југозападниот дел на нашата земја, практично регион кој е најмногу засегнат од транзицијата на земјата кон зелената транзиција“, рече Божиновска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир наведе дека ваквите проекти ќе ѝ помогнат на земјата да ја достигне својата цел за постигнување на 66 проценти производство на енергија од обновливи извори до 2030 година.

„Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија, затоа што инвестицијата во енергетска инфраструктура е двигател за регионалниот развој и економскиот раст“, рече Гир.

Вкупната вредност на проектот е 34,7 милиони евра од кои 26,4 милиони се обезбедуваат со заем од ЕБОР, а 7,6 милиони евра се обезбедени од од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ и половина милион евра од Климатскиот фонд. ЕБОР како иституционален инвеститор во Северна Македонија наведува дека досега има инвестирано над 2,8 милијарди евра во 190 проекти во земјата.

Последниот проект за модернизација на мрежата доаѓа во услови на наплив на инвестиции во фотоволтаици во земјава со кои само за две години инсталирани се капацитети од над 600 мегавати.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG