Новите владетели на Сирија, наводно, им доделиле високи воени позиции на неколку странски исламистички борци. Овој потег ги вознемири нивните матични влади, кои се плашат од потенцијалниот извоз на револуција на нивна почва.
Повикувајќи се на неименувани извори во Сирија, извештаите на Ројтерс и АФП велат дека еден етнички Албанец од Северна Македонија, државјанин на Таџикистан и тројца кинески Ујгури се меѓу странците кои биле унапредени на официјални позиции.
Тројца од странските борци добиле чин бригаден генерал, а најмалку тројца други добиле чин полковник, според извештаите, кои Радио Слободна Европа не може самостојно да ги потврди.
Абдул Самрез Јашари, роден во Македонија - познат и како Абу Катада ал-Албани наводно бил назначен за полковник.
Јашари (48), албанец од Северна Македонија, ја предводи Џемати Албан, милитантна група составена од претежно етнички Албанци која се здружи со Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ). ХТШ е исламистичката група, означена како терористичка организација од САД и ЕУ, која го собори сирискиот претседател Башар ал- Асад во декември 2024 година.
Јашари беше прогласен за терорист од Министерството за финансии на САД во 2016 година.
Друг странец назначен за полковник беше идентификуван од таџикистанските блогери блиски до силите на ХТШ како Саифидин Тоџибоев, борец од Таџикистан.
РСЕ не можеше да ја потврди автентичноста на извештаите за наводното назначување на Тоџибоев за нов оперативен командант и неговото унапредување од мајор во полковник.
Извор од таџикистанските органи за спроведување на законот, кој сакаше да остане анонимен, за таџикистанскиот сервис на РСЕ на 5 јануари изјави дека владата е запознаена со веста за новото назначување на Тоџибоев.
Тоџибоев (41) се бара во Таџикистан како обвинет за учество во странски конфликт, член на терористички организации и регрутирање борци за терористички групи. Неговото име се појавува и на списокот на санкционирани лица на Таџикистанската централна банка на кои им е забрането да вршат финансиски активности.
„Тоџибоев и неговиот брат отидоа во Сирија во 2013 година и оттогаш учествуваат во воените конфликти таму. Тоџибоев, исто така, регрутирал неколку таџички државјани за да им се придружат на терористичките групи“, изјави изворот од Душанбе за РСЕ.
Тоџибоев беше член на Исламската ренесансна партија на Таџикистан (ИРПТ), некогаш популарно движење кое Душанбе го забрани и го означи како „терористичко“ во 2015 година.
Партијата ги негира обвиненијата за тероризам.
Тоџибоев накратко служеше како шеф на локалната канцеларија на ИРПТ во неговата родна област Спитамен во северен Таџикистан во 2012 година, пред да поднесе оставка и да ја критикува политиката на партијата.
Нема официјални изјави за назначувањето на странски државјани од ХТШ, која јавно се обврза да усвои умерени политики во однос на правата на жените, националното помирување и односите со меѓународната заедница. Исламистичката група се обидува да создаде професионална армија од различните милитантни фракции со кои се усогласила.
ХТШ вклучува голем број борци од Русија, Централна Азија и од Балканот. Повеќето од нив пристигнаа во Сирија откако екстремистичката група Исламска држава (ИД) најави создавање калифат во делови од Сирија и Ирак во 2014 година.
Загриженост дома
Во нивните матични земји, многу од борците се сметаат за потенцијални закани за стабилноста и националната безбедност.
Во декември 2024 година, кога на социјалните мрежи кружеа видеа со таџикистански милитанти во Сирија, извор близок до таџикистанските безбедносни сили, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Душанбе станува нервозен гледајќи ги своите државјани како се борат во странски војни.
„Тие би можеле еден ден да се вратат во Таџикистан и да се обидат да направат сериозни проблеми овде“, изјави извор за РСЕ, опишувајќи ги милитантите како темпирана бомба.
Во последниве години, владите на Централна Азија вратија стотици свои граѓани - членови на семејства на борци на ИД - од Ирак и Сирија, помагајќи им да се реинтегрираат во „цивилниот живот“.
Десетици други се вратија доброволно, искористувајќи ги владините амнестии.
Според експертите, во Сирија може да има уште неколку илјади странски борци.
Она што ги загрижува владите е можноста борците да се обидат да ја вратат идеологијата или исламската револуција на ХТШ во нивните матични земји.
Арон Зелин, кој е автор на книга за ХТШ - „Ерата на политичкиот џихадизам: студија за Хајат Тахрир ал-Шам“, за РСЕ изјави дека назначувањата не укажуваат на тоа дека новите владетели на Сирија предводени од Ахмед ал Шара, порано познат како Абу Мохамед ал Голани, имаат каква било агенда надвор од Сирија.
„Тоа е...напор на Голани и ХТШ да се обидат да се осигураат дека овие луѓе ги следат наредбите на сириската држава и дека нема да има хонорарци сега кога војната е повеќе или помалку завршена“, рече Зелин, висок соработник на Вашингтон Институт за политика на Блискиот Исток.
Експертот истакна дека Шара зборувал за давање сириско државјанство на странци кои живееле во земјата одредено време и ја поддржувале ХТШ во нејзината борба против режимот на Асад.
„Голани се обидува да ги направи Сиријци. Подобро е тие да бидат интегрирани и да ја следат новата улога на ХТШ, отколку да бидат хонорарци, или барем така тие гледаат на тоа“, смета Зелин.