На полиците во една од многуте продавници во кинеска сопственост овде во вториот по големина град во Србија, Нови Сад има слушалки спакувани во бела картонска кутија на која пишува „iPod“.
На прв поглед, потрошувачите би можеле да помислат дека купуваат производ од американскиот технолошки гигант „Apple“. Меѓутоа, повнимателните набљудувачи, освен екстремно ниската цена - помалку од два долари - за слушалките кои вообичаено чинат околу 20 долари во Србија, можат да забележат и нешто друго необично.
На полето пишува „Apple Earphone“ - во еднина, наместо во множина. Исто така, пишува дека производот е „made in Califomia“ – со буквата „m“ наместо „rn“ на името на државата во која се наоѓа седиштето на компанијата „Apple“.
Овие слушалки се дел од напливот кинески производи претставени како познати западни брендови кои го преплавија Балканот и ги зазедоа полиците на продавниците во сопственост на кинески имигранти.
Нема точни податоци за вкупната количина на ваква кинеска стока која пристигнува на Балканот. Покрај лажната електроника на Apple, има и патики, облека и други предмети кои се продаваат под името на светските брендови како Најк, Томи Хилфигер, Адидас, Хуго Бос, Армани, Гучи и Луј Витон.
Но, податоците од царината сугерираат дека бројот изнесува најмалку стотици илјади единици годишно, а балканскиот сревис на РСЕ утврди барем една рута преку која овие производи стигнуваат до полиците на балканските продавници - вклучително и застанување во италијанско пристаниште со озлогласени мафијашки врски.
Кинески бизнисмен со седиште во Србија, кој до неодамна беше активен во увозно-извозниот бизнис, рече дека околу 85 отсто од оваа стока што пристигнува во Србија се испраќа од пристаништето Нингбо на источниот брег на Кина.
Еден контејнер во кој се транспортира стока може да содржи до 2000 артикли, што ја оневозможува контролата на секој поединечен производ, вели бизнисменот, кој се согласи да разговара со РСЕ под услов да остане анонимен поради можни правни последици.
„Царината не може да го провери секој контејнер и секој производ“, рече тој.
„Групното“ купување на овие фалсификувани предмети обично се врши во готово и меѓу страни кои меѓусебно се познаваат и имаат долгогодишни деловни односи, додаде тој.
Бизнисменот вели дека стоката се испраќа од Нингбо до италијанското пристаниште Џоја Тауро во Италија. Оттаму, како што објаснува, оваа стока се транспортира со помали бродови до пристаништата во Риека, Хрватска, Бар, Црна Гора и Копер, Словенија.
Балканскиот сервис на РСЕ ја потврди оваа рута со царинските органи во Србија, Хрватска, Црна Гора и Италија.
„По пристигнувањето во Словенија, Хрватска или Црна Гора, фалсификуваната стока потоа по пат и железница се транспортира во Србија“, изјавија за РСЕ од Царинската управа на Србија.
Агенцијата соопшти дека само минатата година нејзините службеници заплениле 104000 различни производи поради сомневање за кршење на правата на интелектуална сопственост, додека повеќе од 61 000 предмети биле уништени - главно текстил.
Хрватските цариници за РСЕ изјавија дека годишно постапуваат по околу 600 случаи на сомнителни случаи на прекршување на интелектуална сопственост, пред се на пристаништата во Риека и Плочe, но и на граничниот премин Бајаково со Србија. Околу 85 отсто од овие стоки доаѓаат од Кина, а поголемиот дел од стоките се фалсификувани брендови на ЕУ и САД, велат тие.
Црногорската Царинска управа за РСЕ изјави дека Кина останува клучна земја на потекло за сите видови фалсификувани стоки. Црногорските цариници минатата година заплениле 5274 фалсификувани предмети од Кина минатата година, што е повеќе од 3303 претходната година, се вели во соопштението.
Кинеската врска
Балканскиот регион стана стратешки важен за Кина, која инвестираше во огромни инфраструктурни проекти таму и потпиша договор за слободна трговија со Србија, кој е во сила од јули 2024 година.
Мнозинството од балканските земји не се членки на Европската Унија, но се дел од Кинеската иницијатива „Појас и пат“, глобална стратегија за развој на инфраструктурата, започната од Пекинг во 2013 година, за која некои западни влади предупредуваат дека може да доведе до прекумерен долг кон Кина.
Кинескиот извоз во Србија се зголеми во просек за 16,7 отсто на годишно ниво од 2018 до 2023 година, скокајќи од 1,8 милијарди долари на речиси 4 милијарди долари во тој период, според најновите податоци од Опсерваторија за економска сложеност - платформа за трговски податоци.
Помеѓу десетиците кинески компании кои ги нудат своите производи на балканскиот пазар преку локални српски компании е и Shenzhen VBO Industrial Co., произведувач на слушалки што изгледаат идентични со оние во фалсификуваната кутија на Apple во продавницата во Нови Сад, што ги посетија новинарите.
Компанијата не одговори на барањето за коментар за нејзините производи кои се продаваат под брендот Apple.
Со седиште во сајбер индустрискиот парк Тианан во градот Шенжен во југоисточна Кина, фабриката зафаќа 6000 квадратни метри и е специјализирана за производство на аудио опрема. Цената за слушалките што новинарите ги купија во продавницата во Нови Сад е 0,69-0,99 долари, а се продаваат во кутија без етикета на Apple. Не е јасно дали слушалките што новинарите ги пронајдоа во Нови Сад се купени директно од кинеската фирма или од посредници во Србија.
Во соседна Босна и Херцеговина, Балканскиот сервис на РСЕ ги посети продавниците во кинеска сопственост и забележа други фалсификувани американски брендови, вклучително и патики Најк за 20 долари и кошули Томи Хилфигер за 11 долари, што е значително поевтино од оригиналите.
„Низок ризик, висок профит“
Балканскиот сервис на РСЕ побара коментар од италијанската финансиска полиција(Guardia di Finanza) за улогата на Италија како место за фалсификувани кинески стоки што се испраќаат на Балканот.
Тамошните власти одговорија со соопштение за печатот од октомври 2023 година, во кое ја опишуваат „нелегална лента за произведување“ на фалсификувани производи во кои е вклучен италијанскиот и кинескиот организиран криминал и укажуваат дека фалсификуваните етикети и пакувања се додаваат на некои од овие стоки по пристигнувањето од Кина.
Италијанската финансиска полиција не одговори на конкретни прашања за Џоја Тауро, пристаништето во италијанската провинција Калабрија, кое кинескиот бизнисмен со седиште во Србија го нарече клучна станица за фалсификувани стоки кои доаѓаат на Балканот од Кина.
Но, пристаништето Џоја Тауро е познато како центар за шверц на дрога наводно, поврзан со озлогласениот италијански криминален синдикат познат како „Ндрангета“.
Италијанските власти во 2022 и 2024 година соопштија дека откриле „криминални мрежи поврзани со Ндрангета кои се осомничени за шверц на кокаин во Европа во вредност од стотици милиони евра токму преку ова италијанско пристанише, операција во која наводно биле вклучени корумпирани вработени во пристаништето.
Руџеро Скатуро, висок аналитичар во швајцарската невладина организација Глобална иницијатива, го опиша Џоја Тауро како место каде што легалното и нелегалното се испреплетуваат, додека се под цврста контрола на „Ндрангета“.
„Во суштина, Џоја Тауро функционира во двојна реалност: голем трговски центар каде што секој може теоретски да тргува, но каде правилата за пристап до недозволени стоки се диктирани од „Ндрангета“, рече за РСЕ, Скатуро, чија организација го следи глобалниот организиран криминал ширум светот.
Тој подвлече дека меѓу Азија, Блискиот Исток и ЕУ, балканскиот регион функционира како природна порта за стоките што се движат кон запад и дека останува клучна точка за дистрибуција.
„Трговијата со фалсификувана стока ретко е изолирана работа, но често е управувана од истите криминални мрежи кои контролираат други недозволени бизниси“, вели Скатуро.
„Апелот е јасен: додека шверцот со дрога носи тешки правни последици, шверцот со фалсификати останува релативно низок ризик со висок профит, што го прави профитабилна споредна работа за сите овие групи“, додаде тој.