Достапни линкови

Колку надворешни политики води Северна Македонија?


Самит на Отворен Балкан во Белград
Самит на Отворен Балкан во Белград

Берлински процес или Отворен Балкан или двете? Премиерот и шефот на дипломатијата со различни ставови, но дали и со единствена надворешна политика. Државата не смее да дозволи неконзистентност и да изгледа како држава со несериозна политика, смета поранешниот вицепремиер Наумовски.

Дали државата води паралелни надворешни политики, оваа конфузија ја создадоа двете спротивставени изјави на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи претходните два дена поврзани со иницијативата Отворен Балкан.

Шефот на дипломатијата Османи на 4 октомври излезе со став за преиспитување на улогата на државата во Отворен Балкан ако се докаже вмешаност на Србија во нападот на косовската полиција на 24 септември. Ден подоцна, пак, премиерот рече дека Владата има непроменет став за Отворен Балкан и оти шефот на дипломатијата кажал партиски став.

За министерот Османи Отворен Балкан бил добронамерна идеја, но најави можност Северна Македонија да се повлече од иницијативата.

„Доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот бидејќи идејата на Отворен Балкан пред сè беше помирување. Ова што се случи во северно Косово со нападот, се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже мислам дека ние треба да го преиспитаме нашето учество“, изјави шефот на дипломатијата во гостувањето во „Топ тема“ на Телма ТВ.

Премиерот Ковачевски, пак, ден потоа на прес-конференција во Шпанија каде учествува на третиот Самит на Европската политичка заедница, рече дека ваквата изјава Османи ја дал како потпретседател на ДУИ, додавајќи дека ако нема мир нема да има ниту Отворен Балкан, ниту Берлински процес.

„Министерот Османи појасни дека својот став го има дадено во својство на потпретседател на политичка партија. Ставот на Владата останува непроменет, дека како држава имаме конструктивна улога и учество во сите регионални иницијативи вклучувајќи го и Отворен Балкан, сè додека тие иницијативи носат конкретни придобивки за граѓаните, државите, економиите, бизнисите на земјите кои се дел од овие иницијативи“, рече Ковачевски.

Несериозна надворешна политика?

Поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски, смета дека не смееме да си дозволиме различни ставови за клучните надворешно-политички приоритети, па и кога се работи за регионални иницијативи.

„Во последните неколку години сме сведоци на повеќе различни ставови во нашата надворешна политика и на неконзистентност, особено кога се работи до ставовите што се формулираат од страна на Владата при што се добива впечаток дека некогаш доминираат партиските, наместо државните интереси. Согласно нашиот политички систем, надворешната политика се спроведува и од Владата и од претседателот на државата, со одредени надлежности и во други институции и секогаш треба да се има предвид дека надворешно политичките прашања треба да бидат резултат не само во овие институции туку и еден консензус кој ќе биде постигнат со останатите политички фактори во државата“, вели Наумовски за Радио Слободна Европа.

Тој нагласува дека е клучно да се остварат заеднички ставови помеѓу највлијателните политички партии и потоа да се изгради конзистентен став кој ќе го имплементираат институциите.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими, пак, смета дека изјавите на Ковачевски и Османи не се спротивни односно се надополнуваат.

„ Нели денеска се одржува средба на Берлинскиот процес, така да има различни форуми и иницијативи кои треба да ја продлабочат регионалната соработка во Западен Балкан што подразбира дека од овие иницијативи нема да може да бегаме туку ќе треба и сериознo да ги преиспитаме интенциите или како се однесуваат нашите соседи спрема таквите иницијативи и своите партнери во таквите иницијативи“, вели Селими.

Во настаните од 24 септември во градот Бањска на северот на Косово, кои беа причина за изјавата на Османи, беше убиен полицискиот наредник Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во нападот врз полицијата загинаа и тројца од напаѓачите, а во рамки на акцијата во регионот беше пронајде арсенал оружја. Властите во Приштина ја обвинија Србија, а официјален Белград негираше вмешаност. Одговорноста за организирање на нападот, пак, ја призна српскиот бизнисмен и политичар Милан Радоичиќ кој беше и потпретседател на Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово поддржана од властите во Белград.

Животот во Бањска, Косово, десет дена подоцна
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:57 0:00

Берлински процес пред Отворен Балкан?

Последниот самит на Отворен Балкан, се одржа пред повеќе од една година во Белград – на 1 и 2 септември 2022 година,.

Деновиве Тирана се подготвува на 16 октомври да биде домаќин на Самитот на лидери на Берлинскиот процес. Денеска (6 октомври) во главниот град на Албанија започна министерски состанок на шефовите на дипломатиите во рамки на Берлинскиот процес. На самитот за десет дена, кој за првпат ќе се одржи надвор од границите на ЕУ, покрај лидерите од регионот, ќе присуствуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Шефот на македoнската дипломатија Османи на состанокот со неговите колеги во Тирана повторно го потенцираше значењето на Берлинскиот процес.

“Берлинскиот процес еволуираше во водечка платформа за регионална соработка која носи голема политичка и економска тежина и служи како движечка сила за регионалната соработка, но и му помага на регионот да ја оствари својата стратешка цел – целосна интеграција во Европската Унија“, рече Османи

Берлинскиот процес датира од 2014 кога започна како иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Неговата цел е да го поврзе Западен Балкан со Европската Унија и да им помогне на балканските земји да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Фокусот на овој процес е формирање заеднички регионален пазар со околу 18 милиони луѓе. Самитите во рамки на Берлинскиот процес се одржуваат еднаш годишно.

Отворен Балкан, пак, беше формиран од Северна Македонија, Србија и Албанија, чии власти го презентираа дека е во согласност со Берлинскиот процес. По последниот самит лани, лидерите на трите земји од иницијативата – српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, во рамки на иницијативата сите заедно се сретнаа само еднаш – на Саемот за вино „Винитали“ во Верона, каде трите држави се претставија со заеднички штанд. Во меѓувреме, владини претставници имаа неколку средби, а меѓу последните активности беше воведувањето на заедничкиот систем за наплата на патарини во Северна Македонија и Србија, во јули 2023 година.

Ковачевски имаше одделни средби со Вучиќ и Рама, а при последното доаѓање на албанскиот премиер во Скопје, во јули 2023 година, беше испратена порака дека Берлинскиот процес е поважен од Отворен Балкан.

„Прашањето дали е жива иницијативата Отворен Балкан не е прашање на живот или смрт, но тоа е само една од 72 иницијативи која сега треба да се остави малку настрана за да се фокусираме на Берлинскиот процес“, рече Рама на 6 јули во Скопје.

Ковачевски тогаш децидно тврдеше дека приказната со Отворен Балкан не е завршена и не е во спротивност со Берлинскиот процес.

„Отворен Балкан не ја заврши својата мисија, со оглед на тоа што таа иницијатива се залага за истите вредности за кои се залага Берлинскиот процес, како поголем процес кој ги вклучува сите без исклучок“ истакна Ковачевски.

Филипов: Важно е да се почитуваат принципите

Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов, смета дека последните случувања не треба да влијаат на односите на Северна Македонија со Србија и Косово. Тој смета дека Отворен Балкан е подмножество односно резултат на Берлински процес.

„Во него се повикува на поголема соработка на земјите од Западен Балкан, како подготовка, тренинг за нивно членство во ЕУ и оттаму дали ќе постои како ентитет или не и не е толку важно, колку што е важно да се почитуваат принципите договорени во него“, вели Филипов за Радио Слободна Европа.

Според него, претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и членството во НАТО нудат можности двете организации да посветат поголемо внимание на мирот на Балканот и државата да заземеме став согласно нивниот и да го почитува.

Првите активности за формирање на Отворен Балкан, првично наречен Мини Шенген, започнаа во октомври 2019 година, а како основачи беа Северна Македонија, Србија и Албанија, додека останатите три држави од Западен Балкан – Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина одбија да се приклучат. Иницијативата беше претставена како засилувач на регионалната соработка и поврзаноста кога станува збор за слободното движење на луѓето, капиталот, стоките и услугите. Првите официјални документи за регионална соработка беа потпишани во јули 2021 од страна на Вучиќ, Рама и тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG