Прашањето дали е жива иницијативата Отворен Балкан не е прашање на живот или смрт, но тоа е само една од 72 иницијативи која сега треба да се остави малку настрана за да се фокусираме на Берлинскиот процес. Ова го изјави на 6 јули албанскиот премиер Еди Рама при неговата посета на Скопје како дел од турнејата низ регионот во пресрет на Самитот во Тирана за Берлинскиот процес наесен.
„Ако сакате да ви обзнанам вест за смртта, тоа го немам и нема да го направам. Животот е убав затоа што секој може да си ја пее својата песна во слобода и демократија. Секој може од вас може да си одбере да си ја пее својата песна, кој очекува дека Отворен Балкан потфрлил, нека си ја отпее таа песна за крај на Отворен Балкан, кој го поддржува нека продолжи да ја пее песната за понатамошниот живот на Отворен Балкан“, одговори Рама на прашањето дали оваа иницијатива е се уште жива.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, пак децидно тврди дека приказната со Отворен Балкан не е завршена и не е во спротивност со Берлинскиот процес.
„Отворен Балкан не ја заврши својата мисија, со оглед на тоа што таа иницијатива се залага за истите вредности за кои се залага Берлинскиот процес, како поголем процес кој ги вклучува сите без исклучок“ истакна Ковачевски.
Ковачевски вели дека резултатите од оваа иницијатива се видливи и тие кои што не се приклучиле кон неа, не успеале да ги унапредат односите и економската соработка во регионот како овие три земји.
Рама: Иницијативата Отворен Балкан „си ја заврши мисијата“
Прашањето за тоа дали оваа иницијатива е жива или не се наметна по изјавата на Рама на 1 јули во интервју за Еуроњуз Албанија, каде што тој посочи дека „Отворен Балкан“ си ја заврши својата основна мисија.
На ова српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека „не може да верува оти Рама рекол такво нешто“. Албанскиот премиер и Вучиќ утре во Белград веројатно ќе ја расчистат оваа дилема.
Иницијативата, која првично беше наречена Мини Шенген а потоа преименувана во „Отворен Балкан“, беше покрената на 10 октомври 2019 година во Нови Сад, и потпишана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и тогашниот премиер на Северна Македонија. , Зоран Заев. Но, таа во тој период беше одбиена од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Илјада пати да се вратам назад, илјада пати ќе бидам основач на Отворен Балкан“, рече Рама и нагласи дека нема ништо лошо во таа иницијатива и дека од неа има само придобивки.
Ковачевски вели дека резултатите од оваа иницијатива се видливи и тие кои што не се приклучиле кон неа, не успеале да ги унапредат односите и економската соработка во регионот како овие три земји. Тој додаде дека една од главните теми на денешната средба со Рама била подготовката за Самитот во Тирана за Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 16 октомври.
Што е Берлинскиот процес?
Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива чија цел е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Основана е во 2014 година на иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
Таа служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјалните претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, а фокусот е создавање на заеднички регионален пазар, со околу 18 милиони луѓе.
Самитот на Берлинскиот процес се одржува еднаш годишно, а последниот се одржа во ноември 2022 година во Берлин. Тогаш сите земји од Западен Балкан на самитот потпишаа идентични договори и се обврзаа да ги ратификуваат.
Според Рама, сите земји од Западен Балкан треба, како што вели „ со срце“ да се поддржи Берлинскиот процес како што покажа и „Отворен Балкан“ дека кога земјите се сплотени ќе донесат поголеми резултати.
„ Берлинскиот процес е мост, чии столбови треба да се зајакнат, за ние да се фокусираме на тој мост, да не се дефокусираме од други струи и ветрови, од Отворен Балкан или други нешта, туку само да се фокусираме на тој процес“, истакна Рама.
Тој додаде дека овој процес е клучен за спроведува на Планот за финансирање од ЕУ, и за него ќе се дискутира на неформален состанок со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во Тирана на кој ќе присуствуваат, како што вели, пријатели од ЕУ.
Рама се надева дека Курти ќе му отвори врата
По Скопје, Рама заминува за Приштина каде што засега е потврдено дека ќе се сретне само со претседателката на Косово Вјоса Османи, откако премиерот Албин Курти одби средба со него.
„Се надевам дека кога ќе отидам во Косово, дека Албин не заборавил на канонот, дека кој било да ти дојде дома, треба да му отвориш врата и забрането е да избркате“ вели Рама.
Потоа Рама ќе го посети и Сараево каде што ќе има средба со претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто. Балканската турнеја албанскиот премиер ќе ја заокружи со посети на Подгорица и Белград и средби со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Инаку албанскиот премиер Еди Рама кажа дека за време на посетата на Скопје ниту имал намера ниту побарал средба со лидерот на опозициската Беса, Билал Касами, кој објави дека одбива средба со Рама.