Кинеска компанија која поседува фабрика за производство во Калифорнија испрати стотици пратки со ограничена електроника за двојна употреба во Русија по инвазијата на Кремљ на Украина, вклучително и до санкционирани компании кои имаат врски со руската војска.
Според јавната база на податоци што ја води украинската војска, најмалку една компонента произведена од компанијата, Yangzhou Yangjie Electronic Technology Company Limited, е пронајдена во рускиот систем за наведување на оружје, која украинската војска ја заплени на бојното поле.
Според царинските записи добиени од C4ADS, непрофитна организација со седиште во Вашингтон за анализа на податоци и глобално-истражувачка организација, компанијата Yangjie Technology, лоцирана во провинцијата Јангжу северозападно од Шангај, испратила повеќе од 200 пратки на специфични стоки во Русија од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година.
Наведената содржина на тие пратки (вкупно најмалку 238) вклучува електронски компоненти во повеќе од 150 пратки, категоризирани како „високо приоритетни“ од Соединетите Држави поради нивната потенцијална употреба во руските системи за оружје, покажуваат податоците добиени од C4ADS до кои имаше увид Радио Слободна Европа.
Најмалку 17 вакви пратки биле испратени до руска електронска компанија погодена од американските санкции, покажуваат царинските записи.
Наодите дополнително ја истакнуваат тешкотијата што ја имаат западните земји во обидот да го задушат пристапот на руската војска до западната технологија за употреба во нејзиното оружје и операции додека нејзината војна против Украина продолжува.
Односите на Кина со Москва се продлабочија во текот на војната, и стратешки и економски, додека Пекинг, исто така, имаше за цел да го ограничи ударот од Западот, особено САД, нивниот најголем трговски партнер.
Вашингтон и Европската Унија санкционираа некои кинески компании за обезбедување на технологии со двојна употреба кои им помагаат на руските сили на бојното поле. По неколкумесечни притисоци, Кина во октомври објави нови регулативи за контрола на извозот кои имаат за цел да ги ограничат испораките на стоки со двојна употреба во Русија.
Сепак, западните власти велат дека протокот на стоки од Кина одигра значајна улога во зајакнувањето на Русија на бојното поле во Украина.
Предметите испорачани од Yangjie Technology, според царинската евиденција, вклучуваат одредени типови на диоди, како и специфични транзистори - електронски уред кој ги засилува или менува електричните струи.
Украинската војска открила најмалку една диода произведена од Yangjie Technology од модул што се користи во рускиот систем за оружје познат како UMPK, според украинската база на податоци за компоненти произведени од странство во руските системи за оружје. UMPK се користи за да обезбеди водена, навигациска способност за бомби фрлени од воздух - познати како лизгачки бомби - кои Русија ги распореди со разурнувачки ефект во Украина.
Yangjie Technology, исто така, испратила најмалку 173 пратки со „висок приоритет“ технологија за двојна употреба до руската компанија Simmetron Electronic Components.
Симетрон беше погоден со санкции на САД во мај 2023 година, како дел од широката серија мерки кои имаат за цел „да го намалат капацитетот на Руската Федерација да води војна против Украина“.
Најмалку три од тие пратки биле испратени до Симетрон во август-септември 2023 година, покажуваат царинските записи.
Ниту Yangjie Technology, ниту Simmetron Electronic Components не одговорија на барањето на РСЕ за коментар.
Калифорниски врски
Голем кинески производител на електроника и полупроводници, Yangjie котира на берзата во Шангај од 2014 година. Минатата година, меѓународните акции на компанијата - Global Depository Receipts - почнаа да се тргуваат на швајцарската берза.
Како дел од договорот, компанијата го назначи американскиот гигант за финансиски услуги Ситибанк да биде депозитна банка, која ќе служи како посредник за трговците кои купуваат и продаваат меѓународни акции.
Ситигруп одби да коментира за знаењето или свесноста на компанијата за можни прекршувања на санкциите.
„Cити е посветена на водење бизнис со клиентите во согласност со важечките закони и прописи на јурисдикциите во кои работиме. Имаме контроли, политики и процеси за да го следиме почитувањето на овие обврски, вклучително и санкциите“, вели портпаролката на компанијата во писмениот одговор за РСЕ.
Во 2015 година, Yangjie склучи договор за купување на полупроводничка компанија со седиште во САД наречена Micro Commercial Components, која вели дека произведува „висок квалитет на дискретни полупроводници“, од кои некои може да се користат во воената технологија. Со седиште во долината Сими, Калифорнија, Микро работи со неколку истражувачки капацитети во Јапонија,Кина и Тајван.
Во електронската пошта до РСЕ, Micro Commerical Components соопшти дека е во согласност со сите санкции и упатства на САД. Компанијата испрати копија од нејзините политики за усогласеност со извозот, која гласи: „Купувачот мора целосно да ги почитува сите важечки закони и прописи во врска со купувањето, продажбата, испораката, извозот, реекспортот, трансферот или употребата на производите“.
Руската компанија наречена VM Components, која работи под името Платан и се опишува себеси како водечки снабдувач на електронски компоненти во Русија, добила повеќе од триесетина пратки и од Yangjie, покажуваат царинските записи.
VM Components е дел од мрежата на компании кои тесно соработуваат со друга санкционирана компанија, JSC Roselektronika, и руски ентитет во сопственост на Федералната служба за безбедност, главната руска домашна безбедносна агенција, откриваат записите прегледани од РСЕ и C4ADS. Ентитетот е пошироко познат како Институт за криминалистика на ФСБ, или според неговиот воен код, 34435.
Заедничката истрага од декември 2020 година на Bellingcat, The Insider, CNN и Der Spiegel покажа дека офицерите на руската служба за безбедност поврзани со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални во август истата година работеле под таа воена единица.
Навални почина во руски затвор под неразјаснети околности во февруари 2024 година.
Од царинската евиденција не е јасно дали Институтот за криминалистика на ФСБ примил специфични предмети што биле испратени од кинеската фирма Yangjie.
Компанијата VM Components не одговори на писменото барање за коментар.
Во соработка со Риин Аљас од РСЕ