Во ист ден кога е пуштено промотивно видео и фотографии за тоа како ќе изгледа изградбата на нов урбан комплекс кој треба да никне на местото на поранешната фабрика Треска, Уставниот суд отвори предмет за Деталниот урбанистички пан Буњаковец 2 во кој влегува токму ова земјиште со вкупно 15 парцели. Едни од подносителите се и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар„ кои изминативе години се спротивставуваа на планот за градење на зградите кај фабриката Треска, кои екс градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ ги нарече „наполитанки“.
Во иницијативата до Уставен, поднесена од адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива Шанса за Центар стои дека ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со генералниот урбанистички план.
„Во наводите на иницијативата се вели дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од законот за просторно и урбанистичко планирање“, се вели во иницијативата поднесена до Уставен.
Првиот сигнал дека наскоро може да почне изградба на планираниот урбан комплекс згради во кругот на „Треска“ за овие актитивисти беше пожарот кој избувна во април минатата година. Иако надлежните во Општина Центар и МВР објавија дека пожарот е подметнат, сепак немаше разрешница и конкретен виновник.
Веднаш по пожарот, се расчисти целиот објект како и опасниот отпад од некогашната фабрика Треска. Теренот е расчистен, а една година потоа, или денеска објавено е видеото со визуелизација на идниот урбан комплекс.
Антикорупциската комисија во повеќе наврати алармираше дека на локацијата на поранешната фабрика „Треска“ не смеат да започнат градежни работи, дека не завршат постапките кои што се водат во Јавното обвинителство.
Станува збор за простор во центарот на главниот град кој последниве години е во фокусот на интерес на јавноста , токму поради битката што да се гради на оваа атрактивна локација.
Шанса за Центар: Само судот може да ја врати законитоста во планирањето
Од граѓанската иницијатива Шанса за Центар задоволни се од одлуката на Уставен суд да се оформи предмет за најавената градежна „офанзива“ кај Треска.
„Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на Судот имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, се вели во реакцијата на Шанса за Центар.
Издадена една градежна дозвола, има ли нови барања?
На земјиштето на поранешната фабрика „Треска“ има 15 парцели. Како сопственици се јавуваат и три градежни фирми, Ремис од Охрид, Голден Арт и Мега акустик од Скопје.
Според податоците од Централниот регистар, сопственици на фирмата Ремис Охрид ДОО се Виктор Илоски и Предраг Виќентијевиќ и ИН-ПУМА Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ДООЕЛ Скопје, а управител Божо Илоски. Токму Предраг Виќентијевиќ, според катастарските податоци, е сопственик на парцели на поранешниот имот на Треска, добиени со денационализација која ја извршила државата. Биснизменот Виктор Илоски во јавноста е познат како еден од сопствениците на познатиот хотел Инекс Олгица, но и како градежен инвеститор во Охрид. Неговото име се јавува и како овластено лице во ИН-ПУМА Институт за урбанизам чие седиште се наоѓа на Булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов број 130, адреса која е на влезот на поранешна „Треска“.
Денеска од Општина Центар за Радио Слободна Европа одговорија дека „до моментов нема пристигнато барање за дозвола за градење од гореспоменатите правно лице Ремис и физичките лица Божо Илоски и Предраг Викентијевиќ“.
На прашањето дали е променета планската куќа ИН-Пума Институт за урбанизам, сообраќај и екологија која што го правеше ДУП-от за Треска, од Општина Центар само кусо велат “Во моментов нема активна постапка за изработка на нов детален урбанистички план“.
Градежниците бараат да градат на локацијата на Треска според актуелниот Детален урбанистички план донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ го критикуваше планот како лош и нехуман, а зградите што треба да никнат ги нарекуваше наполитанки. Општина Центар има градоначалник од СДСМ или коалицијата трет мандат по ред, но не успеа да го смени планот. Во 2013 година за градоначалник беше избран Андреј Жерновски од ЛДП, кој сега е дел од СДСМ, по него беше Саша Богдановиќ од СДСМ, а од пред две години градоначалник е Горан Герасимовски од СДСМ.
Герасимовски вели дека се во преговори со Град Скопје да се донесе нов ДУП само за делот на фабриката Треска, но таа постапка може да трае со години. Дотогаш, градежниците ќе добијат градежни дозволи според сегашниот план.