Достапни линкови

Само половина од над 18 илјади домаќинства би требало да ги добијат ветените субвенции за инвертери


Илустрација
Илустрација

Граѓани кои аплицираа уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат информација до каде е процедурата за доделување на ваучерите за кои претходната Влада определи буџет од 4,1 милиони евра. Ќе се доделат 8.000 ваучери, но сега преку новото Министерство за енергетика

Граѓаните ќе добијат ваучери за клими инвертери, ама не се знае кога, иако документи за оваа мерка поднесуваа уште во февруари, а крајниот рок да ги вградат климите е 30 ноември. За овие ваучери, за кои претходната Влада на Министерството за економија му определи буџет од 4,1 милиони евра, има рекордни 18.805 барања, два пати повеќе од бројот на ваучери што ќе се доделат.

Граѓани кои аплицираа уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат никаква информација до каде е процедурата за доделување на инвертерите.

„Кога бев да поднесувам барање, имаше гужва, редица од стотина луѓе, дворот на Министерството за економија не ги собираше. Заверував документи на нотар, а потоа чекав со часови за да ги оставам во архива. Тоа беше зимоска. Пак доаѓа зима, се надевав дека ќе добијам инвертер за да не користам печка. Ние се грееме на дрва, парно немаме. Чекајќи клима, не купив дрва, а на крај можеби и без греење ќе останам“, вели жител на Делчево.

Мерката ја промовираше претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, а целта беше да се поттикнат граѓаните да спроведуваат енергетска ефикасност во домаќинствата. Важеше за територијата на цела држава, па конкурираа и граѓани од градовите од внатрешноста. Огласот беше затворен за само четири дена, поради големиот интерес.

Вредноста на ваучерите е по 25.000 денари по домаќинство за општините во пелагонискиот (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), и по 23.000 денари за општините во скопскиот, источниот, југоисточниот, североисточниот, вардарскиот и полошкиот регион.

Наместо преку економија, ваучерите ќе одат преку новото Министерство за енергетика

Според информациите на Радио Слободна Европа(РСЕ), застојот, делумно е поради изборите што во Северна Македонија се одржаа во април и во мај, а делумно и поради реорганизацијата на министерствата во новата Влада.

Сега, наместо Министерството за економија каде граѓаните поднесуваа барања, ваучерите ќе ги доделува новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, потврди министерот за економија и за труд, Бесар Дурмиши.

„Со реорганизацијата на владата, сите ингеренции за енергетика и за минерални суровини што ги имавме ние, поминаа во новото министерство. И средствата се кај новото министерство“, рече Дурмиши.

Од Министерството за енергетика велат дека наскоро ќе започнат да ги доделуваат ваучерите за барателите кои ги исполнуваат критериумите од огласот.

„Распределбата ќе почне веднаш откако ќе заврши проверката на апликантите низ соодветните институции вклучени во процесот. Обезбедени се финансиски средства за околу 8.000 ваучери за инвертер клими“, велат од Министерството за енергетика за РСЕ.

Огласот се однесуваше на ранливи потрошувачи (на кој аплицирале 4.305 граѓани) и на граѓаните кои не спаѓаат во ранлива категорија (од нив има 14.500 барања).

Право на учество имаа домаќинствата кои во минатите три години не користеле субвенции за инвертри или печки на пелети и немаат приклучок на централно градско греење.

Во исто време, имаше и повик за да се пријавуваат фирми кои продаваат инвертери. И списокот на фирми во кои можат да се искористат ваучерите треба допрва да биде објавен.

Субвенциите за инвертери, дел од битката против загадувањето на воздухот

Додека домашното производство на струја со години се намалува, а цената на струјата од увоз вртоглаво порасна, државата со години ги стимулира граѓаните да го напуштат греењето на дрва и да почнат да се греат на струја.

Пред неколку години беше почнат проектот за субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.

Дали субвенциите за инвертери го дадоа посакуваниот ефект? Професорот Константин Димитров, експерт за енергетика, вели дека генерално, со употребата на се повеќе инвертери, се подобрува состојбата со начинот на кој граѓаните се греат во зима, иако се уште има проблем со локалното загадување.

„Веќе има насока дека се менуваат состојбите, ефект има, но не е доволен. Инвертерите се еден од најдобрите енергетски ресурси, трошат три пати помалку струја од термо-акумулационите печки или обичните греалки, а од друга страна се намалува локалното загадување со замената на печките на дрва. Мудро решение, во комбинација со употребата на инвертери, е државата на секое домаќинство да му дозволи да постави сончеви колектори на покривите, со топлинска пумпа, се понудат субвенции за граѓаните, кои се подготвени да инвестираат во сончеви колектори и до 30 отсто од инвестицијата“, вели Димитров.

Во изминатите години, субвенции за промена на начинот на греење имаше преку Министерството за економија, но и преку општините. Први општини кои доделуваа субвенции беа Скопје, Тетово и Битола, како најзагадени.

XS
SM
MD
LG