Октомври е месец на штедењето. Граѓаните може да штедат во банки, штедилници, да купат акции, хартии од вредност, осигурителни полиси, а од годинава може да штедат и кај државата. Владата оваа година промовираше нови инструменти – граѓанска и зелена обврзница.
Аукцијата за првиот дел од граѓанската се одржа во јули, а месецов се очекува и втората емисија, велат од Министерството за финансии.
Зелената обврзница, пак, беше издадена на почетокот на месецот. И за едната и за другата имаше голем интерес. Државата иако планираше кај граѓаните да се задолжи со 10 милиони евра, се задолжи со 23 милиони евра. Граѓанска обврзница купиле 1283 граѓани.
Во просек тоа се по 110 обврзници по купувач. Една обврзница чинеше 10 илјади денари или нешто повеќе од 160 евра. Еден граѓанин можеше да купи најмалку една обврзница, а горен лимит нема. Обврзницата е двегодишна, со камата од пет отсто годишно.
На пример ако сте купиле граѓанска обврзница од 10 илјади денари, за две години ќе имате уште 1000 денари плус од камата.
Доколку, пак, тие пари се орочени во банка на две години, граѓаните ќе добијат помалку пари.
Каматните стапки на орочени денарски депозити на 24 месеци во македонските банки се движат од 2,3 до 3,7 отсто. Тоа значи дека за орочени 10 илјади денари, за две години ќе добиете меѓу 460 и 740 денари камата.
Парите од оваа обврзница се за веќе планирани развојни проекти, а целта е и да се намали сивата економија, односно парите што граѓаните ги чуваат „под перница“ да влезат во системот.
Интересот за зелената обврзница трипати поголем од планираното
Освен што се задолжи кај граѓаните, државата се задолжи и кај фирмите и тоа со зелена обврзница.
Иако интересот бил за трипати поголем од планираното, државата остана на предвиденото да се запишат обврзници од 10 милиони евра. За ова обврзница се интересирале банки, финансиски институции, но и граѓани. Каматата за оваа обврзница е нешто помала од каматата за граѓанската и изнесува 4,75 отсто.
Парите од зелената обврзница одат во Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, од каде компаниите ќе може да добијат поддршка за своите инвестициски проекти по поволни услови. Државата веќе испланирала на што ќе ги троши, односно тие се влезени во Буџетот за годинава, и ќе се искористат за зелени проекти, велат од Министерството за финансии за Радио Слободна Европа. И за оваа обврзница минимумот е една од 10 илјади денари, а колку максимум може да се купат не е предвидено.
Граѓаните во банка чуваат пари колку еден државен Буџет
Граѓаните во земјава се штедливи. Во банките тие чуваат над 5 милијарди евра, колку што изнесува целиот државен Буџет. Еден месец по издавањето на граѓанската обврзница, се забележа и пад на граѓанските депозити, и тоа на оние во денари, па во август граѓаните на сметките имале 5,39 милијарди евра, а еден месец претходно 5,45 милијарди евра. Но во споредба со истиот период лани депозитите на граѓаните имаат раст од 7 отсто.
Купувањето е лесно, има ли механизма за спречување перење пари?
Процедурите за купување на обврзница е едноставна, тоа може да се стори во банките, со пари на сметка или во готовина. Тоа што нема ограничување колку обврзници може да купите го отвора прашањето дали на тој начин може да се „перат“ пари?
Министерот за финансии Фатмир Бесими уште во јули ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека на овој начин ќе може да се „исперат“ нелегално стекнатите пари.
„Тие што имаат намера да вршат перење на пари користат други канали за тоа, државните институции се свесни и плус тие што имаат големи износи на пари, милионски суми, гледаат други бизниси, тие се спремни да прифатат поголем ризик и бизниси каде имаат поврат на капиталот повисок од 5 отсто“, вели министерот за финансии.
Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје вели дека веројатноста дека ќе има опција за перење пари е многу мал со оглед правилата кои им ги наметнува за работа на банките Народната Банка. Но, додава дека сепак потребно е да се внимава во однос на процедурата на кој начин се купуваат тие обврзници.
„Се очекува дека ќе се намали неформалната економија, дека парите од под перница ќе се извададат, но колку се тие средства. Таа сума не може да биде екстремно висока. Ако вие можете неколку милиони да вложите од под перница, се јавуваат сомнежи од каде се тие пари, кое е потекло на тие средства. Во секоја развиена држава тоа се следи особено внимателно“, вели Треновски во интервју за Радио Слободна Европа, што ќе го објавиме в недела.
Тој додава дека државата треба дополнително да обрати посебно внимание и на неколку критичните точки околу обврзниците. Деталите слушнете ги во аудиото.
Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам им наложува на банките да ги анализираат клиентите и трансакциите и доколку нешто им е сомнително да ја известат Управата за финансиско разузнавање. Односно, тие следат дали активностите и трансакциите на клиентот соодветствуваат со неговата финансиската состојба и неговите извори на финансирање.
„Народна банка, согласно своите законски надлежности, врши супервизија над банките и штедилниците. Супервизијата е и теренска и вонтеренска и преку тоа се оценува сигурноста, стабилноста и ризичноста на банките“, одговорија од Народна банка на прашањата на РСЕ.
Доколку Банката се посомнева дека има перење пари и/или финансирање на тероризам, ја известува Управата, но и други надлежни институции, во зависност од наодите, велат од Народна банка.
Законот за спречување перење пари предвидува банките да извршат анализа на клиентот тогаш кога склучуваат деловен однос со него и да ја известат Управата за секоја трансакција од 15 илјади евра или повеќе, без оглед дали трансакцијата се извршува како една операција или неколку операции кои се меѓусебно очигледно поврзани.