Достапни линкови

ЕУ е загрижена, но главно молчи за студентските протести во Србија


Протести во Србија (илустрација)
Протести во Србија (илустрација)

Европската Унија никогаш не се изјасни дали ги поддржува барањата на српските студенти кои протестираат веќе трет месец, барајќи одговорност за смртта на 15 лица по уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Претставниците на ЕУ се огласија дури по бројните прашања на новинарите за ситуацијата во Србија, а реакциите најмногу се однесуваат на демократското право на протест или потребата да се дозволи непречена работа на новинарите и граѓанските активисти.

За конкретните барања, новинарите никогаш не добија конкретен одговор.

Портпаролот на Европската комисија за проширување, Гијом Мерсие, во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) истакна дека се загрижени за инцидентите против демонстрантите и оти очекуваат брза истрага од српските власти. Тој ги потсети властите во Белград дека имаат обврска да ги заштитат учесниците на митинзите од повреди или насилство.

„Граѓанското учество игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество, вклучително и промовирање на транспарентност и отчетност. Тоа се вредности кои ја поткрепуваат Европската Унија и кои Европската Унија очекува од сите земји кандидати да бидат прифатени“, рече портпаролот на Европската комисија, Мерсие.

Тој ги охрабри сите релевантни актери во Србија да ја решат ситуацијата преку дијалог и да се воздржат од ескалација на тензиите.

„Сите политички актери треба да се вклучат конструктивно во меѓупартискиот политички дијалог. Ова ќе овозможи вниманието и енергијата да се пренасочат кон завршување на реформите во клучните области на владеењето на правото и основните права и усогласувањето со правото на ЕУ со цел да се забрза процесот на пристапување на Србија во интерес на српскиот народ“, изјави Мерсие за РСЕ.

Во последните недели единствената јасна и остра реакција од ЕУ беше поврзана со протерувањето на група граѓански активисти на 22 јануари, кои беа во Белград како учесници на меѓународна конференција. Но, и во оваа прилика европските претставници ги заобиколија барањата на студентите.

Европратениците – поотворени за кризата во Србија

За разлика од Европската Унија, каде што за секој официјален став е потребна согласност од 27 главни градови на земјите-членки, членовите на Европскиот парламент (ЕП) имаат поголема слобода да ги изразат своите ставови, кои генерално ги претставуваат ставовите на политичките групи што ги претставуваат во оваа институција.

Српските студенти ја завршија 24-часовна блокада на Белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

Втората по големина политичка група во Европскиот парламент, европските социјалдемократи, отворено изразија солидарност со барањата на студентите.

„Групата цврсто го поддржува правото на народот да протестира и силно ги осудува сите акти на заплашување, насилство врз демонстрантите и угнетување на странски државјани“, се вели во соопштението на социјалистите и демократите, втората по големина група во Европскиот парламент.

Сепак, најголемата група во Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП), каде што е придружна членка Српската напредна партија (СНС) на српскиот премиер во заминување Милош Вучевиќ, има „млак“ став кога станува збор за кризата во Србија.

„Студентите и граѓаните на Србија имаат право на мирни демонстрации. Властите во Белград мора да ја слушнат и препознаат пораката на граѓаните и во таа насока да отворат транспарентен, инклузивен и конструктивен процес на дијалог со сите политички и општествени чинители во земјата. Исто така, важно е да се нагласи дека на Србија не и треба радикализација, туку дијалог, мир и посветена работа во европските реформи“, рече Давор Иво Штиер, европратеник од Европската народна партија, во изјава за РСЕ.

Како што ни беше кажано, оваа изјава била координирана со сите одговорним, како во клубот на ЕПП, така и во партијата.

Европската Зелена група во Европскиот парламент е со став дека Србија е во длабока криза и дека земјата е на пресврт.

„Корупцијата убива!“ не е само протестен слоган, туку силен крик за помош бидејќи владејачката СНС целосно ги зароби полицијата, судството и медиумите - институции кои треба да ја чуваат демократијата, но наместо тоа ги попречуваат независните истраги“, рече европратеникот на Зелените, Владимир Пребилич од Словенија.

Протестите, рече тој, во бројки ретко видени во историјата на Србија, според Пребилиќ, претставуваат „повик за правда и нормалност во земја опустошена од неконтролирана корупција, медиумски ограничувања и репресија на противниците“.

Тој повика на итно исполнување на сите студентски барања.

„Ја повикуваме и Европската комисија да ја препознае сериозноста на оваа криза и да го условува нејзиниот ангажман со српските власти со вистинската одговорност на нивните службеници“, порача Пребилич.

Пицула: Падот на власта – последица на зголемениот притисок од домашната јавност

Студентите и граѓаните на Србија бараат утврдување политичка и кривична одговорност за смртта на 15 лица и тешките повреди на двајца, додека против 13 лица се води постапка за уривање на настрешница.

Два масовни собири се одржаа и во Белград – кај Славија на 22 декември и 24-часовна блокада на Автокоманда на 27 јануари.

Речиси три месеци по трагедијата, премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ поднесоа оставки. На оставките им претходеше напад врз група студенти во Нови Сад.

Од Европската Комисија не ја коментираат оставката на премиерот, оценувајќи дека тоа е внатрешно политичко прашање во Србија.

Тонино Пицула, европски претставник и известувач за Србија во Европскиот парламент, во изјава за РСЕ смета дека падот на српската влада е резултат на притисокот од самите граѓани на земјата.

„Падот на српската влада што се случи денеска е пред се последица на зголемениот притисок врз режимот на Александар Вучиќ од спонтано мобилизираната домашна јавност предводена од студенти, а не некоја „невидлива рака“ на разни центри на моќ од странство, како што премиерот нашиша во својата оставка“, изјави Пицула.

Освен тоа, тој смета дека некои од највлијателните политичари од земјите-членки на ЕУ, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лајен, отворено го поддржале српскиот претседател Вучиќ.

„Претседателите и канцеларите му понудија на Вучиќ договори за купување на борбени авиони, изградба на нуклеарни централи или партнерства во експлоатација на литиум. Се разбира, со колатерална поддршка „на европскиот пат“. И сето ова за режим кој покажува отворен презир кон европските вредности, но не и кон европските средства. Отпорот на таквиот „прагматичен“ третман од страна на Белград, кој не успева да воведе санкции кон Русија или да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика, сепак се почувствува на крајот на минатата година кога , благодарение на отфрлањето на десетина земји-членки, Србија остана без отворање на преговарачки кластер“, вели Пицула.

Известувачот за Србија во Европскиот парламент додава дека оваа институција секогаш изразувала интерес за патот на Србија кон ЕУ, како и подготвеност да и помогне на земјата на тој пат.

„Останува да се види што ќе преовладува во блиска иднина- дали политичката и финансиската поддршка за автократијата ќе остане непроменета дури и по евидентниот колапс на сегашниот модел на владеење со Србија или ќе преовлада инсистирањето на стандардите на либералната демократија, без кои нема напредок во преговорите, особено за членството во ЕУ“, заклучува Пицула.

XS
SM
MD
LG