Македонски студенти се солидаризираат со српските колеги кои последниов месец протестираат низ Србија, по падот на бетонска настрешница на 1 ноември во Нови Сад, кога загинаа петнаесет лица, а две беа повредени.
Симболичен протест во знак на поддршка на студентските протести во Србија пред српската амбасада во Скопје на 30 декември одржаа членовите на Здружението за едукативен развој Еквалис.
„Сакаме да допреме до сите студенти и студентски здруженија, како и пошироката публика и да им порачаме дека навистина заедно сме посилни и дека навистина заедно можеме сѐ“, вели студентката Сара Николовска која беше дел од собирот.
Ние делиме многу блиска реалност со протестите во Србија, порача Ангел Димитриевски, програмски координатор во Еквалис.
„Сметаме дека Македонија како земја којашто додека растела демократски, има ваква историја на организирање, потребно е да дадеме поддршка на земја којашто многу блиску до нас се соочува со овој реален проблем“, вели Димитриевски.
Тој најави дека здружението ќе се потруди да даде поддршка и преку други форми на отпор и се надевал дека и покрај празниците на денешниот протест ќе дојдат повеќе студенти.
Студентски пленум како пример
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС НА УКИМ) на социјалните мрежи, на 13 декември објави Писмо за поддршка од УСС-УКИМ до колегите од Србија.
„Преку примерот на Студентскиот пленум, сведоци бевме и сме на моќта на студентското тело, кое не само што го обликуваше студентското организирање, туку одигра клучна улога во општественото функционирање на Македонијa“, стои во писмото на поддршка од Универзитетското собрание на најголемиот универзитет во Северна Македонија.
Студентскиот пленум како движење кое почна кон крајот на 2014 година беше иницијатива за одбрана на студентските права.
Почна по владините најави за воведување на екстерно тестирање, кое подоцна беше преименувано во државен испит.
Тогаш, студентите прогласија автономна зона, поставуваа шатори и преноќуваа во факултетите, порачувајќи дека нема да си одат додека не им се исполнат барањата.
Се бараше комплетно нов закон за високо образование во чие изготвување ќе учествуваат и во кој нема да има државен испит.
Македонските студенти тогаш добија поддршка од српските колеги кои повикуваа на протест пред македонската амбасада во Белград, велејќи дека сакаат да покажат оти меѓу српските студенти, македонските, имаат искрени соборци.
Според Константин Битраков, сега асистент на Институт за правно-политички науки на УКИМ, а некогаш дел од Студентскиот пленум, „поуката за секоја владејачка коалиција е – слушајте го гласот на младите и студентите, бидејќи тие се оние кои се иднината на државата“.
„Се покажа дека солидарноста на студентите, кои се огледало на надежта и бунтовноста, може да доведе до тектонски промени во една држава. Со други зборови, во времиња кога власта не беше транспарентна и одлуките се носеа во суштина во неинклузивен процес, тогашните студенти решија дека тоа за нив е неприфатливо“, вели Битраков за Радио Слободна Европа.
Многу кратко ни трае сеќавањето во однос на тоа колку беа екстремни мерките што се носеа и каква атмосфера на моќ и заплашеност владееше во државата пред десет години, смета професорката на Филолошкиот факултет при УКИМ, Румена Бужаровска.
„Имено затоа и студентите тогаш се кренаа на бунт. Имаше и директна врска со нивното образование. Така што мене не ме изненадува дека студентите се покренаа тогаш. Многу луѓе цинично велат па што не се покренат сега. Мислам дека студентите се борат за своите права, од тоа што го гледам и кај нас од студентските организации. Не мислам дека тие не се свесни за тоа што им се случува. Меѓутоа нема потреба за едно такво големо движење како што беше тогаш и да се надеваме дека нема да има“, вели професорката Бужаровска.
Според неа,студентите ќе го кренат својот глас секогаш кога ќе биде потребно.
И кај оние со кои е опкружен асистентот Битраков, тој гледа подготвеност за промени. Верува дека денешните студенти ќе ја донесат држават поблиску до идеалот „правото да биде рефлексија на правдата“.
„Има жар за промени кај денешните студенти. Има и квалитетни идеи. Она што останува е институциите и креаторите на политики да ги слушнат тие идеи и да го искористат тој потенцијал“, вели Битраков.
Регионална поддршка за протестите
И Факултетот за драмски уметности во Скопје изрази поддршка за колегите од Србија велејќи дека даваат целосна поддршка на белградскиот факултет за драмски уметности во блокадата на факултетот, сѐ до конечна правда и одговорност по инцидентите што се случија на 22 ноември 2024 година, на редовно пријавената комеморативна средба за жртвите во Нови Сад.
„Проблемите кои егзистираат во сите земји од овој регион се речиси исти – кородирани институции, нетранспарентност, корупција и слично. Кога во една од овие земји има движења како сегашните во Србија, тие имаат импакт не само во таа земја туку и на целиот регион. Оттука, солидарноста е есенцијална. Со неа не само што се охрабруваат оние кои протестираат да продолжат туку и се дава сигнал до тамошните институции дека милиони лица го следат развојот на настаните“, додава асистентот на Правниот факултет Битраков.
Освен македонските, со српските студенти изминатиот период се солидаризираа и други нивни врсници низ регионот.
Во Црна Гора за поддршка се потпишаа над илјада студенти. Сцените со напади врз српските студенти за време на протестите, според нив, само покажуваат дека „структурите на моќ никогаш не им е сеедно кога студенти ќе одлучат да се кренат“.
„Балканот мора да се разбуди. Важно е да ги следиме организираноста и бескомпромисната слобода на младите луѓе и студентите од соседна Србија“, кажа студентот Мило Перовиќ за време на собирот пред Правниот факултет во Подгорица.
Група студенти од повеќе факултети на Универзитетот во Бања Лука, исто така, во неколку наврати се собра пред културниот центар во универзитетскиот кампус за поддршка на протестите во Србија.
Стотина студенти на 26 декември излегоа пред зградата на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево за да се солидаризираат со српските колеги. Од протестот тие побараа и одговорност за трагедијата во Јабланица на 4 октомври во која за време на поплавите и поради одроните загинаа 19 лица, за што се води истрага.
„Молкот не смее да биде она што ќе ја одбележи генерацијата на која припаѓаме. Ги будиме оние кои не забораваат, оние кои бараат, оние кои веруваат“, рече една од студентките.
„Студентите се навредувани и заплашувани“
Администрациите на осумте факултети на Универзитетот во Белград, кои се наоѓаат на Студентскиот плоштад, на 26 декември излегоа со заедничко соопштение во кое укажаа на заканите што ги добиваат студентите од тие факултети и побараа од надлежните органи да ги идентификуваат, уапсат и гонат оние кои ја загрозуваат безбедноста на студентите.
Во соопштението се вели дека нивната безбедност е загрозена и со јавувања и испраќање пораки од непознати броеви, со навреди на полова основа, со употреба на непристојни зборови и упатување директни закани.
Во блокадите ширум Србија веќе се вклучени над 50 факултети од четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Бараат објавување на комплетната документација во врска со реконструкцијата на настрешницата која се урна на железничката станица во Нови Сад.
„Конкретно, недостигаат договори за тоа кој што работел на железничката станица и колку чинела, зошто цената на реконструкцијата пораснала за пет пати, како и кој е одговорен што железничката станица свечено била отворена двапати без дозвола за користење“, стои во објавата на профилот на Инстаграм со име „Студенти во блокада“, според описот - самоорганизирана, непрофитна, непартиска група студенти.
Тие бараат и отфрлање на кривичните пријави за студентите и активистите уапсени за време на протестите, како и прекинување на постапките доколку тие биле претходно поведени.
Студентските собири немаат партиски обележја, а опозицијата ги поддржа студентите во нивните барања.
Владата ги осудува протестите и блокадите што се одржуваат во градовите низ Србија повеќе од еден месец.
„Усташи“, „насилници“, „уличари“, „платеници“, се дел од навредите и обвинувањата што владините претставници и дел од провладините медиуми во Србија ги користат во последните за да ги дискредитираат студентските протести.
Паралелно со студентските блокади, речиси секој ден во акцијата „Застани, Србијо“ учествуваат стотици граѓани кои на 15 минути им оддаваат почит на 15-те жртви во несреќата.
Акциите симболично започнуваат во 11:52 часот, времето кога падна настрешницата.
Немо стојат на раскрсници, улици, плоштади, студентски кампуси и бараат исполнување на протестните барања.
Тринаесетмина беа уапсени поради сомневање за пропусти при реконструкција на железничка станицата и против нив на 30 декември се поднесени обвиненија.
При падот на настрешницата на 1 ноември загинаа и еден македонски граѓанин.