Достапни линкови

Протест за поддршка на српските студенти од нивните колеги во Сараево


Поддршка од студентите и професорите во Сараево за колегите од Србија, 26.12.2024
Поддршка од студентите и професорите во Сараево за колегите од Србија, 26.12.2024

Стотина студенти денеска (26 декември) се собраа пред Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево во знак на поддршка на колегите од Србија кои неколку недели по ред протестираат поради, како што велат, несоодветната истрага за несреќата со настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Студентите побараа одговорност и за трагедијата во Јабланица која се случи на 4 октомври, кога за време на поплавите поради одрон на камен и земја, животот го загубија 19 лица, за што Обвинителството води истрага.

„Нашиот молк не смее да биде она што ќе ја обележи генерацијата на која припаѓаме. Да бидеме оние кои не забораваат, оние кои бараат и оние кои веруваат“, порача една од студентките.

Студентите предупредија и на ситуацијата на ридот Требевиќ над Сараево каде постои закана за лизгање на земјиште во предградието Широкац, над кое се гради станбено-деловна зграда.

Претходно, поддршка на протестите во чест на загинатите во Нови Сад, оддадоа и студентите од повеќе факултети во Бања Лука. Студентите од Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац бараат апсење на оние кои ги нападнаа за време на протестите, но се бара и слобода за сите приведени активисти.

При падот на настрешницата во Нови Сад на први ноември, загинаа 15 луѓе. Две лица пак, беа тешко повредени.

Несреќата се случи четири месеци по свеченото отворање на станицата чија реконструкција траеше три години. За ваквиот инцидент веќе се приведени 13 лица. Меѓу нив е и, сега веќе поранешниот, министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ кој по неколку дена беше пуштен од притвор.

XS
SM
MD
LG