Достапни линкови

Државата слави независност во време на нови предизвици


Северна Македонија одбележува независност во време кога се очекува да го смени Уставот за да се приближи кон ЕУ. Прославата доаѓа на два дена откако се смени Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за злоупотреба на службена положба. Државата ја тресе и скандал со онкологија.

Политичарите положија цвеќе на гробовите на поранешните претседатели на државата. Армијата и полицијата во градскиот парк во центарот на Скопје изведоа тактички вежби. На истото место има и забавна програма и спортски активности. Државата ги награди истакнатите спортисти и спортски работници, а граѓаните може бесплатно да посетат музеи и археолошки локалитети низ државата.

Ова се само дел од активностите за одбележување на Денот на независноста на Република Северна Македонија - 8 Септември. Годинава Денот на независноста се одбележува под мотото „Гласник на слободата“.

Македонија пред 32 години се осамостои од Југославија.

Политичарите го честитаа празникот

Претседателот на државата Стево Пендаровски положи цвеќе на гробовите на неговите претходници – поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски.

Претседателот Пендаровски во видео честитката по повод 8 Септември, рече дека ги памети зборовите на првиот претседател Киро Глигоров, кој точно пред 32 години рече: „да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија”.

Претседателот Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот вели дека крајно време е не само на зборови, туку и во практика да се потврди дека може државата да се справи со сериозните проблеми со кои се соочува во долгиот тунел на транзицијата, која, како што вели, никако да ја завршиме.

„Од нас денес се бара да имаме функционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодат ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани“, порача претседателот на државата.

Активностите за одбележување на празникот стартуваа синоќа во Скопје со свечена академија на тема „32 години независност, на која се обрати премиерот Димитар Ковачевски.

„Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската унија, како и со внатрешната етничка инклузија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети“, рече премиерот.

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски положува цвеќе
Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски положува цвеќе


И владина делегација предводена од премиерот положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Во рамки на одбележување на независноста, премиерот на 8 септември присуствуваше и на презентирање на нова опрема и апарати во Градската болница „8 Септември“ во Скопје. Тој и ладни го стори истото, но апаратот што тогаш беше промовиран се уште не е пуштен во употреба. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека нема кој да управува со апаратот за зрачна терапија за онколошки пациенти, оти недостасува кадар.

Одбележувањето на независноста се случува во време кога државата ја тресат наводи за скандал на Клиниката со онкологија, за наводно препродавање и крадење лекови за болни од рак.

Денот на независноста се одбележува и во време кога од земјата се очекува да го промени Уставот, за да напредува на патот кон Европската унија. Процесот за промена на Уставот, со што Бугарите да бидат вклучени во него започна минатиот месец, но поради потребното двотретинско мнозинство за кое власта нема поддршка од опозицијата, продолжението ќе се одржи, како што е најавено, тогаш кога ќе се создадат соодветни услови.

Одбележувањето на роденденот на државата доаѓа откако пред два дена во Собранието, во експресна постапка беа усвоени измени на Кривичен законик, со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба.

„Измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување. Не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и од комунистички режим“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

На денешен ден пред две години во пожар во модуларната болница во Тетово за време на ковид кризата изгореа 14 луѓе, па за одбележување на годишнината од тој настан, во Тетово ќе се одржи протестен марш.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека овој ден е круната на македонската борба за слобода, државност и независност. Но, вели Мицкоски, сонот што го имале генерациите за напредок и горда земја, сега бледнее, особено сега, кога се живеат, како што вели „најмрачните години од самостојноста“.

„Години на безочен криминал, на сеприсутна корупција, на власт на која поважен и е личниот бизнис отколку животот на обичниот човек. Трагедиите во последните години ни станаа секојдневие, недостигаат лекови, недостигаат учебници, недостига правда, но најмногу од сé недостигаат граѓаните кои си заминуваат од својата татковина поради неуспесите, поразите, погазеното достоинство и распадот на системот“, рече Мицкоски.

Тој додава дека овој празник е во исто време и празник на надеж и празник на борба за Македонија.

„Таа борба никогаш нема да престане“, порача лидерот на опозицијата.

Свечена академија за одбележување на Ден на независноста
Свечена академија за одбележување на Ден на независноста


Честитки за Денот на независноста испратија и други политичари и функционери. А честити доаѓаа и од надвор.

Со фотографија и ведео од македонски војници во заеднички операции, НАТО Алијансата го честитаа Денот на независноста на Република Северна Македонија. Честитката беше објавена на официјалниот профил на НАТО на платформата Х (поранешен Твитер).

Честитка дојде и од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Соединетите Американски Држави ја поддржуваат Северна Македонија во спроведувањето на реформите за интегрирање во Европската унија и воспоставување уште посилни односи со соседните европски земји“, наведува Блинкен.

Триесет и две години независност

На денешен ден пред 32 години над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG