Оддели за онкологија и за нефрологија и зајакнување на лабораториите е тоа што првично се планира за Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ по најавата од Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), дека таа ќе се реорганизира за да стане регионален центар за лекување пациенти од Скопје, Куманово и Велес.
Детали за тоа што ќе се случува со поранешна Воена болница официјално не се споделуваат, но владини извори за Радио Слободна Европа(РСЕ) велат дека промената нема да биде брза - реорганизацијата ќе биде во фази и ќе трае најмалку две-три години.
Отворањето на оддели за онкологија и нефрологија е првата фаза за која се очекува да заврши до летово. Во следна фаза е планирана поголема реконструкција која ќе зависи од тоа дали ќе се обезбедат пари.
„Мислам дека ГОБ „8 Септември“ треба да биде втора клиничка болница во Скопје. Треба да ѝ се дадат повеќе ингеренции. ГОБ „8 септември“ треба да остане како и досега добар „бекап“ за Клинички центар, изјави Арбен Таравари, министер за здравство, на 10 февруари.
Радио Слободна Европа (РСЕ) побара, но не доби одговор од директорот на ГОБ „8 септември“, Синиша Стојановски, за тоа од кога и какви промени ќе се прават во болницата.
Промените во функционирањето на ГОБ „8 Септември“ се дел од планот за регионализација на болниците, што здравствените власти често го споменуваат. Целта е да профункционираат неколку регионални центри за да се намали напливот на пациенти од цела држава во Клиничкиот центар во Скопје.
Но, раководството на болницата во Куманово дознало за планираните промени од медиумите.
„Ние во Општа болница Куманово сме одговорни за пациентите и од Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце. Услугите за кои имаме кадровски, технички и просторни капацитети ги покриваме на секундарно ниво, а за она за што не можеме да ги покриеме ги испраќаме на скопските клиники. Претпоставувам дека со регионализацијата, сега ќе ги упатуваме и во ГОБ „8 Септември“ бидејќи тоа е сериозна болница и во поглед на кадровската екипираност и во поглед на техничкиот дел“, вели директорот на кумановската болница, д-р Стефан Трајановски.
Во изјава за РСЕ, тој додава дека немаат добиено официјален допис од Министерството или од Фондот за здравство, но според она што е најавено, тој очекува подобра синхронизација во функционирањето на здравствените установи.
Радиотерапија во ГОБ „8 септември после јуни?
Радиотерапијата во ГОБ „8 Септември“ би почнала во втората половина на годината, потврдија од Министерството за здравство за РСЕ.
Стручен кадар од оваа установа во моментот е на обука на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Директорот на Воена болница, Синиша Стојаноски, на прес-конференција рече дека тие веќе се спремни да почнат со таблетарна и субкутана апликација на онколошката терапија.
Акцелераторот во болницата „8 Септември“ со кој ќе треба да се третираат пациентите со канцер беше промовиран во 2022 година. Тогашниот премиер, Димитар Ковачевски, поранешниот министер за здравство Беким Сали и екс директорот на болницата, д-р Христијан Костов порачаа дека апаратот ќе биде ставен во полна функција до крајот на 2022 година, но тоа не се случи.
Од ресорното министерство за РСЕ велат дека акцелераторот во оваа болница е функционален, но треба да помине постапка за да се добие дозвола да се почне со радиотерапија.
Идејата за отворање онколошко одделение во „8 Септември“ донесе надеж кај пациентите дека на Клиниката за онкологија ќе се намали метежот кој се создава од напливот на сѐ повеќе болни. Пациентката Ана Марјановиќ смета дека тоа сепак најдобро би функционрало, доколку таму се дисперзира терапијата од онкологија.
„Мислам дека конзилијарните мислења треба и понатаму да доаѓаат од Клиниката за онкологија, а во „8 Септември“ да се дисперзира дел од терапијата. Замислата за онколошки одделенија во болниците во Битола, Штип и Тетово направи хаос. Очигледно е дека таму нема координација со Клиниката за онкологија“, изјави Марјановиќ за РСЕ.
Нови рокови за недовршените болници
Според здравствените власти, регионализацијата би се правела така што во текот на 2025 година би се завршила изградбата на почнати, но недоградени нови болници, а за други би се ценело кои услуги треба да ги даваат за да не се дуплираат со блиска болница (како пример се посочуваат болниците во Охрид и во Струга).
„Оваа година во план ни се четири болници да ги почнеме - во Струмица, „Свети Еразмо“ во Охрид, во Кичево и во Штип. Оптимист сум барем болницата во Струмица и „Свети Еразмо“ да завршиме оваа година, а во Штип и во Кичево да продолжиме со работите, барем за две години да бидат готови“, изјави Таравари.
Во Струмица, новото крило на општата болница беше завршено во 2021 година. Објектот е готов, дел од опремата е инсталирана, но не можеше да се приклучи струја поради проблеми со трафостаницата.
Сега во него е сместен одделот за гинекологија и акушерство.
Болницата во Штип, објект од 34.000 квадратни метри, се уште е карабина и по речиси 9 години од изградбата, која беше стопирана поради судски спорови со изведувачот, грчката компанија „Интеркат“.
Покрива околу 250.000 жители од десетина градови во источниот регион.
Владата бара странски инвеститор да ја заврши изградбата.
Светската здравствена организација (СЗО) во март 2024 година направи истражување за тоа како функционира болничкиот сектор во Северна Македонија. Забелешките беа дека има голем број болници, кои се фрагментирани.
„Ние имаме, зависно како ги броиме, околу 70 болници на 1,8 милиони жители. Голем дел од нив се недоволно искористени, кај голем дел нерационално се преклопуваат здравствените услуги. Една од препораките на експертите е да се направи интегрирање на универзитетските клиники во единствен координиран систем заради подобра искористеност на ресурсите и оптимизација на истите“, рекоа од СЗО на презентацијата на извештајот.
На ГОБ „8 септември“ ѝ недостигаат 10.000 квадратни метри за да биде Клинички центар
Идејата за нов Клинички центар, која ја туркаа различни влади повеќе од една деценија, засега е ставена на пауза. Допрва ќе се проценува дали нов Клинички центар воопшто треба да се гради или можат да се искористат капацитетите на постоечките болници, но со нова организација.
На ГОБ „8 септември“ ѝ недостигаат 10.000 квадратни метри за да биде Клинички центар. И тука се во игра повеќе опции, како на пример да се догради неопходната квадратура на земјиштето до болницата што е во сопственост на државата.
И министерот Таравари, и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, сметаат дека ГОБ „8 септември“ има најдобри технички и кадровски услови за да биде регионален центар бидејќи и сега во неа се препраќаат пациенти од други болници, како и од Клиничкиот центар.
„Демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти. Дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември‘“, изјави Клековски.
Според него, ГОБ „8 Септември“ поседува 150 квадратни метри по болнички кревет наспроти старата градска болница, каде има нешто повеќе од 30 квадратни метри.
Раководството на ГОБ „8 септември“ и од поранешната влада бараше болницата да се унапреди во клиника, со образложение дека во неа има кадар што ги исполнува условите и за наставно - научна дејност.
Во време на ковид-пандемијата, ГОБ „8 септември“ функционираше како ковид-центар.
Различни влади имаа различни идеи за тоа какоИдејата за нов Клинички центар, која ја туркаа различни влади неколку децении наназад, да се прави за да се растовари Клинички центар - една идеја беше да се прави нов, надвор од Скопје, а другата, да се гради нов објект на сегашната локација, на местото на Клиника за гинекологија и да се спои со околните објекти.
Ниту една од двете идеи не е реализирана.